Петар Богојески: Реформаторот кој е против политиката на ниски страсти во неговата партија

Фото: ФБ профил на Петар Богојески - Принтскрин

 

 

Разрешувањето од позицијата заменик генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ Богојески го прими мирно, без драматизација. На својот профил напиша дека во партијата има непомирливи концепти, бидејќи едниот е за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Групата на реформатори во најголемата опозициска партија во земјава – ВМРО ДПМНЕ е формирана пролетта 2017 година, како резултат на потребите на промени по губењето на власта и големиот број обвинителни акти против врвот на „црвено-црните“. Петар Богојески, кој до неодамна беше заменик-генерален секретар на партијата и кој беше сменет на седницата одржана деновиве, а на која требаше да се одреди тактиката на ВМРО ДПМНЕ после референдумот, потврди дека прифаќањето на реформаторите од страна на новиот претседател Мицковски и неговата непосредно опкружување била само форма на амортизирање на нервозата и незадоволството во партијата. Реформаторите беа прифатени со цел да бидат стивнати. Богојески беше незадоволникот кој доби највисока функција во постконгресниот период во оваа организација и оттаму неговата смена е само најава дека иста судбина веројатно ги чека сите други кои размислувале како Богојески, а кои биле против генералната струја.

Реформаторите се сите правници со образовно портфолио и долги години биле на низа позиции во извршната власт и во партиските тела. Членови на партијата се повеќе од две децении, а дел од оние кои во јуни 2017 година се појавија на пресот на кој објавија дека во партијата постои крило кое заговара промени,  во тој миг беа на позиции во извршната власт.

Како најиздвоен по вниманието кое му се даваше од страна на партискиот врв беше токму Петар Богојески. Неговата функција во извршната власт не беше баш многу за издвојување – беше носител на проектите на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на сали, терени и игралишта

Има стаж во партијата од 1995 година. Бил претседател и основач на општинскиот комитет на УМС Крушево, а предводел и активности и неколку тела на партијата. Беше докторант на политички науки во Бугарија. Дипломирал историја и право, а станал магистер по политички менаџмент. Функцијата до која дотурка беше – државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана. Претходно бил на неколку позиции во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и во Царинската управа. Од 2008 е државен советник за капитални инвестиции во Агенцијата за млади и спорт и државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана. Членува во Младинскиот евроатлански форум, Пан-европската унија и Институтот „Охрид“ во Скопје.

Дека новата појава во ВМРО ДПМНЕ не била добредојдена покажува нападот врз неговата сопруга еден месец по формирањето на реформската струја – Катерина Богојеска, инаку вработена во Централен регистер. Таа додека возела била нападната од друго возило со затемнети стакла и без таблички, со цел да предизвика сообраќајка. Индикативно е дека нападот се случил на 19 јули 2017 година, само два дена откако Богојески даде изјава дека СЈО треба да се поддржи и дека е потребно за една млада демократија, но дека треба да добие можност од подолготрајно работење.

Во минатото, еве и сега, политичарите си земаат за право да бидат и судии и обвинители и да коментираат што треба да одлучи судот. Ние не сакаме да бидеме такви! Затоа сакаме реформи на политичката сцена во Македонија. Нема што ние да пресудуваме или да одлучуваме, дали се или не се потребни притвори. За тоа треба да одлучат кредибилни судии, кои земаат плата за тоа“ – ќе каже  Богојески на една трибина организиарана од ЦИВИЛ Центар за слобода, додавајќи ја притоа репликата по која стана познат

 – прашајте го судијата зошто нема привор за Груевски и Мијалков!

За таква изјава секако треба голема лична храброст.

Впрочем, Петар Богојески и како заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е еден од ретките членови на партијата кој јавно ги соопштува и аргументира своите ставови. Тој во интервју за Дојче Веле   јасно кажува дека:

Партијата е во стресна состојба. Ова е исклучително тежок период. Има премногу шпекулации и подметнувања… практикувањето на политика на ниски страсти нѐ доведе до оваа состојба, како наследена од минатото. Проклето е тешко да им се објасни на дел од членовите дека ВМРО-ДПМНЕ дека мора да ги напуштаат тие практики и политики, на сметка на промовирање силни државнички политики. Ако јас се прашувам, инсистирам на политика, без грам политиканство во истата. Најдобро е на сегашноста да гледаме низ призмата на иднината 

Тоа беа пораки кои не им се допаднаа на оние кои се во врвот на партијата, а секако и на оние кои и натаму се присутни од сенка!

Посебно силно одекна неговата констатација пред референдумот дека

И гласот ‘против’ на овој референдум, е глас за Македонија

Јасно рече и дека:

Бојкотот е неприфатлива опција… тоа не е проект кој е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Тоа е проект кој се шверцува од страна на луѓе кои сакаат целосната вина за евентуалното пролонгирање на процесите од евроатлантската агенда да падне на грбот на нашата партија, а да се амнестира СДСМ од одговорност.

Разрешувањето Богојески го прими мирно, без драматизација. На својот профил напиша дека во партија има непомирливи концепти, бидејќи едниот е за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција