По многу натегања битолчани, сепак добија нова фонтана

vmro-dpmne-logo

 

Проект: Реконструкција на фонтаната пред музејот во Битола.

Опис на проектот: Ќе извршиме темелна реконструкција на фонтаната, која ќе биде завршена и проширена со партерно уредување. (Средства: 1.200.000 денари. Извор на финансирање: Буџет на Општината. Рок: 2013-2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за реконструкција на фонтаната пред музејот во Бтиола е ветување на градоначалникот Владимир Талески дадено за локалните избори 2013-2017 година. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма насловена како: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Битола!“ (стр.45). Ова изборно ветување на Талески е исполнето, со забелешка дека тоа е сторено три години подоцна од рокот за реализација наведен во неговата изборна програма.

Култната Бела фонтана, како што ја нарекуваат битолчани, беше урната на 19.04.2016 година.

Со булдожери денеска беше срушена Белата фонтана во Битола, едно од култните места каде што младите се собираа во вечерните часови и со спрејови по ѕидовите како пароли ги испишуваа своите мисли. Фонтаната се простираше пред битолскиот Завод и музеј, како симбол на градот останат од времето на социјализмот, јави Утрински весник.

Ваквиот потег на општинарите, како што објави Плусинфо, предизвика реакции во јавноста, порадо тоа што од Општината изјавиле дека на таа локација ќе се реализира некаков проект за употреба и одржување на крстосницата помеѓу улиците Партизанска и Климент Охридски и просторот околу фонтаната, додека пак, граѓаните очекувале реконструкција на старата фонтана.

Јавноста воопшто не беше информирана за плановите на Општината да го урне ова културно обележје на градот, кое опстојуваше како симбол на младоста на многу генерации, уште од 1977 година и покрај негрижата и неодржувањето од надлежните во последните десет години.

На 26.04.2016, градоначалникот Талески  изјави дека на местото на фонтаната ќе никне парк.

По низата забелешки и сугестии од граѓаните, дека фонтаната треба да се реконструира, и кога пративме екипа да видиме во каква состојба се наоѓа истата, она што го добивме како резултат е дека материјалот е шуплив и ровит, практично се распаѓа. Заклучивме дека фонтаната фактички статички е нестабилна , направивме нов проект, информира телевизија Тера.

На 14.11.2016 година, во изјава за Нова Македонија, од Општина Битола информираа дека на местото на старата фонтана, сепак ќе никне нова.

Долго време размислувавме дали да ја реконструираме фонтаната кај Заводот и музеј, или истата таа да ја срушиме и на нејзино место да изградиме сосема нова фонтана, која не само што ќе биде поубава од претходната, туку и далеку пофункционална. Затоа се одлучивме целосно да ја срушиме и на истиот простор да изградиме сосема нова фонтана, која ќе биде многу поубава и која според проектот, не само што добро ќе се вклопи во просторот пред Градското шеталиште, туку и ќе биде место каде што битолчани ќе можат убаво да се чувствуваат – ни изјавија од локалната самоуправа на Битола.

На 18.04.2017 година, телевизија Тера објави дека битолчани сепак добиле нова фонтана пред зградата на музејот.

Веќе е јасно дека Битола доби нова фонтана на местото на старата пред зградата на музејот. Старата беше урната ланската година, а до скоро не можеше да се добие информација што точно се гради.

Имајќи го предвид сето ова, како и роковите дадени во изборната програма на Талески, може да се заклучи дека ветувањето за реконструкција на фонтаната пред музејот во Битола е исполнето, со задоцнување од три години.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *