Потребна ли е депрофесионализација на Судскиот совет?

Фото: pxhere.com

 

Мандатот на членовите на Советите пример во ЕУ варира од три години во Португалија (избрани членови), Ирска и Велика Британија, до шест години во Унгарија, Холандија, Романија и Словенија. Додека, пак, во Белгија, Хрватска, Данска, Франција, Италија, Латвија, Литванија, Малта и Полска мандатот на членовите на Советот е четири години, а во Бугарија, Словачка и Шпанија тој е пет години.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Едно од прашањата што се отвора за Судските совети е дали овие тела треба да бидат професионални, мешовити или ад-хок тела. Според мислењето на Консултативниот Совет на Европски судии, иако државите треба да одлучат дали членовите на Судскиот совет треба да бидат членови со полно работно време или со половина работно време, односно половина работно време да ја извршуваат својата функција како судии и/или друга професија станатите членови. Нагласено е дека посветувањето со полно работно време значи и поефекттивна работа и подобра заштита на независноста на судството. Од друга страна, постои потреба да се осигура дека особено судиите кои се членови во Судскиот совет не се отсутни премногу долго од нивната судиска работа, така што, секогаш кога е можно, треба да се зачува контактот со судската практика. Заради тоа се препорачува мандатот на членовите на Судскиот совет да биде ограничен по број и време.

 

ЕВРОПСКИ ИСКУСТВА

Само во неколку земји – членки на ЕУ и тоа Бугарија, Франција, Италија, Холандија и Романија,членството во Советот е со полно работно време. Во некои држави со полно работно време членството е ограничено на извршните тела на Советот. На пример, генерален директор во Данска, претседател на Советот во Словачка, членови на Бирото во Белгија, членови на Постојаниот комитет во Шпанија, при што во Шпанија половина од членовите се со постојано работно време како членови на Советот, додека половина од членовите се со половина работно време во Советот. Во Португалија, самиот член на Судски совет може да одлучи дали ќе биде определен со полно работно време како член на Советот или половина од работното време ќе продолжи да работи како судија.

Во поголемиот дел од земјите членки на ЕУ и тоа Белгија, Бугарија, Хрватска, Данска, Велика Британија, Франција, Италија, Ирска, Латвија, Литванија, Холандија, Хрватска, Португалија, Словачка, Словенија, Полска, мандатот на членовите на Советот може да се обнови еднаш, а во некои земји (на пример во Италија) ваквото обновување не може да биде последователно. Во Унгарија, Романија и Шпанија не е возможно обновување.

 

ПРЕДОЛГ МАНДАТ?

Во Република Македонија членовите на Судскиот совет се избираат со полно работно време за период од шест години и можат да бидат избрани уште еден мандат. Институтот за човекови права, во анализата посветена на мандатот на членовите на Судскиот совет, констатира дека ова го поставува Судскиот совет на РМ на листата на совети во Европа со најдолг можен мандат на членовите.

Функцијата како судии , на членовите кои се избрани од редот на судиите, им мирува. По завршување на мандатот како членови на Судскиот совет тие повторно се враќаат во судовите каде што претходно ја вршеле својата судиска функција. Што се однесува на членовите на Судскиот совет кои не се судии, Законот предвидува тие да се бираат од редот на универзитетските професори по право, адвокати како и други истакнати правници.

Сепак, ова во пракса не се реализира во потполност бидејќи досега немало избран член од редот на професори по право , ниту од адвокатите. Во праксата членовите од редот на истакнати правници претежно биле службеници од кариера во јавната администрација, а некои од нив се судии (идентично како и членовите кои се избрани од самите судии).

Ова ја поткопува професионалната рамнотежа и високото ниво на компетентност предвидени со закон – констаира Институтот за човекови права во анализата.

Според нив, прашање е колку е ефикасна и ефективна работата на членовите на Судскиот совет извршувајќи ја функцијата со полно работно време!? Со мандатот од шест години со можност за реизбор, можат да бидат оддалечени од судиската функција дури и до 12 години. Ваквиот мандат, освен практични потешкотии при повторното приспособување на судиската функција, оневозможува и нивно оценување, што е услов за понатамошно унапредување во судската кариера.

Досегашниот избор на членови на Судскиот совет од страна на Собранието кои се судии, а се бираат во категоријата „истакнати правници“, не е според препораките на Консултативниот совет на Европски судии. Со измените  на Законот за Судски совет од декември 2017 година,  се ограничуваа оваа можност така што за член на Советот од редот на истакнати правници не може да биде избран судија.

 

Преглед на законски измени во законот за Судски совет од 2006 година досега, вклучувајќи ја и последната од мај 2018 година, кои сè уште не ги решиле сите прашања за кои се расправаше во јавноста.

 

Закон за Судскиот совет на Република Македонија   „Службен весник“ бр.60 (15.05.2006)
Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република

Македонија    „Службен весник“ бр.150 (18.11.2010)

Закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот совет на Република

Македонија  „Службен весник“ бр.100 (25.07.2011)

Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република

Македонија   „Службен весник“ бр.20 (12.02.2015)

Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република

Македонија  „Службен весник“ бр.61 (17.04.2015)

Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република

Македонија „Службен весник“ бр.197 (29.12.2017)

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.