Прашање на новинар не може да биде манипулација со јавноста, министре Спасовски

Оливер Спасовски. Фото: скриншот

Прашање на новинар до министер околу тоа како лиценците за полагање за возачки испиит ги добиле фирми формирани неколку дена пред конкурсот е сосема легитимно новинарско прашање. Одговорот на министерот дека новинарот ја манипулира јавноста со таа констатација е спин, а може да се разбере и како притисок врз слободата на новинарството и на медиумите да поставуваат прашања

 

Прашање на новинар до министер околу тоа како лиценците за полагање за возачки испит ги добиле фирми формирани неколку дена пред конкурсот е сосема легитимно новинарско прашање. Одговорот на министерот дека новинарот ја манипулира јавноста со таа констатација е спин, а може да се разбере и како притисок врз слободата на новинарството и на медиумите да поставуваат прашања

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерот Оливер Спасовски во разговор за емисијата „360 Степени“ изнесе констатација дека уредникот и водителот прави манипулација со јавноста кога му поставува прашање околу одлуките на МВР за новите фирми што добија лиценца за полагање на возачки испити, нешто што го оценуваме како извртена вистина односно спин:

Прашање од новинарот: …Дел од фирмите кои ја добија лиценцата за испитни центри беа формирани само неколку дена пред објавувањето на јавниот оглас?

Спасовски: Сакам да кажам дека и оваа констатција која што ја изнесувате е апсолутна манипулација со јавноста, заради тоа што една фирма во испитен центар, во еден регион, дали е сега тоа конкретно за Скопје – имала лиценца 10 години. Најлогично е дека сите други фирми што конкурираат не може да бидат стари фирми… Видете, сите фирми до една кои што конкурирале на огласот се нови фирми – седум, десет дена, пет дена итн… Клучната работа е фирмите, не е важно колку време се формирани и колку време опстојуваат, туку е важно со каков капацитет и потенцијал располагаат: материјално технички средства, човечки ресурси, просторни услови, информатичка технологија… јас не ги знам условите за конкретната фирма, условите ги гледаат комисиите, врз основа на тие услови се добиваат бодови и поени и тука аппсолутно работата е чиста врз основа на законските одредби и подзаконските акти… Сите фирми што учествувале на огласите биле нови фирми, освен старите што имале лиценца на 10 години…

[Извор: 360 Степени/Youtube, интервју со Сапсовски,датум: 09.09.2018]

Контраспин: Тврдењето на Оливер Сапсовски дека прашањето на уредникот и водител на емисијата „360 Степени“ Васко Попетрески е манипулација со јавноста, не само што е извртена вистина, т.е. спин, туку и самото е можна манипулација со јавноста, покрај тоа што може да се разбере и како притисок врз новинарската работа.

Од самиот извадок во транскриптот објавен погоре може да се забележи за што станува збор. Колегата Попетрески, го прашува министерот Спасовски за случај за кој јавноста беше запознаена, околу доделувањето на лиценци на компании за полагање возачки испити во Скопје и Струмица, при што лиценците ги добиле компании основани неколку дена пред јавните конкурси на МВР.

На ова министерот Спасовски одговара дека констатацијата на новинарот била манипулација со јавноста (!?), давајќи притоа експликација дека е логично таквото нешто, затоа што претходната компанија што ја имала лиценцата, ја имала на 10 години и нормално било да станува збор за нови компании…

Логиката на Спасовски е, всушност, побиена и од колегата Попетрески со потпрашање и од самиот Спасовски, кога малку понатаму во интервјуто признава дека клучни биле капацитетите на компаниите што побарале да добијат лиценца за извршување на полагања на возачки испити.

Имено, токму и поради тоа прашањето со констатација дека фирмите што конкурирале биле формирани само неколку дена пред јавниот конкурс на МВР не може да биде манипулација на јавноста, туку легитимно новинарско прашање.

Самиот Спасовски констатира: Клучната работа е фирмите, не е важно колку време се формирани и колку време опстојуваат, туку е важно со каков капацитет и потенцијал располагаат: материјално технички средства, човечки ресурси, просторнни услови, информатичка технологија…

Пребарувајќи низ сајтот на МВР наидовме на еден оглас за доделување лиценци од кој, како пример, може точно да се види дека станува збор за исполнување на многу услови како предуслови да се учествува на конкурсот:

Ј А В Е Н    К О Н К У Р С

ЗА ИЗБОР НА ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ДОБИВАЊЕ ЛИЦЕНЦА ЗА ИСПИТНИ ЦЕНТРИ КУМАНОВО, ОХРИД, ТЕТОВО И ШТИП

  1. Право на учество на јавниот конкурс за избор на правни лица за добивање лиценца за испитни центри Куманово, Охрид, Тетово и Штип (во натамошниот текст: „јавен конкурс“) има секое правно лице кое ги исполнува условите за работа предвидени во член 244 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно:

– да има стручен кадар;

– да има организација на работа;

– да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети;

– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопственост на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи;

– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и

– да има возила од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно со одредбите од овој закон.

Покрај ова, подолу во конкурсот има уште еден куп други специфични услови кои треба да бидат исполнети за да може компанијата што аплицирала да се надева дека ќе ја добие лиценцата.

Дали компаниите што биле формирани пет, седум, десет дена пред конкурсите за лиценци за во регионите на Скопје и Струмица можат да ги исполнат за само неколку дена од формирањето сите овие услови? Можеби да, а можеби и не. Но, секако, најлегитимно и најнормално прашање на јавноста е да изрази сомнеж и претставниците на јавноста, новинарите, тоа прашање да го упатат директно до првиот човек на институцијата.

Конечно, и самиот Сапсовски и покрај тврдењето дека на конкурсот сите фирми што учествувале биле новоформирани, на крај од овој дел од интервјуто, повторјувајќи ја таа констатција, додава, освен старите што имале лиценца на 10 години.

А од пишувањето на дел од медиумите може да се осознае дека станува збор за фирми и испитни центри кои постојат со децении:

Според одлуката на Министерството, штотуку основаната компанија победила на тендерот, па од игра неофицијално биле исфрлени АМСМ, АСУЦ Боро Петрушевски, ПСС и Ауто Македонија.

Авто испитен центар Скопје доби милионски бизнис бидејќи во наредните пет години тие ќе бидат единствените што ќе спроведуваат теоретски и практични тестирања за возачки испити. Од овој бизнис во град со  над 700 000 жители, годишниот обрт достигнува и до 1 милион евра, а познавачите велат дека фирмата стара седум дена до распишување на огласот, годишно може да има заработка и над 300.000 евра.

Поради погоре изнесените аргументи може да се оцени дека изјавата на Спасовски во одговор на новинарско прашање дека новинарот прави манипулација со јвноста („Сакам да кажам дека и оваа констатација која што ја изнесувате е апсолутна манипулација со јавноста“), е де факто спин. Прашањето е целосно легитимно и не е никаква манипулација со јавност. Одговор со таква констатација не само што е спин, туку може да биде манипулативен и може и да се разбере како притисок врз новинарската работа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција