Онлајн-совети и информации за земјоделците

Ветените совети ги има на интернет. Фото: Скриншот

ПРОЕКТ: ВИРТУЕЛЕН ЦЕНТАР ЗА СОВЕТОДАВНИ СЛУЖБИ

Во рамки на овој проект ќе се креира корисна веб-страница која ќе содржи пишани и видеоматеријали за едукација и информирање на земјоделците за технологијата на производство (подготовка на земјата, примена на агротехнички мерки, заштита на производството), активности кои се спроведуваат по бербата, маркетинг и пласман на земјоделски производи. Покрај агротехнолошките совети, страницата ќе обезбедува и информации за земјоделците во врска со цените на земјоделските производи, најнови вести, временска прогноза и други, кои се од полза за земјоделците. Веб-страницата ќе биде организирана и одржувана од страна на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. (Рок : Прва половина на 2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која го бараше гласот на граѓаните на парламентарните избори во 2014 година, на 182 страница, ВМРО-ДПМНЕ даде и ветување за веб-сајт со пишани и видеоматеријали за едукација и информирање на земјоделците, но и со информации во врска со цените на земјоделските производи, временска прогноза и вести. Како рок за остварување беше наведена првата половина на 2015 година. Според ветувањето, веб-сајтот требаше да биде организиран и одржуван од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Според утврденото од истражувањето, ова ветување е исполнето.

Доколку го отвориме веб-сајтот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, ќе видиме дека сите тие работи ветени од ВМРО-ДПМНЕ се присутни на него, иако не е подготвен посебен сајт.

Така, на сајтот имаме оддел за цените на земјоделските производи, имаме оддел за совети од различни области на земјоделското производство. На насловната страница на сајтот на агенцијата, на која се и линковите до овие други содржини, има и линк до делот Земјоделски календар во кој по месеци се наведени активностите што треба да се преземаат. Има и календар за заштита на земјоделските култури.

Во делот Совети, до кој се доаѓа преку главното мени на страницата горе, наоѓаме видео содржини, кои најчесто се прилози од специјализирани емисии за земјоделците од комерцијалните национални и регионални телевизии.

Според утврденото, ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за веб-сајт со совети и корисни информации за земјоделците, е исполнето.

 

ИЗВОРИ

  • Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014-2018 (стр. 182) [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Цени на земјоделски производи [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Совети [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Земјоделски календар [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Календар заштита на земјоделски култури [Пристапено: 30.05.2016]
  • Веб-сајт на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Совети [Пристапено: 30.05.2016]

 

Oценето од: Сашо Спасоски

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.