Општината може да не се согласи за депонија, но Владата може да наложи поинаку

Централната власт има законски механизми да донесе спротивна одлука од општината. Фото: обработка на Вистиномер

 

Градоначалникот на Општина Дебарца Зоран Ногачески даде изјава во врска со намерите да се изгради Интегриран систем за управување со отпадот во Југозападниот регион, која ја оценуваме како делумна вистина:

Треба да се склучи спогодба и со таа спогодба понатаму треба да се дефинира како ќе се менаџира како ќе се управува со тој систем, значи Советот на Општина Дебарца на крајот ќе треба да даде согласност, односно нема да ја даде таа согласност. Така да јас мислам дека уште еднаш треба да се преиспитуваат тие одлуки кои сепак не се дефинитивни, тоа беше една физибилити студија во која беше посочена дека таму треба да биде локацијата, навистина да се изнајде едно решение кое што најмалку ќе биде штетно.

[Извор: ТВ М; Датум 16.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебарца во изјава која може да се види на веб – сајтот на охридиската телевизија ТВМ вели дека Општината нема да склучи спогодба со другите општини од Југозападниот плански регион за изградба на регионална депонија за управување со отпад во близина на Годивје, село во општина Дебарца и дека Советот на Општината на тоа има право според Законот за управување со отпад. Затоа тој сугерира да се бара друго решение, бидејќи оваа иницијатива била според „една физибилити студија“.

Ногачески се повикува на Законот и на референдумот којшто во октомври го спроведе Општината за ова прашање и според кој жителите не поддржуваат решение со кое централната станица за управување со отпад треба да биде сместена на територијата на нивната општина.

Во Законот за управување со отпад, како што вели Ногачески, навистина се пропишува дека при регионалното управување со отпад општините треба да се здружат и да потпишат договор. Но, Законот предвидува и друга можност, а тоа е одлуката да ја донесе и централната власт.

Во членот 23-а од Законот, во шестиот став, се наведува дека ако постои несoгласување и ако со тоа се нарушат целите утврдени со Плановите и Стратегијата за управување со отпад, тогаш настапува централната власт:

Во случаите кога општини, односно градот Скопје нема да се здружат, односно нема да ја склучат спогодбата од ставот (2) на овој член, а со тоа се нарушуваат целите за управување со отпадот утврдени со Стратегијата за управување со отпад и Планот за управување со отпад на Република Македонија, на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, Владата на Република Македонија донесува одлука со која ќе го определи регионот со општините за воспоставување на регионален систем, како и рокот во кој општините треба да ја спроведат одлуката заради здружување во регионален систем.

Проблемот не е нов и опфаќа многу аспекти. Од загадувањето на животната средина поради нестандардните и дивите депонии за отпад што ги има во регионот (10 активни или пасивни нестандардни и 87 диви, од кои во најлоша состојба се кичевската и дивата струшка), до законските и подзаконските акти, а ги има многу, до директивите на ЕУ за третирање на отпад и до намерите на сите локални и централната власт да сторат нешто повеќе по ова прашање.

Накратко, во два документа на Министерството за животна средина – ад-хок извештајот (после петта мин. од разговорот) и Студијата за влијанието врз животната средина, од десетина локации во Југозападниот регион, експертите од сите аспекти (финансиски, загрозување на животната средина, економски, итн), ја избрале како најповолна локацијата наречена Г-2 кај помеѓу селата Лактиње и Годивје во Општиина Дебарца. Тоа може да се види и од следниот документ на Министерството, Писмо за намери…, како и од Студијата за влијание врз животната средина во југозападниот регион (шеста по ред од сите студии од горе надолу).

Општината Дебарца е наjмала општина во целиот регион, има околу 5.500 жители и навистина создава најмало количество на отпад. Гласачите што излегле на референдумот, вистина решиле дека не сакаат депонија.

Но, сосема е јасно дека волјата на граѓаните на Дебарца изразена и на референдум и одлуките на Советот на Општината не мора да биде пресудна за конечното решение. Поради тоа, а и поради фактот дека т.н. ад-хок извештај каде била утврдена најповолната локација, која потоа е потврдена и со студијата за влијанието за животната средина се сериозни документи со многу параметри, изјавата на градоначалникот на Дебарца Ногачески ја оценуваме само како делумно вистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција