Перење пари: институциите ја немаат политичката поддршка

Сушењето е лесно, перењето на парите е проблем. Фото: Images money/flicker

Македонија има доволно институции кои треба да спречат масовен одлив на капитал кон странство и враќање на дел од истиот од сомнителни дестинации и некредибилни „инвеститори“

 

 

Македонија има доволно институции кои треба да спречат масовен одлив на капитал кон странство и враќање на дел од истиот од сомнителни дестинации и некредибилни „инвеститори“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Милионите „Панамски документи“, кои предизвикаа огромен скандал поради истечените информации за прикривањето приходи во светски рамки, станаа неодамна достапни за јавноста, по објава на Меѓународниот конзорциум на новинари. Овој Конзорциум првично и ги откри тие документи а сега е достапен на https://offshoreleaks.icij.org.

Документите содржат информации за 214.488 оф-шор фирми поврзани со луѓе во повеќе од 200 земји и територии. Податоците вклучуваат пораки, финансиски табели, пасоши и корпоративна евиденција и ги откриваат тајните сопственици на банкарски сметки и компании во 21 оф-шор јурисдикции од Невада, Сингапур и Британските Девствени Острови. Засега аферата „Панама документи“ резултираше со оставка на премиерот на Исланд и на еден шпански министер.

 

„КАКО СТОИМЕ“ ВО ПАНАМА?

Бројот на Македонци кои фигурираат на тој список, според дневните информации се: две компании, двајца акционери и двајца поединци, практично шест имиња во три категории на „вмешаност“. Индикативно е дека веднаш речиси сите домашни институции се прогласија себе си за ненадлежни да водат истрага за она што доаѓа како сознание од Панама!

УЈП нема надлежност да води истраги. Доколку се покрене било каква истражна постапка, УЈП секако соработува со надлежните органи во однос на обезбедување на материјали и информации по службена должност, велат од УЈП. Народната банка, која во изминативе денови е најповикана, се уште без конкретен коментар, што наиде на жестока критика од дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Гувернерот Богов ниту збор не кажа дали во периодот додека ја извршува функцијата имало одлив на средства кон оф-шор сметки во Панама. Ниту збор не кажа дали во соработка со останатите надлежни институции има поведено постапка за испитување на сомнителни трансакции кон оф-шор сметки во странство. Наместо тоа, гувернерот Богов изјавува ’Народната банка во изминатите години презема некои мерки, не можеме многу, но можеме нешто да направиме’, критикува дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов. Овдешните аналитичари сугерираа дека токму УЈП, Народна банка и комерцијалните банки се институциите преку кои може да се провери дали македонски компании и државјани имаат сметки во оф-шор дестинации“.

Имаме ли институционална криза во борбата со перењето на пари? Како тоа топката да се префрлува од една институција на друга, а практично истрага официјално и нема! Како доаѓаат парите до панамските сметки и зошто тоа се прави? Дали е точна констатацијата дека парите на оф-шор сметките не се таму незаконски? Важи ли кредото дека ако некој платил данок дома е ослободен од било какво натамошно сомничење?

 

ПРАВИЛАТА НА ИГРА СЕ ЈАСНИ

Поранешниот раководител на Управата за перење на пари и спречување на тероризам, која денес стана Управа за финансиско разузнавање – Ване Цветанов за Вистиномер потсети дека во негово време јавно, на сајтот на Управата ги имало набележано сите правила на однесување на оние кои се поврзани со финансиско плаќање кон и од странство и дека било јасно ставено на знаење што е дозволено, а што не.

КАПИТАЛ КОЈ СЕ ОДЛЕВА ОД ЗЕМЈАТА

Иако сите надлежни си ја префрлуваат топката по прашањето за контрола на одлив на капиталот и со години немаме некакво спектакуларно судење по овој основ, официјално  Од 2004-та година па до 2013-та, или за вкупно девет години од Македонија се изнесени над 5 милијарди долари „црни пари“  стекнати по основ на криминал, корупција и даночно затајување, покажува истражувањето на „Global Financial Integrity“.
Ако се анализираат податоците се гледа дека  најголемите суми на пари се испумпани во изборните 2008 и 2013 година или скоро 2 милијади евра.
Со просечен годишен одлив од  516 милиони долари на нелегални пари, Македонија се најде на 88-то место на ранг листата на ГФИ.
Од земјите во регионот, Србија е на 35-то место со одлевање на 4 милијарди долари во просек годишно, па Хрватска е на 40-то место (3,5 милијарди долари на годишно ниво), а на 105-то место е Црна Гора се најде со 257 милиони годишно, додека Албанија е на 118 со 123 милиони долари годишно.
Станува збор за истражување што се прави врз база на прибрани податоци за меѓународна размена и платен биланс, што ги објавува Меѓународниот монетарен фонд, преку проценка на украдени пари преку криминал, корупција и разни начини на даночна евазија.

Цветанов најпрвин вели дека и ден-денес, за разлика од намерното банализирање на прашањето, е многу тешко за обичен граѓанин, а и фирма, да врши платен промет кон странство, а особено кога се работи за трансакции кои одат или завршуваат во Панама!

Се работи за трансакции со висок степен на ризик. Пари кои доаѓаат или одат кон Панама се средства кои се дел од оние кои бараат построга селекција и опсервација, бидејќи тоа е место кое носи ризик за перење. Македонија има ниска стапка на данок од 10 отсто и е поволна дестинација за богатите, бидејќи, има рамен данок. Пологично е кон Панамa да бега капиталот на некој богат човек од земја каде не постои рамен данок и каде побогатите треба да платат повеќе, некаде и до 70 отсто од приходот да им оди на име на даноци! – вели Цветанов за Вистиномер.

 

КРИМИНАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ

Откако го отфрлува данокот како мотив за бегство на капитал од земјава и негово пласирање во оф-шор зони, Цветанов споменува и други мотиви.

Потреба за одење на пари кон панамски сметки се пари добиени од криминални зделки, па тие бараат вакви дестинации каде не се прашува многу за потеклото, па таму тие стекнуваат легитимитет. Тоа може да е класичен криминал (рекет, проституција, бело робје, дрога), ама и измама или пари добиени од корупција.

Интересот на Вистиномер беше да се открие што покажуваат искуствата од истрагите за испитување на потекло на парите во вакви дестинации. Како оди отворањето на сметка во дестинација како што е Панама?

Тоа се случува во неколку фази, вели Цветанов. Најпрвин се остварува контакт, директно или со посредници со некоја адвокатска фирма во таа дестинација. Обично адвокатските фирми препорачуваат неколку последователни чекори.

Прво, се прави пренос на парите на некоја сметка во локална банка. Потоа се пристапува кон перењето на парите во неколку фази. Вообичаено е најпрвин да се формира нова фирма, која ја раководи некој од локалните адвокати (од фирмата со која се контактира ) и тука е значаен момент, за кој треба да постои висок степен на доверба. Тоа е момент кога сè се остава на „верба на збор“. Парите се оставаат во рацете на фирма за која претходно не се знаело дали постои и каде треба да прекине евентуалната трага по сопственикот на капиталот од страна на матичната земја. Од таа фирма се прават потоа уште две трансакции во други фирми, за целосно да се оневозможи следењето на „потерата“, да се скрие трагата – констатира Цветанов.

Овој соговорник вели дека ако се констатира, да речеме, во Македонија влез на капитал од панамска фирма, веројатно ќе се покаже името или имињата на последниот сопственик на капиталот и тоа најчесто е апсолутно анонимен сопственик и некој кој го позајмува своето име или фирма. Цената која ја зема за таа услуга е мала, некој илјадити дел од еден процент од вкупната сума. Истрагата, која евентуално би се презела максимум доаѓа до второто ниво (гледано одназад), а нема шанси локалните власти да си дозволат да одат до стартот на трансакцијата, за што фалат барем два чекори, при што, излегува дека биле „великодушни“ и дури дале потребни податоци (биле кооперативни!) од што практично не може да се види оној чиј капитал се пере, објаснува Цветанов. – Пред сè, оној кој би бил цел на истрагата – наша фирма или поединец, наш сограѓанин!

 

ОБЈАСНУВАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Во октомври 2002 година се формираше најпрво одделение за борба против организиран криминал, а во 2008 година и посебно Обвинителство. Во стартот како држава не бевме толку етаблирани и сите наши барања од тоа време останавме без одговори и без резултати. Но, со текот на времето драстично се менуваше сликата за нас и сега многу побрзо добиваме информации. Секогаш кога имаме сомнеж дека се работи за перење на пари, покрај основното кривично дело, преку Управата за финансиско разузнавање многу брзо ги добиваме сознанија за лица за кои има интерес најпрвин дали имале сметки во други држави, потоа дали имале пари кои од други држави легнуваат на сметки тука, па бараме меѓународна правна помош, сè до привремена заплена на пари во странски банки и обратно. И до нас пристигнуваат барања привремено да замрзнуваме сметки однадвор, тие помагаме преку надлежниот суд, на наше барање – вели обвинителката Вилма Русковска. (од 6 минута натаму)

ПЕРЕЊЕ ПАРИ ВО ЗАКОНОТ

Во Службен весник 130/2014 може да се види целиот Закон за спречување на перење на пари и финансиски тероризам. По овој Закон секоја исплата над 1.000 евра секоја финансиска организација е должна да обезбеди податоци за субјектот кој ја врши (член 13). Менувачките организации треба да обратат посебно внимание и на секој кој менува над 500 евра (член 20).
Казните се високи – за раководител на финансиска организација кој направи прекршок во овој домен му следува казна од 80 до 100 илјади евра а неутврдување на идентитет се казнува сосума од 5 до 10 илјади евра.

 

Во јавноста, во дебатите на видни личности, пред сè, стопанственици и членови на коморите, се одеше на релативизација на прашањето за (не)оправданоста на постоење на капитал на македонски фирми или лица во оф-шор зоните. Што мсилат за тоа надлежните?

Дали е легално е една работа, дали е морално е втора, а трета е дали се плаќаат даноците во Република Македонија. Самиот чин на постоење, отворање на оф-шор компанија не е забранет, а така е во светот, ама ние треба да искористиме сите механизми да демотивираме овие пари да заминуваат од Република Македонија. Во најмала рака оној што сака да ги пренесе овие пари во некоја оф-шор компанија да плати доволно даноци на Република Македонија за да биде задоволен оној режим на солидарно однесување кон државата. Во овој контекст, пред сè, е интересот на новинарите, а би рекол и на обвинителството, а секако и на службите кои се бават со перењето на пари, првенствен интерес е да се види дали се платени давачките кон земјава пред таквите трансакции на парите кон даночните раевивели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници. (од 4:24 минута до 5:30)

 

ПЛАЌАЊЕ ДАНОК

Каков е односот перење пари – плаќање на данок? Дали платен данок значи „чисти пари“, односно „неплатен данок“ значи и „валкани пари“?

Не е перењето пари само во даночниот елемент. Да речеме, ако имате можност да влијаете на некои јавни набавки, и сè да е во ред вие не сте ја исполниле димензија на моралноста! Ние, ако на едно лице му ги собереме пријавените средства со завршни сметки и ако ги споредиме со имотот кој го има, треба 70 отсто од имотот да му го одземеме, ако се покаже дека се нема доказ за тоа што вредноста на имотот е поголема од заработеното! Едно време како да се почна со тоа, а потоа се застана како да не било. Република Македонија има ниски даноци. Не сакам да кажам дека има најниски, бидејќи во светот има и земји со пониски даноци и не е случајно што парите одат таму – вели Гацов.

Тој алармира дека посебно се сомнителни услугите кои можат многу да се надуваат и формално да се во ред, а тука фактички да почнува перењето на пари. „Услугите не се нешто опипливо и по обичај токму тука имаме сомнителни трансакции“ – констатира Гацов.

За Ване Цветанов, пак, ако некој на надуени услуги или, пак, преку политичка корупција земе пари и плати данок, па после тоа се третира тој чин како „завршена работа“, значи зделката станува несомнителна, на тоа лице практично сме му помогнале да испере сомнителни пари. И тоа дома!

Тешко се гони перење пари. (Се укажува во ТВ емисијата на случајот „Арсенал“). Пари излегуваат од МНО и одат кај изведувач кој има повеќе фирми и сметка која е надвор од земјата и тие пари ја напуштаат земјата легално – објаснува обвтелката Русковска.

Иницијалната работа е во рацете на управата за јавни приходи. Таа во директен контакт ги проверува книгите, ги следи одливите на пари, па следи дали некој платил данок, дали поднел барање или го одбегнал тоа – оценува Гацов. – Во нашата Управа за финансиско разузнавање се знаат ризичните земји. УЈП треба да ги извести промптно, а ако има видлив криминал се известува и Обвинителството, кое треба да преземе соодветна акција. Сепак, иницијално клучна е улогата на УЈП. Таа е орган која се грижи за собирање на даноците и во тој контекст е важно да се реагира оттаму. При тоа, кај нас не е толку важен приливот на средства – сепак тие пари кај нас влегуваат, туку проблем е секогаш одливот. Ако парите заминат и им се губи трагата, а данок не е платен, тие се за нас трајно изгубени или ќе се вратат под режим на чисти пари. Банките, исто така, имаат јасна обврска, а сите формираа посебни одделенија кои се бават со ова.

Инаку, власта и тоа оваа, според Цветанов, го избриша она дека политичарите ќе бидат под посебна присмотра во банките со изјава за политичка чувствителност! Според него, кога таа мерка е донесена најпрвин имало реакција во врвот на Министерството за финансии! Денес истата е вон сила.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција