Полицијата подредена на СЈО – кнедла во грлото на власта

Полицајци има, но нема политичка волја да се стават под раководство на СЈО. Фото: МВР, колаж: Вистиномер

Иако Законот за кривична постапка дозволува специјален полициски тим да биде под команда на обвинителите, министерот за внатрешни работи Митко Чавков и експремиерот Никола Груевски ова многу тешко го голтаат

 

 

Иако Законот за кривична постапка дозволува специјален полициски тим да биде под команда на обвинителите, министерот за внатрешни работи Митко Чавков и експремиерот Никола Груевски ова многу тешко го голтаат

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Со измените на Законот за кривична постапка од пред некоја година обвинителствата ги презедоа истражните дејствија од истражните судии. Тие функции преминаа на т.н. Истражните центри при Обвинителствата. Постапката за спроведување на измените одеше споро и некогаш целосно беше во застој, бидејќи Јавното обвинителство и преку својот раководител Марко Зврлевски се жалеше дека за целосно заживување на измените, односно комплетно преземање на истражната функција, не постојат услови. Стартот на примената на измените се случи пред три години.

 

ПОСЕБНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО БАРА И ДРУГИ ПОСЕБНИ ИНСТИТУЦИИ

Овој вовед е поврзан со расправата која деновиве се води во објектот на ЕУ во Пржино, меѓу претставници на четирите големи партии, а по препорака на странските посредници во разрешувањето на нашата криза. Се работи за разработка на идејата „посебно обвинителство – поосебен кривичен суд – посебна полиција“, како институции кои би ја направиле поефикасна работата на Јанева и нејзините колеги во расчистувањето со криминалот кој произлегува од прислушкуваните телефонски разговори.

Накусо, прашањето на посебното судско одделение при Кривичниот суд, како можна варијанта, каде би завршувале кривичните пријави на СЈО, како да поминува полесно, бидејќи се оди по аналогија. Постоењето на специјално полициско одделение кое би ја помагало истрагата на СЈО е под превезот на поголема мистерија, иако се чини дека таквата помош е уште полесно да мине и кај најголемите скептици за „паралелниот систем“ бидејќи такво законско решение постои во ЗКП.

Се работи за т.н. полициски истражители кои постојат во ЗКП и кои ОЈО на пример ги користи во истражните дејствија од МВР. Тие може да се бираат или да се бараат по одреден број. Формално може да се формира и посебна полиција во рамки на истражните одделенија на Обвинителството, ама за тоа тогаш ќе требаат и повеќе пари, простории и слично, па се оди на тоа да се обезбеди одреден број полицајци од МВР кои би биле на услуга на обвинителите. Што се вели би биле „при рака“. По аналогија, ако постои специјално обвинителство, и тоа треба да има такво одделение со полициски истражители. Во преговорите во Пржино се заговара секако да се формира посебен оддел при МВР, но тој да ја има својата автономност во однос министерот и неговата политика, исто онака како што СЈО има автономна позиција во однос на ОЈО – вели адвокатот Филип Медарски.

 

ОПСТРУКЦИИ ЗА ЈАНЕВА

За неговата колешка Сузана Јошевска Анастасовска актуелната позиција на Катица Јанева и нејзините колеги укажува дека им се прават големи проблеми во текот на истражните дејствија. Да речеме, им требаа одредени број финансиски истражители, но тие не им се даваат под изговор дека постојните овластени лица „имаат многу работа“. Се случува да им требаат четворица, а им се дава еден! Тоа влијае и на ефикасноста и на брзината на истражните дејствија, а со тоа и на формирањето на обвинителниот акт.

Навистина, треба да се потсетиме дека Јанева дури подготви кривична пријава за директорот на финансовата полиција Александар Тргачевски, заради недоделување на стручњак од нивните редови!

Законот дозволува да се формира посебен тим на полициски истражители во рамки на истражните оделенија кај обвинителствата и тоа може да се прави на два начини  – или со земање на полицајци од МВР, но дури и со назначување на профилот, па и името на полицајците или со формирање на посебни одделнија. Мислам дека е нарасната свеста за работа во вакви специјални органи за борба против криминалот и корупцијата и ќе има дури и доброволци за работа во вакви сегменти на истрагата – тврди Јошевска Анастасовска. Ние и како систем се приближуваме на американскиот правосуден систем и полека го напуштаме француско-германскиот. Во овој систем улогата на обвинителите е далеку понагласена, а и во јавноста тие повеќе се на цена. Тука помага што е голем бројот и на судии, обвинители и полицајци и на други кадри кои минале соодветни обуки надвор од земјата и тие секако се корисни. Еве и јас сум минала таква американска обука и на тоа треба да се гледа позитивно.

 

ОД ПРВИОТ ЧОВЕК НА МВР ТРЕБА ДА СЕ ОЧЕКУВА ОПСТРУКЦИЈА

Во услови кога СЈО води само против поранешната министерка на полицијата Гордана Јанкуловска 16 предмети и кога актуелниот министер кој ја замени на таа функција може лесно да се најде под светлината на истрагата (како прв човек на јавната безбедност во нејзино време) лесно е да се очекува и досегашната опструкција да си потрае, дури сè додека не мине мандатот на Јанева!

За тоа како досега се одвиваа работите говори и фактот дека Чавков го смени Примислав Димовски од шеф на полициските „алфи“, иако со тоа го повредил членот 50 став 3 од Законот за кривична постапка, кој изрично забранува разрешување и распоредување на друго работно место на истражител назначен со наредба на јавен обвинител. Министерот се соочува со кривична одговорност. Примислав Димовски се води како истражител во Специјалното јавно обвинителство, пишуваше печатот на крајот на мај.

Пржинските преговори затоа треба да отстранат дел од постојните и идни бариери што ги поставуваат и официјални установи и институции на екипата на Јаневска.

 

Многу членови во ЗКП за правосудната полиција

Полицискиот сегмент во ЗКП се споменува најпрвин во член 21, точка 10, каде се набројуваат актерите во кривичната постапка.

На односот обвинител  полиција е посвтена гласвата 4 во ЗКП, каде има две дузини членови.(од чл. 39 до чл.52).

Во членот 48 се вели:

Состав на правосудната полиција

Должностите на правосудната полиција, во смисла на овој закон, ги вршат: 1) полициските службеници во организационите единици во Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа кои согласно со законски утврдениот делокруг на работа преземаат мерки и активности за откривање на кривични дела, фаќање и пријавување на сторителите на кривични дела, обезбедување на докази на кривичните дела и други мерки со кои се овозможува непречено водење на кривичната постапка; 2) припадниците на правосудната полиција во истражните центри на јавното обвинителство и 3) службениците доделени на јавниот обвинител согласно со членот 50 на овој закон.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција