Пензиите сепак ќе растат, ама само од трошоците на живот

Х.Мицкоски. Фото: ВМРО-ДПММНЕ/веб

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава во врска со пензиите во РM која ја сметаме како полувистина:

Изјава: Две години се на власт и нема зголемување на пензии, нема растење. Но, сега владата на Зоран Заев со законски измени во однос на усогласувањето на пензиите ќе крати од нив. Имено, согласно законот секоја година на пензионерите им следува минимално законско усогласување по што пензиите растеа за одреден процент. Сега оваа влада со законски измени го крати тој процент, односно практично крати од пензиите. Пензиите повеќе нема да растат како последица на просечно нето исплатената плата за сите вработени во Република Македонија во висина од 50%… Тоа сега се укинува и се анулира. Така ќе се крати од пензиите. А, се работи за 300 илјади граѓани на нашата земја кои ќе бидат оштетени.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум, 23.01.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски е оценета како полувистина поради тврдењето дека немало раст на пензиите, иако СДСМ е две години на власт, како и поради прикривање на фактот дека во еден од параметрите за пресметување на порастот на пензиите, сега има зголемување за 50 отсто.

Иако може од формална гледна точка да се преоценува и зборот кратење на пензиите, сметаме дека тој дел од изјавата во суштина е поинаку искажана вистина, која е потврдена од следните факти: споредба на законските решенија, изјавите од власта, толкувањата што ги побара „Вистиномер“, а кои говорат во прилог на изјавите дека пензиите „се ускратени“ за пораст и по основ на нето платата.

Најпрво, споредбите на старото и новото законско решение несомнено покажуваат дека се направени такви измени со кои порастот на пензиите е намален за оној дел кој се однесуваше на пресметките на просечно исплатена плата, намалена за 50 отсто.

Во продолжение ви ги претставуваме изворно членот 37 од Законот донесен во 2012 година и изменетиот Член 37 усвоен со измените на Законот од 21.12.2018 година.

Член 37 (од 2012 г)

(1) Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%.

(2) Пензијата од ставот (1) на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

(3) Заради примена на ставот (1) на овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата истата година.

Членот 37 (од измените на Законот од 12.2018 г):

„(1) Пензијата се усогласува од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.

(2) Заради примена на став (1) на овој член, пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на нето платите од декември предходната година во однос на просечната нето плата истата година.

(3) Доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%, покрај усогласувањето од став (1) на овој член, пензијата се усогласува од 1 април тековната година во процент кој претставува разлика помеѓу реалната стапка на пораст на бруто домашниот пораст во претходната година и стапката од 4%.“

ГАЦОВ – ЌЕ ИМА ЗАБАВУВАЊЕ НА РАСТОТ

Познавачот на оваа материја, Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници, ни потврди дека новото законско решение околу усогласувањето на пензиите ќе влијае во насока на забавување на нивниот раст.

Новиот модел на усогласување (зголемување) на пензиите САМО за процент на пораст на трошоците на живот во претходното полугодие, исклучувајќи го процентот на раст на платите како коректор кој учествува во формирањето на единствениот процент за зголемување на пензиите, ќе доведе до извесно забавување на растот на пензиите.

Имено, растот на платите е повисок од растот на трошоците на живот, што е тренд во изминатиот период, а особено после воведувањето на повисокиот износ на минимална плата. Повисоките плати овозможуваат и прибирање на поголем износ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), кој се пресметува од платите и кој преку Фондот за ПИО директно ја алиментира исплатата на пензиите.

Новиот модел на усогласување на пензиите овозможува прибирање на повисок износ на пензиски придонес во Фондот од една страна, а од друга, заради намалувањето на можноста за зголемување на пензиите, значи подобрување на финансиската состојба на Фондот на трајна основа – вели Гацов

Тој смета дека законското решение да можат да се коригираат пензиите и ако стапката на бруто домашниот производ е повисока од 4 отсто, засега дава мала шанса за реален пораст на пензиите, „особено што истата ќе се однесува само на разликата на раст над 4 отсто“.

 

ЦАРОВСКА ИНДИРЕКТНО ПОТВРДУВА

Иако се направи обид да се негира тврдењето на опозицијата преку соопштенијата на СДСМ и на МТСП, власта индирекно, сепак го потврдува искажаното од опозицијата. Надлежната министерка Мила Царовска, која раководи со Министерството за труд и социјална политика, запрашана за коментар дали пензиите се кратат или не, покрај првичниот демант и фактографските показатели за порастот на пензиите во 2017 и 2018 година, го изјави и следното:

…за да не мора да ја поместиме границата на 67 години и за да не мораме сосема да ги замрзнеме пензиите. Тоа беа опциите. Ние избравме средна варијанта, која што значи – во континуитет растат, дури и дополнително зголемување даваме од 4 проценти доколку економијата расте и гранцата не ја поместивме. Стабилизацијата некаде мораше да се случи. (од 40 до 55 секунда во видеото)

Практично, тоа е таа стабилизација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) за која погоре појасни и Гацов. Со исклучување на нето платите како коректор за пораст на пензиите, се овозможува зголемување на прилив на средства во ФПИОМ и постепено забавување на огромната финансиска дупка, која сега се надополнува од буџетот на државата.

Земјаќи предвид три елементи – законското решение, толкувањата што ги доби „Вистиномер“ од експерти и посочениот дел од изјавата на Царовска, може да се оцени дека тврдењето на лидерот на опозицијата Мицкоски, е полувустина. Факт е дека ќе има благо забавување на растот на пензиите, но не е точно дека тие се кратат и дека нема да има натамошен раст, без оглед на помалиот процент на истиот тој раст, доколку инфлацијата во Македонија остане на сегашно ниво.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција