Партиски статут мора да дефинира како се бира претседателот на партијата, без оглед што вели Мицкоски

Христијан Мицкоски - што треба да содржи еден партиски статут? Фото: скриншот

Претседател на една партија има лична и морална обврска и кон членството и кон граѓаните да ги знае законите кои го регулираат работењето на политичките партии за да може успешно и ефикасно да раководи со неа. Ова особено важи кога станува збор за претседателот на најголемата партија во државата. Но, со оглед на фактот што тоа не е така, како што потврдуваат горните две изјави, нив сме принудени да ги оцениме како невистинити

 

 

Во својот прв јавен медиумски настап како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, каде што беше интервјуиран од страна на новинари на МТВ и четири национални терестријални комерцијални телевизии (освен Телма), Христијан Мицкоски искажа изјава која покрај тоа што е невистинита, е спротивна и на актуелната законска регулатива која ја регулира работата на политичките партии. Говорејќи за идните измени во партискиот статут, тој го рече следново:

Вие во статутот не дефинирате избор на претседател. Вие во статутот дефинирате организациска поставеност на партијата, каде што вие функционално ќе ја поставите партијата…

[Извор: МРТ (од 28:50), датум: 04.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Се разбира дека во статутите на политичките партии мора да биде дефиниран изборот на претседател, односно начинот на кој ќе биде избран овој орган, односно начинот на кој ќе биде избран вршителот на оваа функција. Тоа е јасно наведено во член 16, став 1 од Законот за политички партии, каде што јасно се вели дека статутот на политичката партија содржи одредби за „органите на политичката партија, НАЧИНОТ НА НИВНИОТ ИЗБОР И ОТПОВИКУВАЊЕ, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето“:

Член 16

(1) Статутот на политичката партија содржи одредби за:

– името и скратеното име на политичката партија;

– седиштето на политичката партија;

– политичките цели на дејствување, остварување на јавноста во работата и начинот на дејствување;

– условите и начинот на зачленување и престанување на членството и правата, обврските и одговорностите на членовите;

– застапувањето и претставувањето на политичката партија;

– органите на политичката партија, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето;

– стекнувањето и располагањето со средствата;

– престанокот на политичката партија;

– постапувањето со имотот во случај на престанок на политичката партија и

– ознаките на политичката партија (знаме, симбол, амблем и друго).

Во член 18, пак, од истиот закон се вели дека „одлуката за избор на органи на политичката партија во која ќе бидат наведени личното име на претседателот на политичката партија, односно на лицето која ќе ја застапува и претставува…“ е предуслов за политичката партија воопшто и да биде запишана во судскиот регистар. Сето ова значи дека ако во новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ јасно не е дефиниран изборот на претседател на партијата и ако таа не постапи според таквите однапред утврдени статутарни определби, таа не ќе може ни да се регистрира како партија.

Многу нелогични се и неговите следни тврдења каде што, по тврдењето дека во статутот не се дефинирал изборот на претседателот, додава дека во него се дефинирала организациската поставеност на партијата и таа се поставувала функционално. Не е ли претседателот дел од организациската поставеност на партијата? Не е ли тој дел од организациската шема, односно дел од институционалниот органиграм? А, во однос на функционалното поставување, пак, не е ли „претседател на партијата“ функција, односно највисока индивидуална функција и со оглед на тоа што станува збор за највисокиот функционер, како може тој да не е дел од функционалната поставеност на ВМРО-ДПМНЕ?

Сето ова е комплетно конфузно, но проблемите не завршуваат тука. Горниот цитат не е единствената невистинита изјава во интервјуто. Само 30 секунди пред да ја каже горната изјава, односно во 28:08 минути, Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска барањата за одложување на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и бројот на делегати на тој конгрес го рече следново:

Онаа теза која вие ја поставувате дека се барало одложување на конгресот, затоа што било потребно да се зголеми бројот на делегатите на самиот конгрес, апсолутно не држи, затоа што ниту една од овие сестрински партии, вклучително и најголемата, еве, да речеме, ЦДУ во Германија, нема толкав број на делегати, напротив, бројот на делегати е многу помал.

И ова не е точно. Не само што не е точно, туку е комплетно невистинито. Имено, на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа на 22 декември 2017 година во Валандово, учествуваа 411 делегати од вкупно 544 поканети.

Од друга страна, пак, Статутот на ЦДУ – Христијанско-демократската партија на Германија (страница 20, поглавје Е, член 19 со наслов: „Состав на Конгресот“), јасно се вели дека на конгресите на ЦДУ учествуваат 1.000 делегати и објаснет е начинот како и кога тие се избираат. Изборот се врши во сојузните германски држави, дистрикти и окрузи, при што 200 делегати се избираат пропорционално во зависност од остварениот успех на претходните парламентарни избори во секоја сојузна држава, дистрикт и округ, а другите 800 во зависност од бројот на партиските членови во секоја сојузна држава, дистрикт и округ. Одлучувачки за бројот на делегатите што ќе ги даде секој од нив е бројот на членови, за утврдување на бројот на делегатите се употребува Д’Oнтовиот систем, а делегатските листи се затвораат на 6 месеци пред одржување на конгресот.

Претседател на една партија има лична и морална обврска и кон членството и кон граѓаните да ги знае законите кои го регулираат работењето на политичките партии за да може успешно и ефикасно да раководи со неа. Ова особено важи кога станува збор за претседателот на најголемата партија во државата. Но, со оглед на фактот што тоа не е така, како што потврдуваат горните две изјави, нив сме принудени да ги оцениме како невистинити.

 

ИЗВОРИ:

  • Закон за политички партии, http://www.pravo.org.mk/documentDetail.php?id=196 (потребна е регистрација), [Пристапено на 05.01.2018]
  • Статут на ЦДУ, https://www.cdu.de/system/tdf/media/statutenbroschuere.pdf?file=1 (германски јазик), [Пристапено на 05.01.2018]
  • Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ со доволен број на делегати, http://time.mk/c/5523f4b721/kongresot-na-vmro-dpmne-so-dovolen-broj-na-delegati.html, [Пристапено на 05.01.2018]

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.