Претседателската трка на Влатко Ѓорчев – политичарот кој не сака да губи ниту во кошарка

Фото: vmro-dpmne.org.mk

Влатко Ѓорчев има голема километража во политиката и иако може да се спори со неговите ставови, реториката, па и театралноста со која знае да ги обои настапите, тој, сепак, е еден од ретките експонирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ кој на грбот нема криминален багаж, а, исто така, не можат да му се залепат етикети дека е антиевропски насторен. Сепак, јавноста му забележува што никогаш не се одважи да се дистанцира или, пак, огради од штетните политики на својот поранешен лидер Никола Груевски

Влатко Ѓорчев има голема километража во политиката и иако може да се спори со неговите ставови, реториката, па и театралноста со која знае да ги обои настапите, тој, сепак, е еден од ретките експонирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ кој на грбот нема криминален багаж, а, исто така, не можат да му се залепат етикети дека е антиевропски насторен. Сепак, јавноста му забележува што никогаш не се одважи да се дистанцира или, пак, огради од штетните политики на својот поранешен лидер Никола Груевски

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко  Ѓорчев, е првиот кој се охрабри јавно да ги соопшти своите амбиции да влезе во битката за шеф на државата. Тој уште пред една недела (23.01.2019), објави дека се пријавил на конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат кој трае до 31 јануари.

Ѓорчев е дипломиран политиколог, кој во август минатата година наполни 40 години и со тоа формално го исполни уставниот услов за да може да се кандидира за претседател на државата. Оженет е со Сузана Питри, Американка од Охајо и имаат четири деца: Марта (8), Филип (6), Никола (5) и Катерина (2).

Иако е млад, има долг политички стаж повеќе од 20 години. Член на ВМРО-ДПМНЕ е уште од 1996 година. Пошироката јавност првпат слушна за Ѓорчев на почетокот на 1997 година за време на студентско-средношколските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје. Некаде во тој период започнува и неговиот пробив во политиката, најпрво низ структурите на својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и како партиски портпарол (2001 -2004). Од 1997 година е член  на Комисијата за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време станува и соработник на поранешниот претседател Борис Трајковски, за во кампањата за претседателските избори 1999 година Ѓорчев да биде негов личен асистент. Од 2004 година Ѓорчев е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а подолг период ја извршува и функцијата меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ЛОЈАЛЕН НА СИТЕ ЛИДЕРИ НА ВМРО-ДПМНЕ, НО И БЕЗ КРИМИНАЛЕН БАГАЖ

Ѓорчев веќе 13 години е пратеник во Собранието на Република Македонија, учесник е во пет собраниски состави. За првпат е избран за пратеник на изборите во 2006 година, а потоа следат уште четири мандати  во 2008, 2011, 2014 и 2016 година (периодот кога Македонија влезе во спиралата на предвремени парламентарни избори). Горчев на сите избори од 2006 година наваму е носител на кандидатска листа во третата или во шестата изборна единица и има заслуги за изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, освен пратеничкиот мандат, немаше други функции во текот на едондецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и не беше дел од ниту една влада предводена од Никола Груевски.

Сиве овие години Ѓорчев е ревносен бранител на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Неговите ставови секогаш биле во линија на генералната партиска политика независно кој стоел на партиското кормило. Тој со иста препознатлива жестина ги застапуваше пратиските ставови како портпарол во времето на Љубчо Геогриевски, како пратеник во Собранието за време на 11-годишното владеење на Груевски, а остана лојален и на новото раководство предводено од Христијан Мицкоски, а краток период беше в.д. координатор на пратеничката група.

Влатко Ѓорчев има голема километража во политиката и иако може да се спори со неговите ставови, реториката, па и театралноста со која знае да ги обои настапите, тој, сепак, е еден од ретките експонирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ кој на грбот нема криминален багаж, а, исто така, не можат да му се залепат етикети дека е антиевропски насторен.

Сепак, јавноста му забележува што никогаш не се одважи да се дистанцира или, пак, огради од штетните политики на својот поранешен лидер Никола Груевски. За што, впрочем,  го критикуваат и неговите политички ривали, социјалдемократите, кои го прозваа  токму  поради тоа што „повеќе од 20 години е дел од ВМРО-ДПМНЕ, а ги премолчува сите криминални и погубни политики на неговата партија“.

 

СО ЖИВ ШТИТ ГИ БРАНЕШЕ НАПАДНАТИТЕ ПРАТЕНИЦИ

Но, исто така, треба да се каже и дека Ѓорчев одигра исклучително позитивна улога за време на крвавиот собраниски инцидент од 27 април 2017 година, кога несебично и со жив штит ги бранеше нападнатите колеги пратеници и помогна во нивното спасување и извлекување од Собранието. За неговата постапка во Парламентот доби јавна благодарност од пратениците од СДСМ и од ДУИ. Социјалдемократот Хари Локвенец на едно од рочиштата од судењето поврзано со овој настан сведочеше дека „Ѓорчев се однесувал кон нив како кон сопствените деца, обидувајќи се да ги заштити од сите опасности“.

Тоа што го видов во неговите очи не може да се изглуми, тоа го правеше од срце, ќе каже Локвенец пред Судот.

Фото: Принтскрин

 

НЕ САКА ДА ГУБИ НИТУ ВО КОШАРКА

На 23 јануари, Ѓорчев, на прес-конференција во Собранието на која ја објави својата кандидатура за нов претседател на Македонија, на политичките конкуренти им порача:

Пораз не прифаќам, на сите 5 изборни циклуси, на кои сум бил носител, секогаш сум победувал. Ги имам сите рекорди во победи. Во 21 часот вечерта на 21 април половина час ќе набројуваме каде сме победиле.

Ѓорчев, свесен дека изборите не може да ги добие без поддршка на албанскиот електорат, во оваа прилика им испрати порака и на Албанците:

Раката е подадена, заедно живееме, заедно да си помогнеме за подобар живот.

Во разговор за „Независен весник“ Ѓорчев ќе каже: „Не сакам да изгубам ниту на кошарка во маало, а камоли на претседателски избори“.

 

Фото: ФБ профил на пратеникот Влатко Ѓорчев

За тоа дали Влатко Ѓорчев, кој изминативе години неуморно гради профил на поконзервативен политичар кој држи до традицијата, религијата и семејните вредности, ќе влезе во претседателската трка најавена за 21 април, последниот збор ќе го кажат 550-те делегати на конвенцијата на 16-ти февруари во Струга со тајно гласање.

Сепак, во јавноста натежнува мислењето дека при изборот на кандидат за шеф на државата пресудно ќе биде мислењето на партискиот лидер, Христијан Мицкоски, иако тој досега во сите јавни настапи сака да остави впечаток на неутралност по ова прашање. Мицкоски и во последното интервју на националната телевизија, не сакаше да зазема страна и упати пофални зборови за двајцата потенцијални кандидати на ВМРО-ДПМНЕ кои се споменуваат (Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска). Притоа, Ѓорчев го спореди со италијанскиот фудбалер Франческо Тоти:

Влатко Ѓорчев е Тоти во ВМРО-ДПМНЕ. Потекнува од младинската УМС, па до сениорите. Претставува голема додадена вредност во партијата, борец неприкосновен, лојалист. Можам да кажам сè најдобро за него…, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, Ѓорчев  ја доби поддршката од повеќе експонирани личности од ВМРО-ДПМНЕ како пратеникот Антонијо Милошоски, поранешниот пратеник и амбасадор во Кина и во Малта, Оливер Шамбевски, екс-пратеникот Алкесандар Спасеновски, но и семејството на поранешниот претседател на Собранието, Љубиша Георгиевски, како и од братот близнак на поранешниот претседател Борис Трајковски, Мојсеј.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.