Општина Илинден доби контејнери за селектирање на отпадот

Фото: Веб сајт на О. Илинден

Жика Стојановски, старо-новиот градоначалник на Општина Илинден во својата предизборна програма Нова ера за Илинден, во делот на заштитата на животната средина, има ветено прокет за интегрирано управување со комуналниот цврст отпад во општината

 

Во предизборната програма на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, се наоѓа и ветување поврзано со заштитата на животната средина за кое оценуваме дека е во тек.

Проектот обезбедува набавка на опрема за примарна селекција на комунален отпад, како и обработување, односно компостирање. Средства: 12.000.000,00 денари. Извор на финансирање: Буџет на Општината. Рок – континуирано

[Извор: Предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Илинден, датум: септември 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Жика Стојановски, старо-новиот градоначалник на Општина Илинден во својата предизборна програма Нова ера за Илинден, во делот на заштитата на животната средина, има ветено прокет за интегрирано управување со комуналниот цврст отпад во општината.

Рокот за спроведување на оваа мерка е континуирано за време на целиот мандат до 2021 година, а тој е составен од две мерки. Првата е примарна селекција на отпадот во опрема-контејнери или канти наменети за тоа, а втората е обработување или производство на компост од органскиот отпад.

На сајтот на Општина Илинден може да се најде податок дека еден дел од ова ветување е делумно реализиран.

Во рамки на проектот на Општина Илинден за интегрирано управување со комуналниот цврст отпад, како и обезбедување на поздрава животна средина, се изврши набавка и поставување посебни контејнери за хартија, пластика и стакло, каде што граѓаните ќе можат да фрлаат селектиран отпад.

Во информацијата со датум од 27.03.2018 година се наведува дека контејнерите за селекција на цврстиот комунален отпад се поставени на три места – пред Домот на културата во Илинден, потоа на фрекфентни места во населеното место Марино и на влезот во населеното место Кадино. Покрај тоа, наведена е и информацијата дека општината продолжува со набавка на нови контејнери со цел да покрие што поголем дел од домаќинствата во сите населени места.

Истата информација е објавена и на еден веб сајт што информира генерално за случувања во Скопје. Покрај тоа, на една национална телевизија може да се најде информацијата дека како дел од унапредување на комуналните услуги за собирање на отпадот, Општината уште при крај на јануари претходната година, веќе набавила и две свои возила за таа намена.

Го проверивме и сајтот на Јавното комунално претпријатие Илинден, чија една од основните дејности е токму управувањето со отпадот. Општината, според документите што можат да се најдат таму, има организирано собирање на отпад од неколку индустриски и други стопански објекти, како и од околу 4.300 домаќинства. На годишно ниво ЈКП Илинден собира околу 5.500 илјади тони смет кои ги одлага на Дрисла и тоа според редовно утврдена динамика. Со проектот што го ветил градоначалникот Стајановски дел од овој смет во иднина ќе се преработува во самата општина во компост, т.е. ѓубриво произведено од отпад од растенија, но откако ќе се изгради компостара.

Според проверките и фактите што ги изложивме, може да се оцени дека ветувањето на градоначалникот за интегрирано управување со цврст комунален отпад е во фаза на реализација или е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција