Парламентот донесе Закон за стечајните работници

Со Законот за материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата, опфатени се приближно 3.000 лица Фото: Мета (принтскрин)

 

РЕШЕНИЕ НА ПРОБЛЕМОТ НА СТЕЧАЈЦИТЕ

Во првите 180 дена од мандатот, ќе го донесеме законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост. Законот ќе ги опфаќа работниците:

  • на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопстевност;

  • кои ќе имаат најмалку 15 години стаж и старост од 52 години за жени и 55 години за мажи во моментот на стапување на сила на законот;

  • на кои работниот однос им престанал со добивање на решение од стечаен управник, решение од АВРМ како невработено лице и технолошки вишок со решение од работодавач заклучно 31.12.2013 година.

 Сите тие ќе можат да добијат паричен надоместок во износ од 30% од просечно исплатена месечна нето плата  во претходната година (околу 6600 денари).

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 На 19 септември 2017 година пратениците во Собранието  го изгласаа Законот за материјалното обесштетување на стечајните работници. Ова е исполнето ветување на социјалдемократите дадено во  нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“(стр.52) со која излегоа на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

Медиумите ја пренесоа информацијата дека ова законско решение кое се однесува на стечајните работници, е донесено едногласно со  82 гласа „за“, без ниту еден против и воздржан.

По гласањето ,следуваше аплауз во салата од страна на пратениците од парламентарното мнозинство. Претходно, тие побараа поддршка од опозицијата тврдејќи дека законот не е популистички, туку исправање грешка од минатото нанесена на група граѓани. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа законот, иако имаа забелешки дека стечајците со него не се во целост опфатени.

Како што беше соопштено

Со овој закон, се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година. Годишно за таа намена од буџетот на Агенцијата за вработување ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.

Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

На денот на стапување на сила на законот, тие треба да се на возраст од најмалку 52 години, за жени, односно 55 години за мажи.

Предлог – законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како ,,Закон за стечајци”, Владата  го усвои на седницата на 31 јули, по што беше пуштен во собраниска процедура.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.