Општина Чашка ја доби првата градинка

Фото: Официјална Фејсбук страница на градоначалникот Горан Стојановски

ВЕТУВАЊЕ: Отворање градинка во Чашка

[Извор: Изборна програма на  Горан Стојановски за локални избори 2017 година, „Живот во Чашка! За сите!“ (стр. 12), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за отворање градинка во Чашка е исполнето ветување на градоначалникот на оваа Oпштина, Горан Стојановски. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година, насловена како „Живот во Чашка! За сите!“ (стр.12).

Градинката беше најавена дека ќе се гради уште за време на мандатот на претходниот градоначалник, Горанчо Пановски. Тој на 28.03.2017 година, на својот официјален Фејсбук профил, објави дека почнала да се гради планираната детска градинка, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Изградбата на нова детска градинка е од големо значење за жителите на општина Чашка бидејќи ваков објект нема во општината, а истиот ќе биде со капацитет да згрижи 30-тина дечиња од претшколска возраст. Во тек се активности и адаптација на внатрешноста на објектот со цел да ги задоволи стандардите на згрижување на децата во оваа градинка. (Пановски)

Градинката како ветување се најде и во изборната програма на сега актуелниот градоначалник на општина Чашка, Горан Стојановски. Тој на оваа функција дојде во октомври 2017 година, по одржаните локални избори на 15.10.2017 година.

Од Општината во изјава за „Вистиномер“, објаснуваат дека објектот каде сега е градинката бил објект на државата кој го користела Општината за свои потреби, како одржување на седници на Совет и слично. За време на мандатот на претходниот градоначалник (Горанчо Пановски), Општината побарала дозвола од државата и со согласност на Владата, добила дозвола да го користи објектот, односно да го пренамени во градинка. За време на мандатот на Пановски, бил сменет кровот на објектот и се извршило прилагодување на објектот, додека, пак, за време на мандатот на актуелниот градоначалник, Стојановски, е извршена целокупната набавка за потребите на градинката, како внатрешниот ентериер и друго. Инвеститор е Министерството за труд и социјална политика, додека Општината само ги спроведувала набавките и договорите.

На 04.06.2018 година, на официјалната Фејсбук страница на актуелниот градоначалник Горан Стојановски, беше објавено дека во присуство на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски и Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во населба Чашка свечено е отворена новата детска градинка „Бамби“ која е клон на градинката „Димче Мирчев“ од Велес.

Се работи за наменски адаптиран простор на површина од 94 м2 и двор од 275 м2, кој има капацитет за згрижување до 50 деца од предшколска возраст. Изградбата и опремувањето на градинката „Бамби“ се обезбедени со средства на МТСП, во вкупен износ од 3.072.647,00 денари. Новата градинка значително ќе придонесе за зголемување на згрижувачките капацитети во овој регион. И понатаму остануваме посветени на реализација на ветувањето да се зголеми опфатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот.

Веста истиот ден ја пренесоа и дел од медиумите.

Општина Чашка ја доби првата градинка „Бамби“. За изградба на објектот Министерството за труд и социјална политика потроши 3.072.647 денари. Се работи за наменски адаптиран простор кој ќе функционира во рамките на ЈОУДГ „Димче Мирчев“ Велес. Тука ќе се згрижуваат до 50 деца, организирани во 2 групи, на возраст од 2 до 6 години, јави Макфакс.

Имајќи предвид дека градинката почнала да се гради во времето на претходниот градоначалник, Пановски, а дека била завршена и отворена во време на актуелниот градоначалник Стојановски, од она што како информација ни го дадода од општината, може да се заклучи дека двајцата градоначалници завршиле по 50 отсто од работите со цел пуштање во употреба на градинката во Чашка. Според тоа, може да се каже дека ветувањето на градоначалникот на Општина Чашка, за отворање на детска градинка, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.