Преседан: Судска медицина првпат заобиколена за поплавите во Скопје

Препознавањето не е сигурна метода, може да има проблеми зашто во тие моменти фамилијата е во шок Фото: Вистиномер

Настраданите во поплавите мора да ги прегледа стручњак од Судска медицина за да може да се каже дали има насилство или не. Луѓето се погребани без да се утврди вистинската прична за смрт од страна на професионалци, велат од Институтот за судска медицина

 

Настраданите во поплавите мора да ги прегледа стручњак од Судска медицина за да може да се каже дали има насилство или не. Луѓето се погребани без да се утврди вистинската прична за смрт од страна на професионалци, велат од Институтот за судска медицина

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Во случај со идентификацијата на жртвите од поплавата што на 06.08.2016 година го зафати Скопје, а во која најпогодени беа Стајковци, Арачиново, Сингелиќ и Смилковци, е направен преседан. За првпат досега во оваа постапка не е вклучлен  екпсерт по судска медицина. Од Институтот за судска медицини за „Вистиномер“  велат дека учествувале во иднетификацијата на сите трагедии кои се случија изминативе години: авионската несреќа на претседателот Борис Трајковски, хеликоптерските несреќи кај Блаце и Струмица, бродската несреќа во Охрид, нерсеќата со рускиот авион…

Ова е преседан! Првпат не нѐ повикаа за идентификација, вели професорката од Институтот за судска медицина Билјана Јанеска.

Нејзиниот колега , доцент Златко Јаќовски, вели дека е несфатливо зошто е пресконата Судска медицина.

Не зборуваме за тоа дека мора по секоја цена да се изврши обдукција. Еве, станува збор за масовна несреќа, но треба да има стручно лице – специјалист по судска медицина, кој единствено со преглед може да каже дали има или нема знаци за друг вид на насилна смрт, освен што се претпоставува дека луѓето се удавиле, вели тој и напоменува дека мора да се почитуваат правилата и за настраданите треба да се направи истрага и  идентификација според Протоколот за идентификација на жртви во масовни несреќи на Интерпол. (INTERPOL)

Македонија е членка на ИНТЕРПОЛ и мора да го почитува овој Протокол (INTERPOL) и идентификацијата да ја направи мултидисциплинарен тим во кој треба да има форензичар одонтолог, форензичар антрополог, специјалист за отпечатоци од прсти, форензичар фотограф , крим техничар и експерт за ДНК анализа. А, каков тим имало во овој случај ние не знамеме,  потенцира  Јаќовски.

Тој појаснува како треба да тече процесот на  идентификација.

Се свикува овој тим и сите заедно работат да се изврши идентификација на секое  лице. Се пополнуваат формулари, анте-мортем податоците ги пополнува еден посебен тим којшто е од МВР, а кој ги зема податоците од семејствата во однос на лични особини – колку бил висок, тежок, боја на очи, коса, каква облека носел, лузни, тетоважи, болести. Потоа ние како тим сѐ што ќе најдеме во идентификациониот процес пополнуваме во пост-мортем формуларите и потоа гледаме дали има или нема поколопување за да се изврши правилна идентификација.

Професорката Јанеска вели дека со жртвите во поплавите во скопско веројатно се одело на препознавање.

А, препознавањето не е сигурна метода, се јавуваат проблеми затоа што во тие моменти фамилијата е во шок, додава професорката.

Таа напоменува дека може да се направат грешки и се присетува на еден настан од поодамна, кога за една жртва две семејства тврделе дека е нивни член.

Пред повеќе години ни се случи жена давеник да ја препознаат две фамилии. И едните и другите тврдеа дека припаѓа на нивното семејство, вели Јанеска.

Од Јавното обвинителство, пак, излегоа со став дека во случај на природна катастрофа нема потреба од обдукција на телата, зашто нема сомнение за сторено кривично дело. Според Јавното обвинителство, кое се повика на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), надлежен јавен обвинител, издава наредба за обдукција и врши увид на местото само кога постојат сомненија за сторено кривично дело.

Тој ги даде сите потребни инструкции во рамки на негова надлежност за постапување на полициските екипи на терен. Имено, согласно Законот за кривична постапка (член 246 став 1) – ‘Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело’. Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лица на кои не може да се утврди идентитетот беше оставена можност дополнително да се врши обдукција, стои во соопштението.

Во врска со ваквите наводи на ЈО, Јаќовски, со видлива доза на сарказам  прашува:

А, кој кажал дека нема сомнение? Значи, тие како правници знаат да одредат причина за смрт заради тоа што покрај Правниот завршиле, Медицински факултет и специјализација по судска медицина! Настраданите мора да се видат, додека некој стручен не ги прегледа не може да се каже дали има насилство или не. Луѓето се погребани без да се утврди вистинската прична за смрт од страна на професионалци.

Тој сликовито објаснува зошто не може да се оди само со препознавање, туку мора да се испочитува цела процедура за идентификација.

Се знае како се утврдува прична за смрт, тоа не може да биде од око. Едноставен пример, имате кутија со цигари, ама ако не ја отворите од каде ќе знаете колку цигари има внатре.

Јаќоски предупредува дека отпосле може да излегуваат многу прашања кои се испуштени да се одговорат во почеткотот на постапката, па посочува дека може, на пример, да се јават проблеми со осигурителните компании.

Меѓу настраданите може да има лица кои се осигурени, а компаниите бараат причина за смрт. Без обдукција не може да се знае причината.

Професорката Јанеска се чуди како од  Обвинителстовото оцениле дека нема сомнение за кривично дело .

Тие однапред решиле дека не се работи за смрт којашто може да биде сомнителна. Таа е насилна смрт, а за нив не е сомнителна. Како, не ми е јасно!

Прородна смрт е само смрт од болест. Сѐ што не е од болест е насилна смрт. А, дали е убиство, самоубиство, несреќен случај, треба да се утврди. Не верувам дека сите загинати се удавени. Дел од  нив имаат и повреди, оние што биле  со возила, оние што ги носела водата, тие сигурно имаат и повреди, таму смртта не е давење. Тоа е само претпоставка. Не смее да се генерализира дека сите се удавени, вели Јанеска

Таа се надева дека во наредниот период кај дел од семејствата нема да се појават сомнежи за тоа дека можеби е направена погрешна идентификација.

Знаете, луѓето со сѐ се согласуваат само да го закопаат телото. Сѐ прифаќаат. И потоа, кога ќе помине одреден период, почнуваат да размислуваат, да се сомневаат, па да доаѓаат кај нас да проверуваат да прашуваат, вели Јанеска, додавајќи дека не ја исклучува можноста фамилиите да имаат проблем за одјавување.

 Ние кога правиме обдукција им даваме привремена  потврда за смрт, каде  пишуваме дијагноза, но привремена. Оној официјалниот документ  – лекарски извештај за причината за смрт, со кој се оди во матично за да се извади документ , таму мора да стои конкретна причина за смртта. Тука, во конкретниот случај, не се знае кој како е најден, во каква положба …, вели професорката.

За тоа, дали може отпосле  со обдукција да се добијат одговори на дилемите кои би можеле да се појават кај роднините на настраданите, и Јанеска и Јаќовски велат дека обдукцијата правена отпосле ќе даде точни резултати во однос на идентификацијата (преку ДНК) , но  телата ќе бидат распаднати, деградирани и за откривање на причината за смрт може малку да се направи:

Обдукцијата може да се направи, ама одговорите ќе се сведат на минимум. Стопроцентно идентификација и евентуални повреди на коски, бидејќи меки ткива ќе нема, не може да се утврдат крварења, раскинувања на бел, на црн дроб, на пример, огнострелна повреда низ меки ткива ако куршумот не погодил коска не може да се види, исто така, не може да се детектираат и некои токсични супстаници, смета Јаќовски.

Професорката на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Мирјана Најчевска, во изјава за „Вистиномер“ вели дека обдукцијата и следењето на многу прецизни процедури за идентификација на жртвите во масовни катстрофи е искуствено утврдена потреба и таа има за цел:

– недвосмислено утврдување на жртвите (што има многубројни неправни последици, поврзани со поддршката која треба да се даде на блиските на жртвата и правни последици, поврзани со семејните односи, наследувањето, сопственичките односи и сл.)

– недвосмислено утврдување на причините и условите на смртта (што е поврзано со утврдувањето на размерите на катастрофата, причините за истата, можните елементи за одговорност, но и за постоењето на кривично дело и собирањето податоци во функција на идна истрага)…

Најчевска на својот фејсбук-профил  реагираше за тоа дека не е направена  обдукција на телата. Според неа, морало да има обдукција:

  1.  За да се види дали може да се утврдат пропусти во делувањето на државата.
  2.  За да не се случи некој да искористи и да си убие некого и да го подметне како жртва на невремето.
  3.  За да не дојде до кражба/замена на идентитети.

Па, може ли да се протне „џокер“ меѓу настраданите во поплавата за кои вештачењето не го вршеа стручњаци од Судска медицина, туку препознавањето го направија роднините. Односно, една хипотетичка ситуација во која заедно со лицата кои настрадаа во поплавите да се најде, условно кажано, и некој кој животот го загубил по насилен пат и во сосема други околности.

Професорката од Институтот за судска медицина, Јанеска не исклучува дека може да се случи такво нешто –  некој да биде убиен на сосема друго место, а да биде пријавен како жртва на невремето.

Ќе се  наводени, ќе се намачка со кал, ќе се стави во кола и ќе се каже дека е најден во Стајковци или на Обиколницата, вели Јанеска.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција