Подготвени се измените на клучниот медиумски закон

 

Клучните промени се кај Агенцијата за медиуми и кај МРТВ. Се менуваат начините и условите за избор на членови на Советот на Агенцијата, на Програмскиот совет на МРТВ, како и условите за кандидатите за директори. Се укинува и радиодифузната такса – ќе биде заменета со решение 0.7 отсто од Буџетот на РМ…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Реформите во медиумската сфера започнаа неодамна со носењето на формална одлука на Владата за откажување од реклами во приватните медиуми, со јавни пари. Исклучок е оставен само за социјалните мрежи, а тука е и формулацијата дека натамошната „комуникација ќе се одвива преку јавниот сервис“, што предизвика одредени дилеми кај дел од медиусмките организации.

Ова прашање е дел од програмата на Владата, но и дел од Итните реформски приоритети и од Планот 3-6-9. Реализацијата на оваа одлука, како што се наведува и во други документи и на Владата и на медиумските организации, ќе го ослободи пазарот на медиумите од упади и дисторизии што ги правеше претходната влада, која со години влијаеше на тој пазар со повеќе десетици милиони евра.

Но, вистинската и многу крупна реформска активност се измените во еден од клучните закони за медиумите, а тоа е Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (линк до постоечкиот).

По повеќегодишно искуство во кое беа воочени слабостите на овој закон, по повеќе забелешки и од предлози доставени и од медиумските организации, Владата веќе ги спакувала измените и има консолидиран текст на законот. Овие измени на 31.08.2017 се доставени до медиумите, до новинарите, до струковите организации и до организациите што се занимаваат со медиумската сфера од невладиниот сектор, со што се оставени дополнителни 7 дена за финални забелешки, по што треба да биде предложен и усвоен од страна на Владата и доставен од Собранието на РМ.

 

КЛУЧНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ ВО ААВМУ И ВО МРТВ

Главните измени на законот, според образложението се две – во регулативата за Агенцијата за медиуми (ААВМУ) и во регулативата за јавниот сервис, Македонската радио телевизија (МРТВ).

Во случај со првата институција, се менува начинот на изборот и мандатот на членовите на Советот на ААВМУ, начинот и условите за избор на директор на Агенцијата и надлежностите што ги има Агенцијата во својата работа, во смисла на овластувања и надзор на работата на радиодифузерите.

Накратко, наместо мандат од 7 години сега се предлага мандат од 5 години, се заоструваат условите за кандадат за член на Советот и за директор, а се менуваат и овластените предлагачи.

Предложени се измени и во областа за изрекување мерки што може да ги одредува Агенцијата во случај на прекршување на прописите од законот што се облигаторни за радиодифузерите:

Имено, наместо досегашното решение истите да ги изрекува директорот, со предлог-законот е утврдено дека мерките ќе ги изрекува Советот, со цел да се избегне евентуалната злоупотреба на дискреционото право на директорот, што доведува до сегашните отстапувања и несоодветни состојби во оваа област. Дополнително, начинот на нивно изрекување и постапката што претходи на мерките е основа за да се избегнат притисоци и влијанија врз медиумите – пишува во образложението на изменетото предлог-решение.

Во поглед на Македонската радио телевизија, која како јавен сервис е клучен дел од медиумските реформи и од приоритетите во нив, направени се клучни измени во три сегменти.

Прво, се укинува радио-дифузната такса како главен извор за финансирање на МРТВ. Наместо тоа, се воведува финансирање од Буџетот на РМ, со предлог тоа да изнесува 0.7 отсто од Буџетот на годишно ниво. Со ова решение, теоретски би требало да се обезбеди приход од околу 21 милиони евра на годишно ниво, со тоа што, од овие пари 74,5 отсто би биле наменети за финансирање на МРТВ, а остатокот би одел за финансирање на Агенцијата за медиуми и јавното претријатие Македонска радиодифузија (МРД).

Овој начин на финансирање го предлагаа и петте медиумски организации (ЗНМ, ССНМ, СЕММ, ИКС и МИМ), со тоа што нивниот предлог беше финасирањето да изнесува 1 отсто од средствата од Буџетот на РМ на годишно ниво, со оглед на големите потреби за кадровски и техничко-технолошки развој на МРТ. Впрочем, овој процент, 1 отсто, беше и во минатогодишниот предлог за измени на истиот закон, што како опозиција тогаш беше поддржан од СДСМ во Собранието на РМ.

Втората клучна измена е во начинот на предлагање и избор на членовите на Програмскиот совет на МРТВ, кој е клучен за изборот на раководни лица во јавниот сервис и за утврдување и спроведување на програмските определби на јавниот сервис. Се цели на поголема транспарентност при изборот. Измени се направени и во условите за кандидат за директор и заменик директор на МРТВ. Сега, според предлогот, се бара минимум 8 годишно работно искуство во областа на медиумите, комуникологија, комунукации со јавноста и раководење со организација.

Она што е клучно кај измените и во Агенцијата за медиуми и кај Програмскиот совет на МРТВ, е тоа што со овој предлог сега се бара двотретинско мнозинство од Собранието како услов кандидатите да бидат избрани. Досега тие се избираа со просто мнозинство пратенички гласови.

 

ИЗМЕНИ ВО ОБВРСКИТЕ НА МЕДИУМИТЕ

Предлогот за измени на ЗААВМУ содржи и бројни други измени, но позабележителни се две. Имено се намалува процентот на обврската за емитување на музичка филмска и документарна програма од страна на радиодифузерите со што се намалуваат и нивните трошоци во работењето.

Трговските радиодифузни друштва кои емитуваат телевизиски и радио програмски сервис се обврзуваат дневно да емитуваат најмалку 30% програма изворно создадена од македонски автори и автори на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, a јавниот радиодифузен сервис најмалку 40% – гласи предложената измена.

Воедно, укинати се членовите кои предвидуваа надомест на радио-дифузните друштва за содавањето ваква програма од страна на Буџетот на РМ. Во обаснувањето на оваа предложена измена се наведува следното:

На овој начин, а поради еднаков третман на сите медиуми и избегнување на фаворизирање на конкретни телевизии со национални концеции, како што беше досегашната пракса се укинува и надоместокот преку кој Владата досега вршеше влијание врз медиумите.

Втората предложена измена се однесува на пропишувањето на правила при емитување и водење информативни и дебатни емисии, при што во детали се наведуваат правилата за обезбедување балансираност, различност на мислења, информации и недискриминација. Околу овие членови постои дебата меѓу стручната јавност, во која клучна дилема е дали на тој начин не се навлегува во нешто што е во принцип прашање на саморегулацијата на медиумите.

Со предлогот измени на овој клучен закон, формално ќе биде исполнета една од таксативно набоените обврски во Планот на Владата 3-6-9, за првите три месеци од нејзината работа, но и од итните реформски приоритети во делот на медиумите. Намерата е да се остварат подобри законски услови за независно, деполитизирано дејствување на регулаторното тело, какво што е Агенцијата за медиуми и деполитизирано функционирање на јавниот сервис.

Проверката на квалитетот на измените е дел од јавната расправа за која се уште има време од неколку дена, но таа проверка ќе се изврши и во практиката, односно праксата ќе го покаже квалитетот на измените решенија.

 

Документ: ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ (Скопје, септември 2017 година), ПРЕДЛАГАЧ:Владата на Република Македонијa, ПРЕТСТАВНИЦИ:Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, заменик на министерот за информатичко општество и администрација

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *