Пребројувањето покажа дека во јавниот сектор нема 180.000 вработени

Фото: sdsm.org.mk Принтскрин

Оваа изјава на социјалдемократот Александар Кирацовски, во која вели дека јавната администрација реално брои 180.000 вработени, дадена во време кога тој беше опозиционер (февруари 2017 година), но и една година претоходно кога беше дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација (март 2016 година), се покажа невистинита

 

Пратеникот од СДСМ и генерален секретар на партијата, Александар Кирацовски, на 24 февруари 2017 година во интервју за неделникот „Фокус“, изразувајќи сомнeж во бројката на вработени во јавниот сектор (околу 128.000), што во тој период ја изнесе тогашната министерка за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, ја даде следната изјава, која ја сметаме за  невистина.

Кога јавноста се интересира колкав е бројот на администрацијата или обемот на административниот апарат, всушност не мисли само на институциите што се бројат согласно закон, туку се интересира колкав е бројот и во акционерските друштва под капа на државата. Во АД со делумна, доминантна или целосна сопственост на РМ, меѓу кои се ЕЛЕМ, РЕК Битола, ТЕЦ Хеготино, Осломеј Кичево, Македонски железници, Македонски пошти и други, според мене, има 30.000 вработени и повеќе, кои не се бројат во официјалниот регистар.

Дополнително, доколку во вкупниот број ги додадеме вработените во сите институции и акционерските друштва вработени преку агенциите за привремени вработувања, кои, исто така, изнесуваат околу 30.000, тогаш доаѓаме од една бројка од над 180.000 вработени под директно влијание на политиката.

[Извор: Фокус; Датум: 24.02.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на социјалдемократот Александар Кирацовски, во која вели дека јавната администрација реално брои 180.000 вработени, дадена во време кога тој беше опозиционер (февруари 2017 година), но и една година претходно кога беше дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација (март 2016 година), се покажа невистинита.

Актуелниот министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, деновиве (на 30.03.2018 година) на прес-конференција, презентирајќи го годишниот Извештај за вработени во јавниот сектор за 2017 година, соопшти дека бројот на вработени во јавната сфера – (државната администрација, локалната самоуправа,  јавните претпријатија, акционерските друштва во државна сопственост, времени вработувања) изнесува 139.009 во 1.304 институции.

Во извештајот за прв пат се објавува бројот на вработени во акционерските друштва во 100% државна сопственост и вработените преку Агенцијата за привремени вработувања (АПВ). Во акционерските друштва има 8.633 вработени, а преку АПВ работно ангажирани се вкупно 1.624. Оваа бројка до мај 2017 била значително поголема – 2.064 лица. Вкупната бројка на вработени вклучително АД и АПВ изнесува 139.009 вработени. (Манчевски)

Во оваа вкупна бројка на вработени во јавниот сектор (139.009) Манчевски ги спомна лицата кои работат во јавните претпријатија во целосна државна сопственост – околу 9.000 (што може да се види во годишниот Извештај), но не ги спомена оние кои се ангажирани во претпријатијата со делумна и доминантна државна сопственост. Па, со оглед на фактот дека за нив нема официјален податок, не знаеме точно за колку луѓе станува збор.

Меѓутоа, дури и под претпоставка во акционерските друштва со делумна или целосна сопственост на РМ (како ЕЛЕМ, РЕК Битола, ТЕЦ Хеготино, Осломеј Кичево, Македонски железници, Македонски пошти, кои ги посочува Кирацовски), навистина да има вработено околу 20.000* лица, би се добила бројка од 150.000-160.000 вработени во јавниот сектор. Што, сепак, е под 180.000 вработени како што тврдеше Кирацовски кога беше опозиционер, па неговата изјава ја оценуваме како невистинита.

(*Според него, има вкупно 30.000 вработени  во акционерските друштва под капа на државата – со делумна, доминантна или целосна сопственост на РМ. Но, ако се извадат 9.000 лица во јавните претпријатија во целосна државна сопственост, кои се евидентирани во годишниот Извештај, се добива бројка од околу 20.000 лица кои би  биле дел од акционерските со делумна и доминантна сопственост)

Инаку, на прес-конференцијата одржана на крајот на март (2018) Манчевски појасни дека без привремените вработувања и без вработените во акционерските друштва, има 128.722 вработени во 1.299 институции. Со слична бројка од околу 128 илјади административци, пред две години (во 2016) излезе и тогашната министерка за информатичко општество Марта Арсовска -Томовска.

Откако Манчевски ја објави бројката на вработени во јавниот сектор реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде коментираа дека СДСМ години наназад свесно ја лажеле јавноста во врска со бројот на вработени во јавниот сектор. Бројот на вработени во јавната администрација е 128.722, а не 180.000 како што СДСМ ги лажеше граѓаните пред изборите.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција