Почнати се активности за изградба на градинка во Штип

Фото: Фејсбук профил на градоначалникот на Штип, Бочварски

Нова детска градинка во населба Сењак 4

 [Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година,  „Живот во Штип за сите“ (стр.12 и стр. 26), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, за локалните избори (октомври 2017 г.),  како кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, вети изградба на нова детска градинка во населбата Сењак 4. Споменатото  ветување е дел од предизборната програма на Бочварски : „Живот во Штип за сите “ (на стр.12 во делот „Општина за сите нас“ и на стр. 26. во делот „Месни проекти“ – Урбана заедница „Сењак“),  и неговата реализација е во тек.

На 05.12.2017 година, два месеца по доаѓањето на градоначалничката функција,  Бочварски  на прес – конференција  соопшти дека  се обезбедени финансиски средства за изградба на нова детска градинка во Штип,  локација за неа  во населбата Сењак, а  изготвена е и потребната техничка документација. Исто така, тогаш беше кажано и дека вкупната инвестиција изнесува 36,8 милиони денари,  од кои 16 милиони се  средства од Источно-планскиот регион, а остатокот, ќе го кофинансираат Општината и Министерството за труд и социјална политика.

Ова е убава можност да се пофалиме дека во наредниот период ќе започнеме со реализација на еден од клучните капитални проекти со коишто излеговме на претходните локални избори. Се работи за детска градинка за 200 деца којашто е околу 1500 метри квадратни и е насушно потребна за нашиот град, бидејќи во последните триесет години Штип не добил детска градинка (Бочварски)

Во средината на март оваа година (2018) од Општина Штип информираа дека со Одлука на Владата на Република Македонија,  добиле на трајно користење градежно земјиште за изградба на детска градинка во населбата Сењак 4.

Сакам да ја информирам јавноста во Општина Штип дека вчера на седница на Владата на Република Македонија е доделено градежно земјиште за изградба на детска градинка во населба Сењак, на Општина Штип. Ова е уште еден чекор во насока на изградба на еден од најголемите капитални проекти којшто го ветивме во предизборната кампања и со кој посебно се гордееме. Токму затоа ја информирам јавноста дека се работи за парцела од 5518 м2 каде што ќе се изгради градинка за околу 200 дечиња. Наредниот чекор е да ги добиеме средствата кои се веќе изгласани на источен плански регион од околу 16.000.000.00 денари, а Општина Штип ќе го покрие остатокот од својот буџет со нешто повеќе од 20.000.000.00 денари. (Бочварски)

На 14 овој месец  (јули 2018) порталот „Сакам да кажам“ објави дека  Општина Штип и Центарот за развој на Источно-планскиот Регион, потпишаа Договор за изградба на новата градинка во Штип.

Деновиве (20.07.2018) медиумите информираа дека  Центарот за развој на Источниот плански регион (ИПР) го распиша тендерот за изградба на детска градинка во штипската населба „Сењак“,  а како што беше соопштено,  тендерската постапка  треба да заврши до 10 август.
 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција