Пензиите се усогласуваат двапати годишно, но нема вонредно зголемување

На крајот од 2017 година пензионерите не добија дополнително покачување на пензиите Фото: szpm.org.mk

 

Двапати годишно пензиите ќе ги зголемуваме согласно порастот на платите и трошоците. На крајот на годината Владата ќе носи одлука за вонредно зголемување на пензиите

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.109);]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова изборно ветување на социјалдемократите дадено во изборната програма со која СДСМ излезе на вонредните парламентарни избори во декември 2016 година: „План за живот во Македонија“ (стр 109), е делумно исполнето. Усогласувањето (зголемувањето) на пензиите се прави согласно порастот на платите и трошоците, и во тој дел ветувањето е исполнето, но на крајот на минатата година (2017) Владата не донесе  одлука и за вонредно зголемување.

Во јуни 2017 година министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на средба во општинската организација на СДСМ во Центар, како што пренесоа медиумите, порача дека СДСМ како чинител на власта ќе најде начин да ги направи пензиите одржливи, како и двапати годишно тие да се усогласуваат со трошоците за живот:

…Ние ќе го оствариме тоа усогласување двапати годишно и тоа го предвидовме со ребалансот на Буџетот минатата недела – се предвидоа двете законски покачувања на пензија согласно усогласување.

Во оваа изјава  Царовска  уште вели и дека:

До крајот од годината (2017 н.з.), зависно од буџетот на Република Македонија ќе се испита можноста за пензијата и трет пат да се зголеми само ако има основ за истото.

Во овој исказ се забележува ретерирање во однос на ветувањето дадено во декември 2016 година каде е наведено дека: „На крајот на годината Владата ќе носи одлука за вонредно зголемување на пензиите

Повлекување во однос на првичниот став искажан во Изборната програма на СДСМ -2016 (стр.109), се забележува и во соопштението од Министерството за труд и социјална политика од 19 август 2017 година, во кое се вели дека МТСП го враќа системското и праведно решение за усогласување на пензиите согласно растот на трошоците за живот, при што се додава дека  е можно и дополнително  покачување. Односно, не се употребува формулација во која се кажува дека ќе има вонредно зголемување на пензиите, туку тоа  се споменува како можност.

…Секој пензионер ќе добие покачување на пензијата со што вкупниот дополнителен износ на крајот на 2017 година ќе изнесува 2160 денари. На крајот на годината, Владата на Република Македонија ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите.

Со оглед на тоа дека освен усогласувањето на пензиите кое го следи порастот на платите и трошоците  – за 2017 година тоа изнесува 180 денари месечно, пензионерите на крајот од 2017 година немаа друго (дополнително) покачување, изборното ветување на СДСМ: „Двапати годишно пензиите ќе ги зголемуваме согласно порастот на платите и трошоците. На крајот на годината Владата ќе носи одлука за вонредно зголемување на пензиите“, го сметаме за делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција