Патните трошоци остануваат легално средство за корупција

Хари Локвенец. Фото: META

Олуката на Собранието околу намалувањето на средствата за исплата на надомест на име патни трошоци за пратениците, како и претходната измена на законот, се само гола шминка – измена без суштинска измена, чиј краен резултат ќе биде и натаму големо и нереално високо одлевање пари од Буџетот за оваа намена

 

Олуката на Собранието околу намалувањето на средствата за исплата на надомест на име патни трошоци за пратениците, како и претходната измена на законот, се само гола шминка – измена без суштинска измена, чиј краен резултат ќе биде и натаму големо и нереално високо одлевање пари од Буџетот за оваа намена

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникот на СДСМ во Собранието на РМ, Хари Локвенец, даде изјава во врска со патните тршоци на пратениците во која има извртена вистина, односно спин:

За 30 отсто ги намаливме трошоците за патување, со кое што го исполнивме предизборното ветување

[Извор: Телма/Вести, датум: 28.08.2018]

 

 

Контраспин: Пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, зборувајќи за новата одлука со која е овозможено да се намалат патните трошоци за пратениците надвор од Скопје, кои на работа доаѓаат со сопствено возило, формално гледано ја зборува вистината.

Точно е дека патните трошоци се намалени за 30 отсто, точно е дека со некои правила, какво што е плаќањето на патарините да се одвива преку употреба на банкарска картичка, ќе се намалат злоупотребите. Точно е и тоа дека со решението за изнајмување стан, за што Собранието ќе одвојува 500 евра нето, е отворена уште една можност за заштеда на средства за таа намена… Сето ова е точно, но станува збор за формално гледање на работите, а не за суштинско.

Станува збор за вешто срочено законско и подзаконско решение, кое овозможува извлекување на огромни средства од Буџетот, т.е. од посебниот буџет на Собранието и кое се ползуваше во изминатите најмалку 12 години за еден вид легална корупција на пратениците, бидејќи имаше примери со кои одредени пратеници добиваа околу 20 илјади евра годишно име патни трошоци.

Сето ова беше овозможено со закон во кој одредбата за користење на патните трошоци беше формулирана вака:

Надоместок на трошоците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели – до износот што според еден изминат километар не може да биде поголем од 30% од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи.

Со одлука на Соранието од 2006 година оваа законска одредба се применува извитоперено: се чита горниот праг од 30 отсто, нема функционална контрола на сметките за гориво, на сметките за патарина и контрола дали навистина пратеникот патува со своето возило. Така, се стигнува до огромните и со ништо оправдани суми од десетици илјади евра годишно на име патни трошоци за пратениците.

Откако јавноста утврди дека и новиот состав на Собранието и во 2017 и 2018 година продолжи со истата практика и дека дел од пратениците на СДСМ добиваат огромни суми (претходно во опозиција партијата силно го критикуваше овој начин кога стануваше збор за ВМРО-ДПМНЕ), СДСМ се најде во небрано, па по неколку невешти оправдувања, на самиот почеток на 2018 година, мораше да преземе нешто. По неколкумесечни натегања и договори меѓу самите политички партии застапени во Собранието, се донесе „соломонско“ решение – патните трошоци ќе се намалат од 30 отсто за изминат километар од цената на литар гориво, на 20 отсто. Откако законот беше усвоен во текот на летото, пратениците вчера изгласаа и две одлуки. Една е за закупнините на становите, а втората, која беше усвоена на Комисијата за избори и именувања, е операционализација на законското решение.

Погледнато низ еден агол на бројките, станува збор за намалување од 30 отсто, односно една третина од досегашните исплаќани трошоци. Но, што во суштина тоа значи?

Тоа значи дека ако, на пример, на пратеникот Хари Локвенец од Прилеп, досега му биле исплатувани 15 илјади евра на име на патни трошоци годишно, сега тој ќе добива 10 илјади. Дали намалувањето од 5.000 евра е значително? Да. Но дали 10-те илјади земени за пример, се реална бројка што ги покрива патните трошоци и амортизацијата на возилото? Не. Тоа и натаму е значително над реалната сума за покривање на патните трошоци и за амортизацијата на возилото, зашто ниту толку безнин потрошило возилото, ниту, пак, толку се амортизирало за една година за да биде покриено со таа сума.

Затоа, таа сума, тој процент намален од 30 на 20 отсто за изминат километар и натаму може да се смета како легално средство за корупција на пратениците во Собранието на РМ. А, не се само тие. Тоа законско решение се однесува за сите избрани и именувани функционери во државата.

Вистиномер“ во еден текст од јануари 2018 година, а посветен на оваа тема, наведе примери со бројки кои покажуваат кои се реалните суми.

Оттука, формално гледано, изјавата на Локвенец (и бројните слични изјави на пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев, за истото прашање) е точна. Но, погледнато длабински, одлуката на Собранието и претходната измена на законот, се само гола шминка – измена без суштинска измена, чиј краен резултат ќе биде и натаму големо и нерелано високо одлевање на пари од Буџетот на име патни трошоци за пратениците.

Токму затоа изјавата на Локвенец ја оценуваме како извртена вистина, односно спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.