Отвореноста на извршната власт во Македонија драматично се подобрува

Степен на отвореност на извршната власт во 6 земји од Западниот Балкан - прво и второ мерење. Графикон: Метаморфозис

Отвореноста на власта која може да се измери преку конкретни индикатори е еден од клучните апсекти на секое општество кое сака да се класифицира како демократија. Преку регионален проект воден од Метаморфозис фондацијата, во изминатите неколку месеци беше спроведено вакво истражување за повеќе земји од регионот на Западен Балкан, за да може да се направи споредба на регионлано ниво како стојат со отвореноста балканските демократии. Во овој текст накратко ви ги претставуваме резултатите добиени за иснтитуциите на извршната власт во Република Македонија

 

Отвореноста на власта која може да се измери преку конкретни индикатори е еден од клучните апсекти на секое општество кое сака да се класифицира како демократија. Преку регионален проект воден од Метаморфозис фондацијата, во изминатите неколку месеци беше спроведено вакво истражување за повеќе земји од регионот на Западен Балкан, за да може да се направи споредба на регионлано ниво како стојат со отвореноста балканските демократии. Во овој текст накратко ви ги претставуваме резултатите добиени за иснтитуциите на извршната власт во Република Македонија

 

Извршната власт во Република Македонија драматично ја подобрува својата транспарентност во однос на работењето споредено со други земји во регионот и моментално се наоѓа на второ место, додека самата Влада на РМ го зазеде првото место.

Ова се наведува во резултатите од неодамна објавенот истражување во рамки на проектот ACTION SEE што го спроведе, Метаморфозис, Фондација за интернет и општество, во соработка со други партнерски организации на Западен Балкан.

Всушност станува збор за студија на јавна политика во коа се анализираа нивото на транспарентност, отвореност и отчетност на извршните власти во државите од регионот.

 

ИЗВРШНАТА ВЛАСТ ВО РМ – ВТОРА ВО РЕГИОНОТ

Добрите резултати за севкупната извршна власт во поглед на отворноста најмногу се должат на отвореноста на Владата на РМ. Под извршна власт, спроведувачот на истражувањето ги сместил Владата на РМ, сите нејзини министерства одделно и органите на државната управа.

Таква оценка дава и Метаморфозис, кој добриот процент од 49 отсто исполнетост на индикатоорите во истражувањето го објаснува вака:

Ова значително подобрување на резултатот беше очекувано поради заложбите на новата Влада за враќањето на Македонија на патот на европската интеграција на државата. Владата започна со објавување на дневните редови на нејзините седници за работа, записници од одржаните седници, како и редовни соопштенија од работата на седниците на Владата; декласифицираше и објави документи и договори потпишани со странски инвеститори; испрати насоки до министерствата со листа на 21 документ коишто задолжително треба да ги објават на своите веб страници; воспостави алатка за отчетност на трошоците на носителите на јавни функции; беше укинат надоместокот на материјалните трошоци за дадени информации од јавен карактер во вид на електронски запис

Ваквиот релативно добар успех се должи и на активната работа пред се на Министерството за информатичко општество и администрација врз Стратегијата за реформи на јавната администрација во Република Македонија:

Беше усвоена и нова Стратегија за реформа на јавната администрација 2018-2022 во која една од приоритетните области е одговорноста, отчетноста и транспарентноста на јавната администрација со заложба да се зајакнат механизмите за достапност на информациите од јавен карактер, како и зајакнување на капацитетите и надлежностите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Дополнително, беше подготвена Стратегијата за отворени податоци која цели да се поттикне објавувањето и користењето на отворените податоци, со цел да се придонесе кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на државните институции, да се подобри квалитетот на услугите кои ги нудат и во исто време да се поттикнат иновациите.

 

НЕМА САНКЦИИ ЗА НЕОТВОРЕНОСТ

Меѓутоа, истражувачите забележале една закономерност која е „потпомогната“ од, така да се каже, политика на неказнивост за оние кои не ги спроведуваат насоките на Владата.

Станува збор за фактот потврден со истражувањето, дека отвореноста и отчетноста опаѓаат по вертикала од Владата на РМ, па надолу. Имено, ако самата Влада има највисоки оценки според исполентоста на индикаторите, над 76 отсто, како се оди надолу по министерствата, па преку министерствата до органите на државната управа, овие проценти значително се намалуваат.

Една од можите причини за тоа е, како што се наведува во истражувањето, и отсуството на санкции за органите на извршната власт кои не се баш толку ревносни во отвореноста:

Практиката покажува дека нема институција која била „санкционирана“ затоа што не била доволно отворена. Создадени се значајни разлики во отвореноста на Владата, министерствата и останатите органи на државната управа. Во Македонија, истражувањето покажува дека, повторно, индексот на отвореноста значајно паѓа од Владата, преку министерствата, па до останатите органи на државната управа, односно Владата исполнува 76% од индикаторите, министерствата во просек 46%, а останатите органи на државната управа исполнуваат само 24% од индикаторите на отвореност. Затоа концептот на отвореност мора системски да се реши.

 

ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ВЛАДАТА – ПОТРЕБНИ СЕ УШТЕ НАПОРИ

Истражувањето покажа дека Владата постигнала многу висок процент на исполнување на критериумите за транспарентност, отвореност и отечтност. Токму поради тој процент од над 76 отсто исполнетост на индикаторите таа се наоѓа на прво место во споредба со земјите од регионот.

Резултатите им беа презентирани и на претставници на Владата на РМ. Фото: Влада на РМ

Меѓутоа, истражувачите нагласуваат дека оваа висока бројка не треба да служи за „вообразување“, зашто целта е достигнување на меѓународни стандарди. Од тука во студијата се препорачуваат дполнителни мерки меѓу кои се ставање на увид на документите за кои одлучува Владата, со оглед на фактот дека „Службен весник на РМ“ е гласило кое е достапно со плаќање, па на овој начин граѓаните би имале поголема достапност до податоците од јавен интерес.

Освен ова, се препорачува и практика на снимање на владините седници и нивно поставување на Јутјуб канал, слично на практиката на поставување на прес конференциите по седницата на Владата, иако се нагласува дека тоа не спаѓа во законските обврски на Владата.

Поединечно гледано по индикатори, резултатите за Владата на РМ се следните:

Македонската влада го исполнува индексот за транспарентност со 69%, индексот на пристап со 77%, индексот на ефективност со 99%, а индексот на интегритет со 78%. Подобра земја во регионот во исполнувањето на индексот на интегритет е само Црна Гора со 89%.

 

МИНИСТЕРСТВАТА СО СЛИЧЕН ПРОСЕК КАКО ВО РЕГИОНОТ

Во документот во поглед на министерствата се наведува дека со просек на исполнување на критериумите од 46 отсто, се на исто ниво или малку подобри од просекот на министерствата во владите од земјите од регионот на Западен Балкан, каде тој просек за целиот регион изнесува 42 отсто.

Сепак, има големи разлики од министерство до министерство. Еве ги оценките на истражувачите:

Mинистерствата во државава варираат од 32% отвореност на Министерството за правда, што е под просекот на исполнување на индексот на отвореност од страна на министерствата, до највисоко рангираните меѓу министерствата, Министерство за труд и социјална политика со 64% и Министерството за финансии со 63% на исполнување на индикаторите на отвореност.

Едно од министерствата со највисоки оценки е Министерсвото за финансии. Во документот се појаснува дека тоа е најажурно во многу погледи и на веб страницата се објавуваат најразлични податоци кои се од интерес на сите што ги следат јавните политики за спроведување и реализирање на Буџетот на РМ:

Министерството за финансии ги објавува сите информации поврзани со отвореноста на буџетите и затоа е оценето со високи 99%. Министерството ги почитува законските обврски да ги објавува полугодишните извештаи за трошењето на буџетот, годишниот буџет и завршната сметка, каде, меѓу другото, се содржани и буџетските информации за другите министерства, но тоа не значи дека министерствата не треба да ги објавуваат овие информации на своите веб страници за тие да бидат полесно достапни за граѓаните. Дополнително, министерството на својата веб страницата воведе посебен оддел ‘статистика’ во кој во отворен формат се објавени годишните буџети и завршните сметки на буџетот, извршувањето на буџетот, состојбата на државниот и јавниот долг заклучно со 31 март 2018 год., статистички прегледи итн.

Слични одлични резултати во поглед на отвореноста околу буџетите постигнале и Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за локална самоуправа и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Она во што министерствата се покажале најслаби во исполнувањето на индикатоорите, се објавувањето на податоци за спречување на судирот на интереси:

Министерствата најслабо ги исполнуваат индикаторите за спречување судир на интереси, со 19%, затоа што не ги објавуваат анкетните листови на функционерите на својата веб страница, а најчесто ниту поставуваат линк до Државната комисија за спречување корупција, каде согласно законот се поставуваат анкетните листови. Дополнително, ниту едно министерство на својата веб страница нема објавено план за интегритет или каква било друга внатрешна политика за борба против корупцијата (која вклучува мерки за спречување и елиминација на различни форми на коруптивно и неетичко однесување во институцијата).

 

ИЗВРШНИТЕ ОРГАНИ СО ЕКСТРЕМНО НИСКИ РЕЗУЛТАТИ

Другите органи на извршната власт во ова оценување се оценети со просек на исполнување на индикаторите од само 24 отсто. Иако се нагласува дека овој просек е низок и во другите земји од регионот на Западен Балкан, некои индикатори се исполнети со занемарливи проценти.

Поединечно, во четирите поткатегории на индексот на отвореност, тие исполнуваат 30% од индикаторите на транспарентност, а екстремно е ниско исполнувањето на индикаторите на интегритет од незначителни 4% и индикаторите на ефективност од само 6%. Ова значи дека тие воопшто не објавуваат информации поврзани со преземените обврски и спроведувањето обуки за вработените на теми за судир на интереси, спречување корупција, укажување за случаи на корупција, немаат објавено план за интегритет или каква било друга внатрешна политика за борба против корупцијата, како и недостасуваат информации поврзани со мониторинг, евалуација и извештаи од нивната работа.

Оценките се дека извршните органи имаат и исклучително ниско ниво на можности за контакт со граѓаните, при што се даваат и препораки дека таквиот лош резултат може и треба да се поправи особено со функционирање на интеркацијата преку онлајн канали:

Интеракцијата на другите извршни органи со граѓаните е исклучително ниска. Со само 8% исполнување на индикаторите, органите треба сериозно да ги разгледаат можностите за воспоставување процедура за прием на поплаки и забелешки на граѓаните поврзани со нивното работење преку онлајн услуга.

Податоците кои се изнесени во текстот и во студијата генерално, се дбиени врз основа на мерење на индикатори кои овозможуваат да се оцени отвореноста. Тоа мерење е направено од крајот на 2017 година до првиот квартал во 2018 година, а анализата на податоците и самата студија е завршена во текот на јули годинава.

Подготви: T.Б.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.