Пендаровски нема улога во тетовските и гостиварските настани

Фото: Принтскрин

 

Професорката Гордана Силјановска – Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори,   во дебатата со претседателскиот кандидат на владејачката коалиција Стево Пендаровски, ја искажа и следната невистина:

Во 1997 година како шеф на аналитика во МВР можеби и  ја потпишавте наредбата за акциите во Тетово и Гостивар… 

[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати – МРТ1, Датум: 25.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Професорката Гордана Силјановска-Давкова ова невистинито тврдење го кажа зборувајќи во контекст на тоа дека Стево Пендаровски, според неа, имал важна улога во настаните  во Радолишта, Тетово и Гостивар во периодот 1995-1997 година.

Од биографијата на Пендаровски, објавена на веб-страницата на Владата, се гледа дека тој бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството во периодот 1998-2001 година. Што значи во периодот кога се случиле овие настани (1995 -1997) тој воопшто не бил на таква висока позиција во Управата за аналитика.

Но, што е многу поважно, Секторот за аналитика прави проценки и опсежни анализи за даден конкретен случај или за генералните состојби во државата, по што тие анализи ги разгледуват други служби и функционери во министерството, вклучувајќи го и министерот, а дури потоа се носи одлука како ќе се постапува понатаму. Фактички, одлука за полициски интервенции и акции воопшто не носи началникот на аналитика, туку министерот заедно со својот колегиум во кој, меѓу другите, се и директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање.

За тоа кој е надлежен за носење вакви одлуки може да се види во Законот за внатрешни работи и во подазконските акти, објавени на веб-страницата на МВР.

Ова тврдење на Силјановска-Давкова го демантираше и самиот Пендаровски, кој во репликата кажа дека началникот на аналитика воопшто не потпишува одлуки за полициски акции.

Имајќи го сето ова предвид, изјавата на Силјановска – Давкова ја сметаме за невистинита.

Инаку, не е првпат професорката Силјановска-Давкова  да го обвини Пендаровски дека своевремено  имал улога во настаните околу Тетовскиот универзитет –  немирите во Мала Речица и интервенцијата на полицијата, како и во гостиварските немири од  9 јули 1997 и апсењето на Руфи Османи. Таа истото тврдење го искажа и во дебатата на МРТ (12.04.2019),  пред првиот круг од претседателските избори. „Вистиномер“ и тогаш правеше анализа на оваа нејзина изјава и ја оцени како невистинита.

  

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција