Постапката за формирање полициски омбудсман е во тек

Фото: Принтскрин

 

Ќе ја зајакнеме парламентарната контрола над работата на полицијата и безбедносните служби. Во рамки на институцијата Народен правобранител ќе формираме посебна организациона единица – Полициски омбудсман, со надлежност да спроведува независна истрага за пречекорувањата на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.39 и стр.235); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.)  СДСМ вети дека во привите шест месеци од мандатот  „во рамки на институцијата Народен правобранител ќе биде формирана посебна организациона единица – полициски омбудсман, со надлежност да спроведува независна истрага за пречекорувањата на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права“.  Ова изборно ветување на социјалдемократите кое, исто така,  е дел и од „Планот 3-6-9“, поточно од Наративниот план (6-9),  досега (11.04.2018 г.)  е „делумно исполнето“  

Заложбите за формирањето на „полициски омбудсман“ се искажани во  изборната програма на СДСМ од 2016 година: „План за живот во Македонија“ , на самиот почеток –  на стр.39, во  поглавјето  „Контрола над власта“ во делот  „Демократизација на полицијата“ и  истото е дел од  „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“,  во поглавјето „Правда, сигурност, контрола на власта“( стр.235). Па тргнувајќи од ваквите изборни проекции на социјалдемократите, ова посебно одделение кај Народниот правобранител, требаше да се формира најдоцна до крајот на ноември 2017 година, со оглед на тоа што новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.

Според рокот, пак, утврден во Планот за итните реформски приоритети „3-6-9“, поточно во Наративниот план,  формирањето на посебна организациона единица кај Народниот правобранител на Република Македонија како механизам за граѓанска контрола, требаше да биде направено до крајот на март 2018 година. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст (11.04.2018), направени се  измени на Законот за народниот правобранител,  а специјално одделение кај народниот правобранител ( полициски омбудсман) е во фаза на  формирање, така што ова ветувањето на СДСМ, според методологијата на „Вистиномер“, го оценуваме како „делумно исполнето“.

Законските измени со кои треба да се овозможи граѓанска контрола над работата на полицијата, со вклучување на надворешни експерти од невладиниот сектор, се усвоени во Собранието на 20 февруари 2018 година и објавени во „Службен весник“ бр.35/18. Со споменатите измени на Законот за народниот правобранител се овозможува создавање посебно надворешно дело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.

Во Член 11-г  од овие законсkи измени , е прецизирано дека во рамките на механизмот за граѓанска контрола  на Народниот правобранител може да се преземат следните дејствија и мерки:

  • следење и мониторирање на начинот на постапување на сите инволвирани органи, организации и установи, –
  • да ги разгледа сите списи на внатрешните полициски истраги и на другите внатрешни истраги спроведени од надлежен орган, со право на увид во предметите, пристап кон сите релевантни документи (медицинска документација, изјави на жртвите и сведоците, како и на сторителите и сл), обезбедување на материјални и вербални докази, спроведување на сопствени интервјуа со жртвите , сведоците и сторителите, –
  • да врши посети во органите, организациите, установите инволвирани во случаите и да предложи повторно спроведување на определена постапка пред надлежниот орган и Јавното обвинителство, правна поддршка на жртвите и нивните семејства, – рано предупредување на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција,
  • следење на примената на просписите, идентификување на пропустите и поднесување иницијативи за измени и дополнување на закони и други подзаконски акти и нивно усогласување со меѓународни договори ратификувани во согласност со уставот на Република Македонија,
  • преземање други мерки определени со закон

Член 11-д од Законот, пак,  предвидува дека

  • Во состав на Народниот правобранител -механизам за граѓанска контрола, учествуваат три надворешни членови од здруженија.
  • Собранието на Република Македонија распишува јавен оглас за избор на здружение од областа на човековите права, полициското право и правосудството.
  • Јавниот оглас се објавува во најмалку два дневни весника од кои по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
  • Избраните здруженија номинираат по еден претставник за надворешен член во Народниот правобранител – механизам за граѓанска контрола, со мандат од една година.

Од Канцеларијата на Народниот правобраните за „Вистиномер“ потврдија дека постапката за формирање на ваков посебен оддел за граѓанска контрола на полицијата  е во тек. Во периодот што следи  Собранието треба да даде согласност за актите за систематизација и организација на  работата на Народниот правобранител, за да може да се екипира ова одделение, а очекувањата се дека целата процедура околу формирањето на полицискиот омбудсман би можела да заврши во периодот јуни -јули оваа (2018) година.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција