Општина Карпош отворa нови паркови за миленици

Паркот за миленици во Влае 2 Фото: karpos.gov.mk

ПАРКОВИ ЗА МИЛЕНИЦИ На повеќе локации во Карпош, во консултација со здруженијата за заштита на животните, ќе отвориме паркови за домашни миленичиња, со цел да создадеме уреден простор за милениците

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.26) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев за локалните избори (октомври 2017) вети дека на повеќе локации во Карпош ќе бидат отворени  паркови за домашни миленичиња. Проектот е дел од предизборната програма на Богоев , „Живот во Карпош! За сите!“ (стр. 26), и неговата реализација е „во тек“.

Изминативе неколку месеци во Општината се отворени два нови парка за миленици. Во септември (2018) локалната самоуправа постави ваков парк на Кејот на Вардар во близина на Алпинистичката карпа. Станува збор за поголема површина, заградена и опремена со урбана опрема (клупи за седење и корпи за отпадоци).

Како што информираа медиумите,  градоначалникот  Богоев на неформалната средба со граѓани – сопственици на кучиња разменил мислења за одржувањето на паркот, подигнувањето на свеста кај сите граѓани за односот кон животните, а била изразена подготвеност и за заедничко организирање настани на оваа локација.

На почетокот на март (2019) во Општина Карпош  е отворен уште еден парк за миленици, во населбата Влае 2, долж Кејот на Вардар во близина на фудбалското игралиште. Медиумите информираа дека во новоотворениот парк се одржала и маалска дружба на која бил и градоначалникот Богоев, како и претставници од Кинолошкиот сојуз, како асоцијација што се занимава со проучување на кучињата и нивните расни карактеристики. Како што беше пренесено, Богоев ја истакнал намерата на локалната самоуправа да продолжи со вакви проекти и зони за миленичиња.

Овој дел од Влае целосно се оплеменува. Имаме повеќе спортски игралишта, детско игралиште, зеленило, а сега и парк за миленици. Во вистинска смисла ова е зона за рекреација на сите граѓани. (Богоев)

Имајќи предвид  дека до крајот на мандатот на Богоев  има повеќе од две години, како и најавата за отворање вакви паркови на други локации, ветувањето добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.