Не е формиран инкубатор за мали претпријатија во Општина Кисела Вода

Само најави за бизнис инкубатор во Кисела Вода, Фото: Принтскрин

Проект: Инкубатори за малите претпријатија.

Целта на овој проект е поддршка и развој на мали претпријатија што ќе ги основаат младите и луѓето што имаат идеја да започнат сопствен бизнис. Инкубаторот за малите претпријатија ќе биде сместен во просторија што ќе ја обезбеди самата општина, а ќе се користи без паричен надоместок. Инкубаторот ќе овозможи целосна поддршка на новосоздадените фирми, како и на фирмите во развој, односно користење на работниот простор, уредите, опремата, како и на менаџерски, технички и советодавни услуги. Инкубаторот ќе биде во можност да опслужува 5 до 7 микро и мали претпријатија истовремено, а еден од условите за користење на работниот инкубатор, ќе биде фирмите да вработат определен број млади луѓе и да воспостават програма за стажирање. Сите активности и обврски би се регулирале со договор помеѓу општината и фирмите. Предвидено е проектот да се реализира во соработка со определени здруженија на граѓани што работат во оваа област. (Рок за реализација: 2014-2017 година).

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за формирање на инкубатори за мали претпријатија е ветен во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година за Општина Кисела Вода (дел Локален Економски Развој, стр. 19) каде кандидат и актуелен градоначалник е Билјана Беличанец-Алексиќ. Со овој проект е предвидено да се овозможи поддршка за развој на мали претпријатија формирани од млади лица при што Општината би ги дала на располагање просториите без паричен надоместок. Досега (07.02.2017), нема информации дека се спроведени активности за имплементација на овој проект, затоа ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Темелно ја разгледавме веб – страницата на Општина Кисела Вода како и документите кои се ставени на увид. Проектот за формирање на Инкубатори за мали претпријатија не е споменат во Отчетот за реализираните дела на градоначалникот на општина Кисела Вода во првите 365 дена од мандатот. Проектот единствено се споменува во Службен Гласник на Општина Кисела Вода за месец ноември 2015 година како дел од програмата за Локален економски развој за 2016 година. Во гласникот е наведено дека за спроведување на овој проект Општината ќе издвои 500.000 денари и дека истиот би се имплементирал во текот на 2016 година. Проектот се споменува и во Стратегијата за поддршка на мали и средни претпријатија и претприемништво на Град Скопје, за периодот 2014 – 2017 година под назив „Бизнис инкубатори во град Скопје и скопските Општини”. Во стратегијата е наведено дека имплементацијата на проектот би започнала во 2016 година. Сепак, нема јавно достапни информации дека во 2016 година се спроведени активности за реализација на овој проект. За тоа што се случлува со овој проект, „Вистиномер“ праша и во Општина Кисела Вода, но досега (07.02.2016) оттаму  не добивме одговор.

Имајќи предвид дека рокот за имплементација на проектот за формирање на инкубатори за мали претпријатија е 2014 – 2017 година (мандатот завршува во мај 2017), а досега нема достапни информации дека се спроведени некакви конкретни активности за негова реализација, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција