Пендаровски нема врска со случајот на Руфи Османи од 1997 година

Фото: Принтскрин

Kандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори Гордана Силјановска – Давкова,  во текот на дебатата со претседателските кандидати на МРТ реплицирајќи му на Стево Пендаровски го кажа и следното невистинито тврдење

 

Ако се сетам на настаните (во минатото  н.з.) дури ми е незгодно од колегата до мене (Блерим Река н.з.), во Тетово со Тетовскиот универзитет и ако се сетам на случајот на Руфи Османи и акциите токму во времето кога вие бевте во тие структури, тогаш се срамам од коментарот…

[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати, МРТ1 – Датум: 12.04.2019] 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:     

Ова тврдење на професорката Гордана Силјановска – Давкова, дека кандидатот на власта Стево Пендаровски,  своевремено  во 1994 и 1997 година, наводно,  како политички советник имал улога за настаните за тетовски универзитет и за апсењето на Руфи Османи,  е невистина.

Настаните поврзани со Тетовскиот универзитет (немирите во Мала Речица и интервенцијата на полицијата), за кои говори Силјановска – Давкова се случија кон крајот на 1994 и почетокот на 1995 година.

Во текст на Дојче Веле од 17.12.2014 година може да се прочита дека:

На 17 декември 1994 година група интелектуалци, јавни личности и претставници на политички партии во Тетово донесоа самоницијативно одлука да се основа универзитет на албански јазик, што наиде на остри спротивставувања од страна на раководните државни структури и личности во Македонија. Набргу потоа уследија и интервенирања на полицијата и судири со меѓуетничка позадина во тетовската приградска населба Мала Речица и селото Порој во обид да се забранат и да се спречат предавањата и функционирањето на универзитетот. 

За тоа кога биле немирите во Мала Речица и интервенцијата на полицијата може да се најде запис и на Википедија, во текстот насловен: „Воен конфликт во Македонија, 2001“, во заглавието „Хронологија на кризата“ , каде е наведено дека:

На 15 февруари 1995 година, 2.000 Албанци се собрале на отворањето на нелегалниот универзитет на албански јазик во Мала Речица во Тетово. По ова следувале големи протести во цела држава од страна на македонските студенти и средношколци. По два дена, универзитетот бил затворен, а во немирите еден Албанец убиен.

 

Пендаровски пак, се вклучува во политиката многу подоцна , поточно во 1998 година кога  „бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството ( 1998-2001 ), а од 2001 до 2004 година е Советник за национална безбедност на Претседателот на Република Македонија...“ (веб-страница на Владата)

Така што, Пендаровски не може да се поврзе со тетовските настани, ниту пак со гостиварските немири од  9 јули 1997 и апсењето на Руфи Османи. Да потсетиме дека тогаш дојде до крвави судири помеѓу Албанците од Гостивар и полицијата оти граѓаните не дозволуваа да се симне албанското знаме од јарболот пред Општината, чиј тогашен градоначалник беше Руфи Османи.

Ова тврдење на Силјановска – Давкова, во текот на дебатата на МРТ го демантираше и самиот Пендаровски, кој кажа дека нема никаква допирна точка со тие случувања и нагласи дека токму Руфи Османи  му ја дал поддршката за претседателските избори во 2014 година

Имајќи го сето ова предвид изјавата на Силјановска – Давкова ја сметаме за невистинита

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција