Постпржинските преговори и концептот на власта за нив

Нобеловецот, професор д-р Џон Неш, креаторот на теоријата на игрите. Фото: Википедија

ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ДУИ има готов концепт на кој постојано го купува времето во преговорите околу спроведување на Договорот од Пржино и ја одржува власта. Не постои воедначена оценка околу концептот. Еден од нив е т.н. Теорија на игрите – ама има два инструменти: создавање на кризни ситуации или дефокусација со исфрлување на нови теми

 

 

ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ДУИ има готов концепт на кој постојано го купува времето во преговорите околу спроведување на Договорот од Пржино и ја одржува власта. Не постои воедначена оценка околу концептот. Еден од нив е т.н. Теорија на игрите – ама има два инструменти: создавање на кризни ситуации или дефокусација со исфрлување на нови теми

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во два слични поводи една аналитичарка на Фејсбук укажува на користењето на теоријата на игрите на нобеловецот Џон Неш од страна на Груевски и неговата екипа. Тој метод, според неа, од страна на споменатите политички фактори кај нас е главно користен во преговорите каде го имаме странскиот елемент, особено пред и после потпишувањето на договорите од Пржино (едниот, па вториот) а особено потоа, кога по малку индиспонираната интернационална машинерија, од причини кои само можеме да ги погодуваме, не успеваше да ја согледа тактиката на ВМРО-ДПМНЕ.

Аналитичарката од Фејсбук, Илинденка Милевска, нè потсетува дека ексминистерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, кој е добар познавач на теоретскиот труд на Неш (се сеќаваме на него од филмот „Блескавиот ум“), го користел неговиот метод од теорија на игрите за да извлече што поповолен резултат за неговата земја, „сардисана“ од доверителите и банкарските „инквизитори“, откако неговата партија Сириза дојде на власт. Во почетокот Варуфакис успевал во својата игра сè додека некој не ги потсетил преговарачите „каде лежи зајакот“, па нервозните доверители, предводени од преговарачот Волфганг Шојбле побарале од грчкиот премиер Алексис Ципрас да си го смени министеро, инаку „ништо од бизнисот“, што овој, како што знаеме и го стори!

The Triumph (and Failure) of Nikola Gruevski’s Game Theory“, како што гласи кусата белешка на оваа тема, од десетина драгоцени редови на Милевска, тврди дека во основа на сличен начин ВМРО-ДПМНЕ преку своите преговарачи ги влече за нос ЕУ, Стејт Департментот, Јоханес Хан, амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли, олеснувачите Иво Вајгел и неговите двајца колеги од Брисел, секако и опозицијата во земјава.

 

ИЗМЕСТИ ГО МУАБЕТОТ

Каква била тактиката, практичната, на Варуфакис? Како и во сите преговори, и во овие, околу враќањето на кредитите на Грција со добивање на меѓународна помош (нови кредити), по многу денови и недели се диференцирале неколку работи кои требало да ги исполни Владата во Атина. Да речеме, да ги намали платите и пензиите во Грција. Свесен дека така му паѓа едно од клучните ветувања на бирачите, Варуфакис сакал да ја одложи таа солуција, па на маса става два сосеми нови проблеми (теми). За нив се фаќаат сите и оние две обврски од преговорите, со кои требаше да заврши сесијата, се – забораваат, односно одложуваат, додека учесниците во преговорите се борат на некоја „нова арена“!

Можеме да речеме дека такви ситуации имаше многу во однос на реализацијата на Договорот од Пржино. Од неа произлегуваа обврски за учесниците. Власта ги игнорираше со различно темпо сите, па кога странскиот фактор, кој беше и остана одлучувачки, па некаде есеноска се концетрираше само на два – избирачките списоци и реформата на медиумите, пратеник од ДУИ во Парламентот, Талат Џафери во координација со ВМРО-ДПМНЕ предложи два нови закони од областа на медиумите и нформирањето, со што целосно го изместија муабетот. Па, така, власта го одложи предавањето на неколку медиуми (меѓу нив и МРТВ) додека сите се расправаа за тоа дали овие закони се дел од Пржинскиот пакет (во една „поширока смисла“) или не, па се што беше пред „потпишување“ беше однесено со виорот.

Поранешниот генерален секретар на СДСМ, амбасадор, а сега професор, д-р Ѓорѓи Спасов вели за „Вистиномер“ дека пишувал на таа тема, само што негов термин за вакви тактики е „подметнување на пожари“.

Некој во критичен момент за него ќе подметне пожар и сите ќе се занимаваат со гаснењето на пожарот – вели Спасов. Тоа партијата за која говориме го прави постојано и тоа на два начини. Или со конструирање на некој инцидент со кој го одвлекува вниманието, или, пак, го прави тоа со уфрлување на некоја тема за која сите ќе говорат, заборавајќи ги оние кои се на масата. Среде отворање на прислушуваните разговори (т.н. бомби) го имаме уфрлувањето на вооружени лица од Косово во Куманово. Или ќе се случат слични закани, како што е меѓу последните, тезата дека вооружени лица од Косово ќе упаднат на судењето на уапсените од акцијата во Диво насеље, па од тоа се прават спектакли барем еднаш неделно. Кај промена на темите имавме случај со аболицијата на претседателот Иванов, кога место со спроведување на Пржинскиот договор се бавевме со аболицијата и со ништењето на една од клучните институции – СЈО! Во тој контекст власта ја наметна и темата дека Пржинскиот договор е де факто мртов, а тоа значеше враќање во предпржинската состојба.

Тоа се, според Спасов, познати пропагандни школи и многу се користат, посебно онаму каде политиката има пари и моќ да прави соодветна анимација на јавното мислење.

Професорот и политиколог Нано Ружин смета дека ние немаме толку обучени играчи за користење на теоријата на играта во политичките преговори. Тој повеќе гледа користење на тактиките и стратегиите кои ги користи владеачката партија, а кои во политиката ги има внесено меѓу двете војни јуристот и политички теоретичар Карл Шмит, која помага да се криминализира општеството преку создавање на кризни ситуации.

Еден од тие елементи е тезата „опозицијата е виновна за сè“, односно за сè што ќе се случи во земјата, а е неповолно толку што не може да се сокрие, власта ја обвинува опозицијата која нема инструменти за такво нешто, ама преку својата пропагандна машинерија власта тоа го наметнува во општеството. Така, она што го направила самата и кое има негативни реперкусии станува прилика за уште поголема дискредитација на правната држава и за преземање на „конците во свои раце“ – вели професорот Ружин.

 

ШТО ПРЕТСТАВУВА ТЕОРИЈАТА НА ИГРИТЕ?

Џон фон Нојман и Оскар Моргенштерн први работеле со оваа проблематика и поопширно опишуваат за оваа теорија во својата книга „Теорија на игрите и човековото поведение“ („Theory of games and human behaviour“) објавена во 1944 г. Потоа, како фундаментален придонес за оваа теорија се исказите на Џон Неш, кој ги дефинира оптималните стратегии за игра со повеќе играчи и го дефинира поимот рамнотежа. Најблиската врска помеѓу оваа теорија и економијата е на полето на истражување и пронаоѓање на рационални стратегии во ситуации каде резултатот не зависи само од сопствената стратегија и „условите на пазарот”, туку зависи и од стратегијата на другите учесници кои имаат исти цели (во економијата тоа е профитот и задржувањето на потрошувачите). Теоријата највеќе има примена во воените стратегии, но и секако во економската наука. Она што е интересно е дека вон Нојман и Џон Неш работеле за американската армија и ја применувале оваа теорија.

Она што економистите го нарекуваат тероија на игрите, социолозите го нарекуваат теорија на општествени ситуации што е и адекватен опис за што се работи во тие игри. Теоријата се фокусира да открие како групите или луѓето заемно соработуваат. Главно теоријата е поделена на два вида игри: кооперативни и некооперативни. Некооперативните игри навлегуваат во тоа колку интелегентно индивидуите соработуваат и комуницираат еден со друг за ефективно да ги остварат своите цели. Во врска со теоријата на игрите, економијата развива уште три теории: теорија на одложување, теорија на рамнотежа или еквиливибриум и теорија за дизајн на механизмот.

Заради просторот, секако ќе се одложи и експликацијата на овие методи во наши прилики. Но, ете, политиката ги користи сите методи за да извлече за себе поголема добивка во дадена ситуација. Особено ако тоа може да го плати.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција