Пред лидерската средба: Услови нема, избори ќе има, за реформи ќе почекаме

Избори - полза или ескалација на кризата? Фото: Гугл/Википедија. Колаж: Вистиномер

Избори, најверојатно ќе има, иако условите и тие минималните, не се докрај исполнети. Од длабоките реформи, кои ѝ се потребни на Македонија, ништо до пред крај на изборите, кои, пак, или ќе ја продлабочат кризата или ќе ја вратат земјава „барем на патот на нормалноста“, во зависност од изборниот резултат. Вака генерално кажано, за „Вистиномер“ оценија тројца познавачи на материјата. кои одамна ги следат политичките процеси во Македонија

 

Избори, најверојатно ќе има, иако условите и тие минималните, не се докрај исполнети. Од длабоките реформи, кои ѝ се потребни на Македонија, ништо до пред крај на изборите, кои, пак, или ќе ја продлабочат кризата или ќе ја вратат земјава „барем на патот на нормалноста“, во зависност од изборниот резултат. Вака генерално кажано, за „Вистиномер“ оценија тројца познавачи на материјата. кои одамна ги следат политичките процеси во Македонија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

На ден пред лидерската средба на четирите најголеми парламентарни партии во земјава, на која треба да се донесе одлука дали предвремените избори ќе се оддржат на 11 декември 2016 година, оценките во јавноста се речиси едногласни дека избори, сепак, ќе има.

Лидерите, заедно со претставници на меѓународната заедница, ќе проверуваат дали еден грст минимални услови договорени во јули годинава се исполнети и дали степенот на таа исполнетост дозволува одржување на избори со фер предуслови. Да потсетиме, фокусот главно беше ставен на прочистувањето на избирачкиот список  и на некакви привремени решенија за медиумите, ад хок тело за мониторинг на известувањето и одговорен уредник во МРТ на 100 дена пред изборите.

Колку што се бројни оценките дека избори, сепак, ќе има, многубројни се и оценките дека условите за нив не се исполнети, барем не до крај, а дека прашањето за сеопфатни реформи е многу далеку од агендата на политичката реалност на оние што решаваат за тоа.

 

ЗЕКОЛИ: ТЕШКИ БОЛЕСТИ НЕ СЕ ЛЕКУВААТ СО АСПИРИН

Арсим Зеколи, дипломат и аналитичар е мошне остар во однос на оценката дали се исполнети предуслови за избори, а смета дека колку и партиите да се обидуваат, нема да ја убедат јавноста во тоа:

Arsim-Screenshot_72-crop-finalДоколку судиме според препораките на Прибе, условите не се ниту приближно исполнети за да очекуваме фер, транспарентни и демократски избори. Обидите на четирите партии преку формални акти да изглумат исполнување на предусловите не само што не успеваат да ја убедат јавноста, туку уште повеќе го цементираат убедувањето на граѓаните дека сега и опозицијата се има приклонето кон напорите за минимизирање на јасните препораки на Прибе. Впрочем, како што може да се оцени од поведението поврзано со прочистувањето на гласачките листи  и односот кон медиумите гледан преку т.н. ад-хок комисија. Оттаму, следните избори ги сметам како уште една епизода на траги-комични обиди за лекување на тешко заболено тело, со фластери и аспирини.

Според Зеколи, ваквиот однос ќе носи се поголем јаз помеѓу државата и политичарите од една страна и граѓаните од друга, бидејќи процесите во општеството веќе се „исферментирани“:

Arsim-Screenshot_72-crop-finalПотребата на првите, вклучително и на меѓународната заедница, за одржување избори по секоја цена и под било каков услов е повеќе израз на немање идеја и волја за вистинско разрешување на кризата. Но, во општеството веќе се случуваат други процеси, се ферментираат поинакви емоции и енергии, кои дополнително ќе ја комплицираат состојбата, токму поради тоа што тие не очекуваат решение од сегашните политички гарнитури, а, притоа, привлекуваат сè повеќе внимание на граѓаните. Општеството станува сè почувствително, сензибилизирано за состојбите во земјата, регионот и пошироко и тоа веќе носи свои реперкусии, колку и големата четворка и меѓународната заедница да сакаат да го претстават спротивното.

 

ИЗБОРИТЕ КАКО ПАТ ЗА ЕСКАЛАЦИЈА

Иако за многумина изборите се најбрз начин да се дојде до појдовна излезна точка од кризата, Зеколи предупредува дека тие можат да бидат и пат кон продлабочување на кризата:

Arsim-Screenshot_72-crop-finalДосегашното искуство предупредува дека со секој изборен турнус наместо кон разрешница, запаѓавме во уште подлабока криза. Ако земеме предвид дека граѓаните денес се уште посиромашни отколку пред три години, поразочарани од сите големи политички партии, посомничави кон невладиниот сектор, порасцепкани по сè повеќе линии на поделба – тогаш мислам дека нема да згрешам, дека негативната традиција ќе продолжи и кризата дополнително ќе ескалира.

Морам со жалење да констатирам дека вината за оваа состојба сега рамноправно паѓа како врз власта, така и врз опозицијата, токму поради тоа што втората со своите избрзани, егоистични и исклучиви потези ја сврте сеопштата општествената борба за реформи во партиска борба за гола превласт. И тоа, секако, ќе се одрази врз нив, во периодот пред нас, вклучително и изборите.

 

АРСОВСКИ: УСЛОВИ НЕМА, ОДЛОЖУВАЊЕ Е ШТЕТНО

Петар Арсовски, комуниколог и долгогодишен аналитичар, исто така, смета дека условите не се исполнети, дури ни оние минималните зацртани како договор од јули:

petar-arsovski-650x417-crop-finalУсловите за одржување на избори од јули годинава се минимални, тие нема да го сменат амбиентот за одење на избори, но и тие не се исполнети до крај. Медиумите се само дел од проблемот, а и избирачкиот список сè уште е спорен. Така што, ако политичките лидери на 31. aвгуст решат да одат на избори, тоа ќе биде чиста политичка волја. Нема да биде врзано со условите, кои реално не се исполнети.

 

На прашањето зошто тогаш би се донела таква одлука за избори, Арсовски смета дека постои констатација оти без нова парламентарна политичка реалност, се стои во место, а и тоа носи штети:

petar-arsovski-650x417-crop-finalПартиите во овој момент покажуваат некаква желба да се затвори оваа фаза од кризата. Пролонгирањето, исто така, има штетни последици. Ние неколку пати ги одложивме изборите, но условите не се поправија. Така што, партиите најверојатно констатирале дека во оваа фаза нема што повеќе да се направи и дека е најцелисходно да се добие нова политичка реалност. Партиите, инаку, од крупните реформски зафати се откажаа не сега, туку уште во јули, кога констатираа дека само овие дветри работи им се потребни за избори.

 

Арсовски, исто како и Зеколи, смета дека постои опасност изборите да донесат продлабочување на политичката криза, во зависност од резултатот:

petar-arsovski-650x417-crop-finalАко на изборите победи сегашната владејачка коалиција, можеме да очекуваме продлабочување на политичката криза. ВМРО-ДПМНЕ може да продолжи да владее како досега, но по сознанијата од бомбите, притисокот од домашната и од меѓународната јaвност нема да спласне, напротив ќе се засили. Затоа, избори по кои во основа сè би останало исто, нема да бидат решение за политичката криза.

 

На прашањето дали мисли дека опозициониот блок партии се подготвени да испорачаат суштински реформи, Арсовски одговара дека одговорот е непознат, но најцелисходно би била широка коалиција:

petar-arsovski-650x417-crop-finalTие толку долго се надвор од власт, што реално, не знаеме за што се способни, за што не се способни. Иако кај нив, мислам дека се гледа желба. А, ако дојдат на власт и кога ќе ги отворат архивите, никој не знае со што ќе се соочат и дали ќе имаат капацитет да се справат со сето тоа. Неопходно е да се разговара за некаква широка коалиција, зашто реформите што ѝ се потребни на Македонија се толку силни и длабоки, за кои е неопходно да се постигне поширок политчки консензус. Реформите што ѝ требаат на земјава ниедна партија сама не може да ги спроведе.

 

СЈО МОЖНА ЖРТВА?

Во повеќето досегашни анализи на тема претстојни избори, како еден од големите непознати елементи во играта, се споменуваше правниот дел од разврската на кризата, кој пак е поврзан со Специјалното јавно обвинителство. Релевантен и почитуван правен експерт, кој од лични причини побара да биде анонимен, смета дека СЈО е „најслаба точка од последниот анекс на договорот од Пржино и воедно најголем џокер во ракавот на владејачката партија“:

Untitled-anon-faces-small-final-finalАко Уставен суд најде дека има проблем со уставноста на Законот за СЈО, кој по суштина е lex specialis, тој може да донесе два типа одлуки – укинувачка или поништувачка. Ако донесе укинувачка, може да го укине целиот закон или делови од него. Во тој случај според договорот постигнат во јули, четирите партиите се состануваат и во рок од пет дена, треба да донесат решенија што би требало да се во согласност со Уставот, и СЈО ќе продолжи да работи, но не се знае дали потоа ќе биде целосно независен и автономен како со сегашното решеније.

Многу поголема ќе биде неизвесноста ако Уставен суд донесе поништувашка одлука, вели нашиот експерт:

Untitled-anon-faces-small-final-finalПартиите ќе треба да го решат ова прашање и ако одлуката на Уставен биде поништување на целиот закон. Но, последиците, овој пат се многу поголеми. Ниту една постапка или одлука на СЈО донесена досега, ниту пак на судовите, повеќе нема да биде во правна сила. Според тоа, не знам дали треба да се оди на избори или не и што ќе се случи по изборите, иако прашањето за СЈО е такво, што со него може да се калкулира и во зависност од тоа каков ќе биде изборниот резултат, но ова е дефинитивно најслабата карика на договорот од јули годинава.

Од друга страна, пак, Арсовски смета дека по СЈО нема да има опасност, пред се поради чадорот што го има од меѓунарадоната заедница и од САД:

petar-arsovski-650x417-crop-finalГледам дека меѓународната заедница особено Американците се многу заштитнички поставени кон СЈО. Напротив, мислам дека ќе се зголеми притисокот да се направи специјално судско одделение, специјално полициско-истражно оделеније и да се зголемат надлежностите на СЈО. Тој притисок нема да престане дури и да победи ВМРО ДПМНЕ, и затоа велам дека нивната победа нема да ја реши кризата, туку само ќе ја продлабочи. Меѓународниот фактор го смета СЈО единствена оаза на нормалност во целото политичко опкружување.

 

ДАЛЕКУ ОД РАЈОТ

Тој наведува дека постои уште една опасност ако Уставниот суд реагира со некакви укинувачки одлуки – а тоа е повторно одложување на изборите што не му оди во прилог никому.

Сепак, и Арсовски, како и другите наши соговорници, е согласен дека длабоките и суштинските реформи се многу далеку од овој момент:

petar-arsovski-650x417-crop-finalЈас сум оптимист дека правецот кон кој ќе се движи Македонија ќе биде надвор од оваа ненормалност, дека ќе се движиме кон нормалност, но воопшто не сум оптимист дека тоа е брзо. Напротив, ќе треба многу време. Ние сега, од Пекол, треба прво да се вратиме во Чистилиште. Рајот е сè уште многу далеку.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција