Последиците од невремето во Порој сè уште не се санирани

Александар Велјаноски: „Ветувањата на Заев за санација на последиците од невремето во Порој, се само мртва буква на хартија“ Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Расположливите информации говорат дека е почнато со преземање на мерки за санација на штетите од поплавите во село Порој, како и со процесот на компензација на оштетените земјоделци, но дека тоа не се одвива според најавеното темпо што предизвикува незадоволство кај населението засегнато од поплавите

 

Во изјава за медиумите (04.07.2017) Александар Велјаноски од ВМРО-ДПМНЕ  рече дека при посетата на село Порој, каде пред месец и половина се случија поплави,  утврдиле дека состојбата сè уште  не е нормализирана:

Се наоѓаме во селото Порој, каде што и по еден месец од поплавите што го погодија ова населено место, сè уште состојбата на патиштата и на мостовите не е нормализирана. И покрај ветувањата дека за една недела овие работи ќе се решат, чистењето е целосно запрено, а механизацијата е целосно повлечена…

Ветувањата што ги даваше Заев и за санација на овој мост и за изградба на неколку други, како и сите други ветувања од страна на СДС, засега се само мртва буква на хартија…

Ги повикуваме Зоран Заев и СДС наместо да продаваат демагодија и лажни ветувања, веднаш да се фатат за работа и да почнат да ги реализираат ветувањата што ги дадоа пред граѓаните 

[Извор: Веб – страница на ВМРО-ДПМНЕ ; Датум: 4.07.2017 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Повеќе од еден месец по поројните дождови кои го зафатија тетовскиот крај и предизвикаа голема материјална штета во тетовското село Порој сè уште не е завршена санацијата на штетите, која ја вети премиерот Зоран Заев за време на својата посета (6 јуни 2017г.) на загрозеното подрачје. Иако Владата уште веднаш формираше комисии кои ги задолжи да ги соберат потребните информации и да организираат и спроведат санација на штетите на инфрастуктурата, посевите и да ги забрзаат активностите за обесштетување на оштетените имоти, медиумите објавуваат извештаи дека, и по месец и половина по невремето, не е поправен мостот на регионалниот пат Тетово Јажинце, кај Порој, ниту пак, се исчистени наносите од кал, камења и земја кои ги донесла буицата, а не се обесштетени ниту земјоделците на чии парцели се уништени земјоделските култури. Според ова, изјавата на Александар Веланоски од ВМРО-ДПМНЕ, дека Заев не го исполнил ветувањето за санација на полседиците од невремето во Порој, ја сметаме за делумно вистинита.

Според прилогот на Алсат-М од 14 јули, што значи четириесетина дена по поплавите:

Сè уште не е почната реконструкцијата на дрвениот  мост  во село Порој, кој беше оштетен од поплавите на 5 јуни. Жителите велат дека сообраќајот на мостот уште повеќе е отежнат, а сега се јави и нов проблем во селото,а тоа е немањето вода за пиење.

Алсат М, исто така потсетува дека

Освен дрвениот мост за чија санација имаше ветувања и од општина Тетово, и од Министерството за одбрана, во селото исто така беа уништен над 50 хектари земјоделско земјиште кое сега не може да се користи поради камењата и калта кои ги покрија полињата.

Меѓу информациите достапни во медиумите нема понови извештаи за тоа дали нешто е направено после ова известување на Алсат-М од лице место, па може да се заклучи дека сè уште не се реализирани ветувањата дека ќе им се помогне на оштетените подрачја.

А еве што изјави премиерот Зоран Заев за време на посетата на поплавените подрачја, непосредно по невремето (6.06.2017):

Денеска на втората владина седница донесовме три одлуки. Првата одлука е за формирање на комисија која до вечер треба да биде изготвена комплетно формално-правно, под ингеренции на министерот за земјоделствот, шумарство и водостпонаство за излегување на терен од утре, за да ги утврди сите штети што се настанати врз земјоделските посеви по нивите на граѓаните од Порој и целиот овој регион. Еден дел од граѓаните живеат исклучиво од тоа. Мора брзо да се утврдат штетите за да почне постапката за надомест на штети. Втората одлука е за формирање на владина комисија под ингеренција на мнистерот за транспорт и врски, генералниот секретар на Владата, центарот за управување со кризи и неколку други ресори кои се надлежни за оваа работа, тоа е Комисија за утврдување на штетите врз инфраструктурата. Тоа е речното корито, тоа се улиците, урнисаните мостови, за брз пристап на наслението и враќање на нормалниот живот кој што навистина за 50-тина куќи овде е целосна изолација до пристапот до нивните куќи. Целта е брза интервенција за да може брзо да го вратиме животот на граѓаните од овој дел на тетовскиот регион. Истовремено, третата одлука што ја донесовме – го задолживме министерот за транспорт и врски да ги земе сите документи како што е програмата на УНДП која преку општина Тетово е аплицирана до Владата, за да пристапиме кон трајно решение, како превентива за неповторување на ваквите појави што често се случуваат токму на оваа локација, во Порој (Заев)

Сепак, според поплаките на жителите на овој крај, на терен нема конкретни резултати од овие најави.

Во својот допис како одговор на прашањето на „Вистиномер“: „Што презела Владата за санација на штетите од невремето во Порој и кога ќе се надоместат штетите на земјоделците“, прес – службата на Владата, меѓу другото, информира дека на седницата одржана на 7 јуни биле донесени одлуки за санација на штетите од поплавите во тетовскиот регион, од невремето на 5 јуни.

Формирани се комисии од страна на министерствата за транспорт и врски, за земјоделство шумарство и водостопанство и за животна средина, коишто во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово веќе ги констатираа состојбите на теренот, по што е свикана веднаш истиот ден владина седница за побрзо да се интервенира и да се помогне на луѓето кои се засегнати од последиците од временските неприлики.

На седницата на Владата на Република Македонија на 07 јуни, информирано е дека постои нанос од песок и земја од околу 70.000 метри кубни, на регионалниот пат Тетово – Јажинце, кај Порој, што е неопходно брзо да биде исчистен. За таа цел беа задолжени Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово веднаш да отпочнат постапка за расчистување на наносот на овој фрекфентен и потребен пат за жителите од овој регион, во што Владата препорача да помогне и АРМ.

Од владината прес-служба информираат и дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство било задолжено за постапката за увид и утврдување на штетите, дека за тоа се формирани комисии кои работат на терен, па откако тие ќе ја утврдат фактичката состојба треба да следи надомест за оштетените жители на село Порој.

Сепак, работите не се одвиваат со саканата брзина и жителите на ова тетовско село се незадоволни со динамиката со која постапуваат локалната и централната власт во нивниот случај. Канал 77 на 14 јули извести за тоа дека сè уште не е санирана инфраструктурата во село Порој, оштетена од поплавите:

Мештаните не се задоволни од чистењето на коритото на Поројска река, каде се уште има наноси од земја и големи камења. Ако повторно надојде реката, наносите можат да завршат во нашите домови, рече жител на Порој.

Од Општина Тетово, информираа дека ќе изградат нов мост во село Порој, кој ќе биде наменет и за возила и за пешаци. Градежните активности ќе започнат, очекуваме во секој момент да ни пристигне материјалот, велат властите

Овој медиум информира и дека Општина Тетово има план за санација на коритото на Поројска река, која е дел од акциониот план за превенција од нови поплави.

Но реализацијата на овој план зависи од централната власт, која треба да одобри пари за оваа намена, потврдуваат градските власти.

Од расположливите информации произлегува дека е почнато со преземање на мерки за санација на штетите од поплавите во село Порој, како и со процесот на компензација на оштетените земјоделци, но дека тоа не се одвива според најавеното темпо што предизвикува незадоволство кај населението засегнато од поплавите. Поради ова, изјавата на Велјаноски, може да биде оценета како делумно вистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција