Овозможено е скратено работно време за родители на деца со попреченост без оглед на возраста

Фото: pixabay.com

 

Со законски измени ќе обезбедиме скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години, односно да нема временско ограничување.

 [Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.56 и стр.245); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека со законски измени ќе се овозможи скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години,  е исполнето. Овие измени на Законот за социјалната заштита Собранието ги донесе во ноември минатата година, кога се објавени и во „Службен весник“.

Споменатото  ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата влада во првите 2 години“, во делот „Нови работни места повеќе пари кај граѓаните поддршка за домашните фирми“ (Социјална заштита  стр.245). Ветувањто најнапред  го има на почетоток на програмата во  поглавјето „Политика на социјална заштита и праведност“, во делот „Целосна интеграција на лицата со посебни потреби “(стр.56). Сосема истото ветување е наведено и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) на стр.12.

Законските се измени со кои се овозможи скратено работно време за родителите на деца со попреченост без оглед на возраста беа презентирани во август минатата година (2017), а Собранието во прво читање  ги усвои во септември.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска образложувајќи  ги во Собранието измените на Законот за социјалната заштита, меѓу другото, рече дека  со нив се  овозможува:

Родителот на дете со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања да оствари и користи право на надемосток на плата за скратено работно време, без оглед на возраста на детето. Со ова се овозможува сите родители кои го користат правото на скратено работно време да го користат и по 26 години, затоа што и по 26 години родителите има обврска и понатаму да се грижат за овие лица.

Второто читање, односно усвојувањето на Закон за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита Собранието го направи на 9 ноември 2017 година. Законските измени беа објавени во „Службен весник“ на 14 ноември 2017 година, а стапија во сила осум дена подоцна.

Пред два месеца (април 2018 година) министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на  прес – конференцијата на која информираше за реализацијата на програмските цели во периодот јуни 2017 – април 2018 година, меѓу другото,  кажа дека:

со законски измени се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и по 26 години

Дека се направени вакви законски измени е посочено и во  отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат ( презентиран на 30.05.2018 година), каде на стр.33  е наведено:

Надоместокот за скратено работно време на родители на деца и лица со попреченост се остварува без оглед на возраста на лицето;

Имајќи ги предвид презентираните информации објавени  во медиумите, на официјалната веб-страница на Владата и во „Службен весник“,   ова изборно ветување на СДСМ го сметаме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција