Пречистителната станица во Гевгелија сè уште не е изградена

vmro-dpmne-logo

Изградба на прoчистителна станица за фекални води покрај реката Вардар

По изградбата на колекторски систем за одведување на отпадните води, со поддршка на Владата на Република Македонија, швајцарската агенција СЕКО и грчката влада, ќе почне изградбата на прoчистителна станица. Со оваа станица реципиентот – реката Вардар – ќе добива чиста, незагадена вода. (Средства: 9,7 милиони евра, Рок на реализација: 2013–2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Изградба на пречистителна станица за фекални води кај Гевгелија, со која отпадните води ќе се пречистуваат пред да се испуштаат во водите на Вардар, вети пред локалните избори во 2013 година Иван Франгов, тогаш градоначалник на Општина Гевгелија, кој се бореше за нов мандат како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Рокот што го наведе за изградба на пречистителната станица е 2015 година, односно нејзиниот крај.

Според добиените сознанија, пречистителната станица за фекални води сè уште не е завршена а, како што нѐ информираа од Општина Гевгелија, се очекува да биде пуштена во употреба до крајот на годинава. Поради тоа  ова ветување го сметаме за „делумно исполнето“.

Ова ветување, инаку, датира од претходниот мандат на Иван Франгов. Договорот, според кој пречистителната станица ќе се гради со 6,8 милиони евра од Владата на Швајцарија, 1,84 милиони евра од владата на Грција, а останатиот дел од планираните вкупно 9,6 милиони евра, е потпишан во октомври 2010 година, а според тогашните планови, требало да се реализира до октомври 2014 година.

Но, првите активности се од средината на мај 2013 година, односно во првиот месец од новиот мандат на Франгов, кога се потпишува договор за подготовка на проектна документација и за изведба на пристапен пат и мост преку реката Коњска во функција на реализација на пречистителната станица. На 27 март 2014 година, гледаме дека градежните работи не се почнати. На 29 октомври 2014 година, е констатирано дека може да почне изведбата, откако е завршен мостот за пристап и решени се ситни проблеми кои го оневозможувале почнувањето на изградбата.

На 23 јануари 2015 година пречистителната станица е поплавена. На 8 септември 2015 година, тогашниот министер за животна средина, Хурхан Изаири вели дека работите течат според предвидената динамика, но дека се очекува до јуни 2016 година станицата да биде пуштена во употреба, а градоначалникот Франгов појаснува и дека покрај поплавувањето во почетокот на 2015 година, работите течат според предвидените рамки.

На 26 февруари годинава,  програмскиот менаџер на Швајцарската агенција за развој, Франсоа Салам Гуекс на средбата со градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, вели дека е можно станицата да биде готова до август 2016 година.

Бидејќи и тоа не е на повидок, побаравме дополнителни информации од Општина Гевгелија, од каде ни рекоа дека работите се пролонгирани поради појава на подземни води, но дека би можело да се очекува станицата да профункционира до крајот на годинава.

Според темпото со кое сега се одвиваат градежните работи, реално е да се очекува дека Пречистителната станица кај Гевгелија ќе биде готова до крајот на  годинава а не до крајот на август , како што беше планирано, бидејќи се појавија проблеми со подземните води. Со изградбата на мостот преку Сува река и приодниот пат,нашата земја веќе го реализирала својот дел од финансискиот договор за проектот со кој ќе се обезбеди заштита на реката Вардар во јужниот тек и во целиот пограничен регион – објасни за  „Вистиномер“, Љубчо Алексовски, одговорен за односи со јавноста во Општина Гевгелија.

Тој информира дека најголемиот дел од парите, односно 6,7 милиони евра се донација од швајцарската агенција за развој СЕКО, околу 2 милиона евра од Грција, а останатите околу еден милион евра се пари од Владата на република Македонија, Министерството за животна средина и Општина Гевгелија.

Исто така, од Буџетот на Општина Гевгелија за 2016 година (стр. 32), дознаваме дека за проектот годинава се предвидени 24,1 милиони денари.

Според утврденото, во изминатот период се преземени активности за „Изградба на прoчистителна станица за фекални води покрај реката Вардар“, но со оглед на фактот што  првично зададениот рок (декември 2015година) е пробиен, оценката за ова изборно ветување на градоначалникот на  Гевгелија е „делумно исполнето“.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *