Почнати се преговори со Грција за приклучување кон гасоводот ТАП

sdsm-logo

 

Ветување: Ќе започнеме преговори со акционерите на ТАП за да обезбедиме приклучување на Македонија и ќе започнеме преговори со надлежните министерства и компании од Бугарија и Грција за да обезбедиме поврзување на македонскиот преносен систем за природен гас со преносните системи во овие земји.

[Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“,  стр. 220, датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено за парламентарните избори во 2016 година во нивната програма „План за живот во Македонија“ (стр.220), дека во првите шест месеци од мандатот  „ќе започнат преговори со акционерите на ТАП за да се обезбеди приклучување на Македонија на гасоводот и дека ќе започнат преговори со надлежните министерства и компании од Бугарија и Грција за да се обезбеди поврзување на македонскиот преносен систем за природен гас со преносните системи во овие земји“, е делумно остварено.

Ова ветување СДСМ го наведе на стр.229 од изборната програма, во  Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ и требаше да биде  исполнето најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.).  Владата соопшти дека се почнати преговори со Грција за гасоводна интерконекциска врска, што треба да овозможи проклучок на гасоводот ТАП, но до денеска (13.07.2018) нема официјални информации дека со акционерите на гасоводот ТАП се почнати преговори за реализација на приклучокот.

Лани во ноември (2017) на состанок на македонски и грчки претставници е потврдена заинтересираноста за изградбата на интерконекциската гасоводна врска меѓу двете земји и е потврден веќе потпишаниот договор меѓу компаниите, ДЕСФА од Грција и МЕР од Македонија.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на почетокот на март годинава најави дека во текот на 2018-та ќе почне изградбата на интерконекциските врски со Грција и со Бугарија.

Оваа година ќе отпочне интерконекциската врска со Република Грција, исто така ќе отпочне и со Република Бугарија. Тука би сакал да кажам дека Министерството за транспорт и врски, заедно со владата, се разбира, планираат магистралните гасоводи комплетно да бидат завршени на почетокот на 2020 година. (Сугарески интервју за Радио Слободна Европа)

Владината прес-служба неколку дена подоцна соопшти дека работна група составена од членови на државното акционерско друштво „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) и на грчката компанија за управување на систем за пренос на природен гас (ДЕСФА) разговара и ја утврди временската рамка и деталите за реализацијата на трасата на гасно поврзување меѓу Македонија и Грција со интерконектор.

Согласно мерките за градење доверба помеѓу Македонија и Грција и интензивирањето на билатералната соработка иницирана од премиерите на двете земји, експертите се согласија дека проектот е добро решение за двете земји и отвора можности за продлабочување на соработката во енергетиката, но и поттикнување на регионалната енергетска соработка на Балканот. Така, создадените услови за соработка на политичко ниво иницираа започнување на активностите за реализација на проектот на техничко ниво. (Влада соопштение 18.03.2018)

Според соопштеното, гасоводната траса е долга околу 120 километри, по шеесеттина километри на македонска и на грчка страна. Во план е и изработка на физибилити студија која ќе ги опфати техничките и економските аспекти на гасното поврзување и ќе понуди конкретни решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од два до три милијарди кубни метри гас.

Владата, исто така, соопшти дека за да почне реализацијата на проектот годинава, Македонија и Грција заедно ќе аплицираат за финансиски средства во меѓународните институции.

Реализацијата на овој проект е од особено значење за Република Македонија, бидејќи се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП, како и користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. Со тоа ќе се овозможи транзитирање на природниот гас низ Македонија кој понатаму може да се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот, со што ќе се поттикне развојот на инфраструктурата за земјите од Западен Балкан, (соопштение Влада).

Меѓутоа, нема информација дека двете држави аплицирале за вакви средства. Покрај ова, нема информација од официјалните институции и објави во медиумите дека владини претставници или претставници на МЕР разговарале со акционерите на ТАП за реализација на приклучок кон овој гасовод кој сѐ уште е во најава и се преиспитува од страна на италијанската влада.

Така што, според расположивите информации може да се каже дека ветувањето на СДСМ, дадено за време на парламентарните избори во 2016 година, за преговори со акционерите на гасоводот ТАП и дека ќе почне преговори со Грција и Бугарија за гасоводно поврзување е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *