Не се забележува поголема отвореност на Собранието

Фото: sdsm.org.mk

Во соработка со партнерите од регионалната мрежа на НВО-и „ACTION SEE“, Метаморфозис – Фондацијата за интернет и општество,  изготви студија на јавна политика во која го анализира нивото на транспарентност, отвореност и отчетност на властa во регионот на Западен Балкан. Студијата претставува резултат на опсежно истражување, базирано на научна метода, спроведено од членовите на мрежата ACTION SEE во текот на изминатите неколку месеци. Целта на овој обемен проект воден од Метаморфозис  фондацијата,  е да се утврди вистинската состојба во регионот преку објективно мерење на отвореноста на власта и да се адресираат препораки за нејзино подобрување.  Во овој текст накратко ви ги претставуваме резултатите добиени за  законодавната власт  – Собранието на Република Македонија

 

 

Отвореноста на македонскиот Собрание е на исто ниво како и минатата година, односно исполнува 58% од индикаторите за отвореност, што е за 1% помалку од 2017 година.

Резултатите за 2018 покажуваат дека променетиот собраниски состав на македонското Собрание и новото владејачко мнозинство сè уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција. И покрај демонстрираниот интерес да се работи на поголема отвореност, блокирањето на Собранието од страна на опозицијата има влијание врз ваквите намери.

Ова, меѓу другото, се наведува во резултатите од неодамна објавенот истражување во рамки на проектот ACTION SEE што го спроведе, Метаморфозис, Фондација за интернет и општество, во соработка со други партнерски организации на Западен Балкан.

Опозицијата во најголема мера го блокираше работењето на Собранието поради определениот притвор на шест пратеници од опозицијата, за кои Обвинителство на РМ располага со податоци дека се вмешани во насилниот упад во Собранието од страна на стотина граѓани. Упадот проследен со насилство врз пратеници од сегашното мнозинство се случи откако после четири месеци од конститутивната седница на новиот состав на Собранието, на 27 април 2017 беше избран нов претседател на Собранието, што според опозицијата, беше направено спротивно на деловничките одредби.

Останува забелешката од истрaжувањето во 2017 дека Собранието на РМ треба да работи на подобрување на отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на сесиите, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела.

 

ПОДОБРУВАЊЕ НА КОНСУЛТАТИВНИТЕ ПРОЦЕСИ ПРИ НОСЕЊЕТО НА ЗАКОНИТЕ

Собранието во Македонија исполнува 61% од индикаторите за консултативни процеси со јавноста при носењето на законите и другите политики. Ваквиот резултат се должи на деловничката можност експерти и претставници на граѓаските организации да учествуваат на седниците на работните тела. Но, ваквата можност не е и обврска за Собранието.

Само за 50% од законите и другите акти или стратегии работните тела побарале мислење од јавноста, што уште еднаш потврдува дека консултативниот процес мора да биде гарантиран и задолжителен, а не да се практикува факултативно.

Дополнително, специфика на повеќе собраниски состави е носењето закони во скратена постапка.  Ако во 2016 г. од донесени 366 закони, дури 238 биле донесени во скратена постапка, во 2017 г. има незначително подобрување, па од вкупно 42 закони со скратена постапка биле донесени 24.

 

СОБРАНИЕТО НА МАКЕДОНИЈА УСВОИ ЕТИЧКИ КОДЕКС

Собранието на Македонија го усвои својот прв Етички кодекс на 11 јуни 2018, што е надвор од временската рамка кога се спроведуваше истражувањето, што пак придонесува за ниските 44% од индикаторите за отвореност во областа на интегритет на институцијата, каде исто така се оценуваат и правилата за лобирање (исполнети со 100%) и политиките за конфликт на интереси (оценети со 59%).

Сепак, донесувањето на Кодексот со консензус од страна на политичките партии во Собранието е за поздравување, но и македонското Собрание, исто како и собранијате во регионот, ќе треба да утврди јасни механизми за набљудување на имплементацијата на Етичкиот кодекс. Праксата од регионот покажува дека прекршувањето на Етичкиот кодекс не секогаш резултира со санкции, туку е предмет на политички договор. Конзистентната примена на Етичките кодекси е од круцијално значење за подигнување на степенот на политичката отчетност и на јавната доверба за работата на законодавната власт.

 

КОНТРОЛНИТЕ МЕХАНИЗМИ НА СОБРАНИЕТО

Индикаторите за Собраниски надзор се исполнети со високи 83%, а само собранијата на Албанија (88%) и на Црна Гора (93%) имаат подобри резултати. Резултатите се високи бидејки македонското Собрание ги гарантира вообичаените контролни механизми, како што се: пратеничките прашања, интерпелацијата, надзорните расправи, итн.

Сепак, 2017 г. беше специфична по тоа што основниот контролен механизам што го користи Собранието – пратеничките прашања – беа речиси неупотребени. Новоизбраната Влада одговараше само еднаш во првите 6 месеци од мандатот, а вкупно биле поставени 41 пратеничко прашање. Интенција, на Владата беше да се зголеми бројот на седници за пратенички прашања од еднаш на четири пати месечно, но оваа иницијатива не се реализираше од страна а Собранието.

 

ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР И ФИНАНСИСКА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Индикаторите за пристапот до информации и за финансиската транспарентност се на исто ниво – оценети со 61 и 62% исполнување на индикаторите за отвореност. Поразително е што Собранието на својата веб-страница го нема посочено офицерот за пристап до информации од јавен карактер, ниту ја ажурира и објавува на годишно ниво листата на информации од јавен карактер.

Индикаторите за отвореност, во поглед на државниот буџет, се за 2% пониски од минатата година и со 27% исполнување претставува најслабиот резултат  на Собранието.  Собранието го објавува предлог буџетот на државата, но не и финално изгласаниот Буџет на РМ или пак полугодишните извештаи за трошењето на буџетот, ниту завршната сметка. Собранието исто така не објавува линк до страницата на Државната комисија за спречување корупција каде што се објавуваат анкетните листови за имотот на пратениците, ниту објавува линк до Единствениот систем за јавни набавки.

 

МЕХАНИЗМИ ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ГРАЃАНИТЕ

Зголемувањето на исполнување на идикаторите за интеракција на Собранието со граѓаните од 61% на 64% е незначително, поради што препораките остануваат непроменети.

Собранието треба да направи повеќе во рамки на организацијата и усовршувањето на комуникациите преку расположливите алатки, да ги поттикнува пратениците повеќе да ги користат  и тие да бидат промовирани меѓу граѓаните.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција