Почна регулацијата на Виничка Река

Регулацијата на коритото на Виничка Река почна во јули 2017, речиси три години по изборно проектираниот рок за реализација (декември 2014) Фото: Принтскрин

Проект:

Регулација на Виничка Река, за што веќе е изработен проект и се обезбедени средства за реализација во висина од 15.000.000 денари (250.000 евра).

Рок: декември 2014 година

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Виница, Емил Дончев за локалните избори во 2013 година (како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ) на своите сограѓани им вети уредување на речното корито на Виничка река. Во неговата изборна програма, наречена „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Виница“, Дончев вети дека до 2014 година ќе се заврши со регулацијата на Виничка Река, потенцирајќи дека за тоа е веќе изготвен проект и обезбедени се потребните средства.  Според проверката на „Вистиномер“ ова негово изборно ветување е делумно исполнето. Регулацијата на коритото на Виничка река почна на 12 јули 2017 година – речиси три години по изборно проектираниот рок за реализација (декември 2014), и како што е најавено, треба да заврши  во ноември 2017 година.

Со пребарување по интернет се добива информацијата  дека градоначалникот Дончев во декември 2015 година најавил дека во 2016 година „со средства од ИПА програмата ќе се уредува коритото на Виничка Река“, но наспроти ваквите планови проектот старуваше дури ова лето (јули 2017). Според претставникот на  Центарот за развој на Источно планскиот регион:

Се работи за проект вреден 4.657.986 денари од кои 3.626.441 денари се средства од Министерството за локална самоуправа обезбедени преку Бирото за регионален рамномерен развој. Општина Виница во реализацијата на овој капитален проект учествува со средства во износ од 1.011.544 денари,

На свеченоста по повод отпочнувањето на работите на регулацијaта на Виничка река, како што пренесоа медиумите, Дончев изразил надеж дека проектот ќе финализира за четири месеци.

Работите ќе бидат завршени за 120 дена и с енадеваме дека ќе успееме во втора фаза да обезбедиме пари за целосно уредување на реката (Дончев).

Проектот за уредување на речното корито на Виничка река, според она што е наведено во програмата, требало да чини 15 милиони денари, меѓутоа, но во најавите на локалната самоуправа се споменува многу помала сума што сугерира дека зафатот на уредувањето на речното корито, веројатно,  нема да биде во предвидениот обем.

Според објавата на А1.он  од 1.08.2017 година (дваесетина дена по почетокот на изведбата на проектот), која информира дека интензивно се одвиваат работите за регулација на коритото на Виничка Река, се појаснува и дека, всушност, станува збор  за втора фаза од уредувањето на коритото:

Во рамките на втората фаза од Проектот за регулација на речното корито на Виничка Река, ќе се доизгради целосно коритото од мостот кај Бојаџиски бунар до Горна чешма,

Во истата објава се додава дека со регулацијата на коритото на Виничка Река ќе се регулира дотокот на вода и ќе нема излевање и поплава на одделни површини и куќи во непосредна близина на коритото на реката.

За подетални информации околу тоа дали проектот за регулација на коритото на Виничка Река ќе се реализира целосно, односно во согласност со ветеното или делумно, се обративме до службите надлежни за информирање во Општина Виница, но оттаму досега (09.08.2017) не добивме одговор. Никаква информација околу уредувањето на речното корито во Виница нема ниту на официјалната веб-страница на локалната самоуправа.

Па, тргнувајќи од расположливите информации, ова  ветување на градоначалникот на Општина Виница, Емил Дончев, кое се реализира со големо задоцнување и во пресрет на локалните избори, го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција