Општина Центар доби Банка за храна

Фото: Општина Центар

 

ВЕТУВАЊЕ: Нула глад во Општина Центар – Отворање банка за храна. Целна група: Лица под социјален ризик Рок: До 2019 година

[Извор:Изборна програма на СДСМ „Живот во Центар за сите“(стр.16), датум:октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за отворање банка за храна и спроведување на проектот „Нула глад“ на територијата на Општина Центар, е исполнето ветување на градоначалникот Саша Богдановиќ. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година, насловена како „Живот во Центар! За сите!“ (стр. 35).

По примерот на други општини во светот, како и во Република Македонија, и Општина Центар ќе добие Банка за храна. Ова значи дека сите заинтересирани производители и дистрибутери на храна и на прехранбени производи ќе донираат дел од својот асортиман што ќе им биде наменет за оние на кои им е најпотребно. Општина Центар ќе обезбеди посебен простор за потребите на Банката за храна и ќе води евиденција за континуирано прифаќање, распоредување и дистрибуирање на храната, се наведува во програмата.

На 16.06.2017 година, градоначалникот Богдановиќ и претседателот на  Здружението за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица „Храна за сите – БХМ“, Душко Христов, потпишаа меморандум за соработка со цел да се создадат услови за заедничко делување и посветеност во борбата против сиромаштијата и гладот преку формирање на „Банка за храна“ на локално ниво.

Меморандумот го потпишаа директорот на ПОЦ Саша Богдановиќ и претседателот на Здружението, Душко Христов и најавија заедничка соработка и делување за создавање услови преку кои ќе се постигне деловна соработка помеѓу субјектите, обезбедување на храна и прехранбени производи од компании и деловни субјекти кои тргуваат со храна, донирање на обезбедената храна на оние категории на кои најмногу им е потребна, подигнување на хуманоста на граѓаните и намалување на степенот на глад кај социјално загрозените и сиромашни лица, организирање на заеднички хуманитарни акции и унапредување на соработката со други заинтересирани субјекти, јави МКД.мк.

На 28.03.2018 година, како што пренесе Вечер, градоначалникот Богдановиќ, за време на промоцијата на проектот „Градење на капацитетите и негување на одговорност за вистинско ублажување на сиромаштијата и гладот“, говорејќи за системот на банки за храна, информира дека во Општина Центар веќе е обезбеден простор во Народната кујна, од каде ќе се доставува храна до корисниците на социјална помош, но и сите на кои им е неопходна.

Се надевам дека во најбрзо време во соработка со сите чинители – Министерството за труд и социјална политика, бизнис секторот, луѓето кои произведуваат и дистрибуираат храна, но и сите што сакаат да донираат, ќе може направиме еден систем во кој наместо таа да се фрла да се донесе до тие на кои најмногу им е потребна, рече Богдановиќ.

На 28.03.2018, дел од медиумите јавија дека Општина Центар е првата скопска општина која ќе се вклучи во „Банка за храна“.

Просторот е веќе обезбеден и изгласан на седница на Советот на општина Центар. Со ова ќе го дадеме својот придонес да се намали бројот на гладните во Центар и  активно ќе се вклучиме во борбата против сиромаштијата и гладот – рече градоначалникот Саша Богдановиќ, кој е амбасадор за борба против гладот, јави Скопје инфо.

Веста беше пренесена и на официјалната веб-страница на Општина Центар.

На 15.12.2018 година, Плусинфо информира дека во Општина Центар почнал со реализација проектот „Нула глад“.

Со делењето на 150 пакети со храна и прехранбени производи на 150 граѓани од висок социјален ризик, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставникот од здружението Банка за Храна – БХМ, Душко Христов, денеска официјално го означија почетокот на реализацијата на проектот „Нула глад“ во Општина Центар.

Веста беше пренесена и на официјалната веб страница на Општина Центар.

Овие 150 граѓани секој месец во текот на целата 2019-та година ќе ги добиваат социјалните пакети, со што ќе им се олеснат месечните трошоци за основната исхрана, а општината со спроведувањето на овој проект, активно ќе се вклучи во борбата против сиромаштијата и гладот, информираа од Општината.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Општина Центар за отворање банка за храна и спроведување на проектот „Нула глад“, е исполнето.

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција