Поранешна „Бихаќка“ остана „тесно грло“

Од Булеварот се уште ништо. Фото: Официјална страница на градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ

 ПРОЕКТ: ПРОШИРУВАЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА „ПАВЕЛ ШАТЕВ“ (ПО РАНЕШНА БИХАЌКА) 

 Град Скопје ќе ја реконструира и прошири улицата „Павел Шатев“ (поранешна улица „Бихаќка“), со што ќе се добие модерен булевар по сите стандарди. Рок: 2014-2015 година

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето дадено во изборната Програма на ВМРО ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година на кандидатот за градоначалник од оваа партија Коце Трајановски, не е исполнето.

Ова ветување се наоѓа во предизборната Програма (стр.51) на Трајановски и на неговата партија и има прецизен рок за исполнување – во првите две години од мандатот,  2014 – 2015 година. Истото ветување беше дадено и во кампањата за локалните избори (2013), кога Трајановски заедно со сопартијците ја претставуваше Програмата.

На 11 март 2013 година, медиумите информираа дека Трајановски во присуство на кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ и со кандидатот за градоначалник на Опшина Центар, Владимир Тодоровиќ, го промовираше планот за проширување на поранешната улица „Бихаќка“ во современ коловоз со булеварско решение:

…Улицата „Павел Шатев“ ќе се реконструира и прошири од крстосницата со улиците „Јордан Мијалков“ (поранешна улица „Железничка“) и „Антон Попов“ и булеварот „Кочо Рацин“ до улицата „Серска“.

– Станува збор за значаен проект за општините Кисела Вода и Центар со чија реализација ќе се овозможи побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот на оваа сообраќајница, која е витална за жителите на населбите Црниче и Пржино, како и дел од населбата Водно, бидејќи таа е нивна врска со центарот на Скопје, изјави Трајановски.

Тодоровиќ и Беличанец Алексиќ истакнаа дека ќе го поддржат овој проект со сите потребни градежни дозволи и останати административни процедури.

Улицата „Павел Шатев“ ќе се реконструира и проширува на потег во должина од околу 600 метри. Предвидено е да добие четири сообраќајни летни со ширина од по 2,5 метри и нови пешачки патеки со ширина од 2 метри со што ќе се добие едно модерно булеварско сообраќајно решение. За реализација напроектот се предвидени околу 60 милиони денари.

FireShot Screen Capture #077 - 'ул_ Павел Шатев - Карти на Google' - www_google_com_maps_place_Скопје,+Македонија_@41_9873133,21_4313403,3a,75y,213_79
Улицата ги спојува Црниче и Центар. Фото: скриншот

Со опсежно пребарување на интернет и на агрегаторите на вести, не може да се дојде до ниту една информација дека ова ветување е исполнето. Истото може да се потврди и визуелно, со прошетка или возење по улицата „Павел Шатев“ од раскрисницата кај подвозникот, до улицата „Серска“ во Пржино, до каде требаше да биде реконструирана оваа улица.

Единствен зафат кој е направен на улицата „Павел Шатев“ е реконструкција на атмосферската канализација извршена во 2014 година, со што се намалени ризиците од поплавување на улицата под подвозникот, состојба што се случува при секое малку подолготрајно или пократкотрајно врнење со поголема количина на воден талог.

Оттука, ветувањето за проширување на оваа улица која е најблиската врска на жителите од населбите  Црниче и Пржино со центарот на Скопје, го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција