Парите од барокните фасади се пренаменети за енергетски фасади на средните училишта

Зградата на „Пелагонија“, една од 95 -те барокни фасади чија изградба е запрена Фото: Принтскрин

 

Пред три месеци (02.11.2017) градоначалникот на Скопје Петре Шилегов со усна наредба  ја сопре изградбата на барокните фасади низ Скопје, кои што се реновираа по налог на неговиот претходник Коце Трајановски.

Дадов усна наредба да се стопираат сите фасади. Станува збор за 95 објекти. За оваа намена биле предвидени околу 90 милиони денари, пари од граѓаните кои ќе бидат заштедени (Шилегов)

На 27.11.2017 година Шилегов  вети дека парите кои неговиот претходник ги планирал за барокни фасади, ќе ги пренамени за енергетски ефикасни фасади во средните училишта.

[Извор:СДК: Датум, 02.11.2017]

 [Извор:СДК: Датум, 27.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето  на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дека ќе ја запре изградбата на барокните фасади и парите ќе ги пренамени за  енергетски фасади за средните училишта (дадено во ноември минатата година), е исполнето.

На 12 јануари 2018 година Градоначалникот Петре Шилегов  на прес-конференција за новинарите  информираше дека Градот Скопје, во соработка со средните училишта што се под негова ингеренција, започнува голем инвестициски проект за реконструкција на фасадите и на инфраструктурата во објектите.

Со реконструкцијата на фасадите ќе ги опфатиме сите  средни училишта коишто имаат потреба од тоа. Со ова училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и за заштеда на електричната и на топлинската енергија. Покрај реконструкција на фасадите предвидена е  реконструкција на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно. Висината на средствата за оваа намена, предвидени во буџетот на Град Скопје изнесува 70 милиони  денари. Овие средства  ги обезбедивме со пренамена на средствата што беа предвидени за Скопје 2014 –  (Шилегов)

Тој , исто така, кажа дека се предвидени  дополнителни 20 милиони денари за доопремување на скопските училишта и за уредување на внатрешната инфраструктура согласно со приоритетите на секое од училиштата.

На 31 јануари (2018) Град Скопје и официјално ја стопираше изградбата на барокни фасади. На  седницата одржана тој ден Советот на  Скопје  донесе одлука за укинување на Програмата за реконструкција на фасадите на објекти од центарот на Скопје, но и ги усвои одлуките за укинување на одлуката за утврдување на изгледот на „барокните“ фасади на овие објекти. Со донесената одлука на градските советници се спасени значајни објекти важни од архитектонската историја на градот. Објектите „Ибни Пајко“ и „Метропол“, изградени во 30-тите години од минатиот век, ќе ги задржат изворните фасади изработени од нивните архитекти. Заедно со нив, е стопирана промената и на другите фасади од проектот „Скопје 2014“.

Новите градски власти неодамна ја информираа јавноста дека планираните финансиски средства за „барокизација“ на Скопје ќе се пренаменат за изведба на нови енергетско ефикасни фасади на средните училишта во главниот град.

Деновиве (03.02.2018) градоначалникот Петре Шилегов, на прес-конференција ги презентираше резултатите и најважните активности во првите 100 дена од мандатот, и, меѓу другото, кажа  дека е:

Стопирана изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик и со пренамена на средствата кои беа предвидени за Скопје 2014, започнаа интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта, истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција