Прилеп, со задоцнување, ќе добие секундарна селекција на отпад

Се гради, иако со задоцнување. Фото: Општина Прилеп/веб страна

 

Ветување: Фабрика за селекција на отпад со можност за изградба на фабрика за производство на електрична енергија и био-гас…. Буџет: 60 милиони денари за првите две фази од проектот. Извор на средства: ЈКП Комуналец и приватен партнер (Рок за реализација: 2013-2017)

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за фабрика за отпад, едно од приоритетните ветувања на актуелниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески во изборнатa трка во 2013 година, е во тек на реализација. Проектот е  наведен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Прилеп за локалните избори 2013-2017, во Приоритетите на стр.15, а детално е образложен во делот Урбанизам и животна средина на стр.28.

Фабриката за третирање на отпад е всушност фабрика за секундарна селекција на отпадот, за што активностите се започнати уште во 2012 и 2013 година. Идејата е, првичната селекција на отпадот да ја извршуваат граѓаните, а самата Општина и Јавното комунално претпријатије „Комуналец“, истакнуваат дека Прилеп е единственот град во Македонија каде речиси во целост се врши првичната селекција на отпадот, бидејќи граѓаните со години добиваат бесплатни канти за различни видови отпад, но примарно за органски отпад и за пластика.

Оваа фабрика за секундарна селекција на отпадот може да се оцени дека е во тек на реализација, бидејќи градбата на халата започнала дури во јули годинава, за што има опширна информација на сајтот на Општината.

Останува нејасно зошто е овој проект со задоцнета реализација, ако се има предвид дека тендерот за опремата е завршен уште во 2013 година, а за таа намена биле планирани нешто под 15 милиони денари. Од истиот официјален извор, воедно може да се види дека уште на крајот од 2013 година, во ноември, опремата од добавувачот, хрватски Техникс, била испорачана во Општина Прилеп.

Можна причина за одложувањето е приоритетот на работите е следната: Бидејќи фабриката за секундарна селекција на отпадот е проект кој бил предвиден да биде реализиран веднаш до постоечката депонија Алинци, која како отворена депонија постојано била во состојба на самозапалување, во 2015 година следела реконструкција на постоечката депонија. Посипана е со земја, оградена, со нови пристапни патишта, а преземени се и неопходните градежни постапки за излегување на метанот и за собирање на исцедокот, информираа во 2015 од Општината.

Од приложените аргументи и информации што се собрани од официјални извори и од медиуми, може да се оцени дека едно од приоритетните ветувања на актуелниот градоначалник на Прилеп за изградба на фабрика за третирање на отпад, е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција