Прилепските пензионери добија бесплатен јавен градски превоз

Пензионерите во Прилеп ќе можат да се возат бесплатно во јавниот превоз секој работен ден од 9 до 11 часот Фото: Принтскрин колаж

Освен покачувањето на пензиите од 2.160 денари годишно, воведуваме бесплатен јавен превоз за сите пензионери, секој работен ден од 09 до 11 часот!  ( Илија Јованоски, градоначалник на  Прилеп,  датум: 25 .09. 2017 г.)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски дека ќе воведе  бесплатен јавен градски  превоз за пензионерите од оваа Општина во траење од два часа секој ден, дадено за време на предизборието за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври 2017 година,  е исполнето.

Илија Јованоски  за време на предизборното обраќање пред Прилепчани на 25 септември лани, покрај другото, вети и дека  ќе обезбеди бесплатен јавен превоз за пензионерите во траење од два часа секој работен ден.

Веднаш ќе ги намалиме сметките за вода за 20 отсто. Освен покачувањето на пензиите за 2.160 денари годишно, воведуваме бесплатен јавен превоз за сите пензионери секој работен ден во периодот од 9 до 11 часот. На младите луѓе ќе им помогнеме да имаат подобри услови за живот и за работа, за да не заминуваат. За децата ќе изградиме две нови градинки каде сите деца ќе бидат згрижени, изјави кандидатот за градоначалник на прилеп од СДСМ и коалицијата Илија Јованоски нагласувајќи дека ќе ги посети сите прилепчани и ќе им ја образложи својата програма за развој на градот. (Вечер 25.септември 2017г.)

На 29 јануари годинава, Советот на Општина Прилеп на својата осма седница  донесе одлука со која се обезбедува бесплатен превоз за пензионерите од Општината кој ќе го организира општинското  Јавно претпријатие за Просторни и урбанистички планови. Тоа по седницата го соопшти и претседателот на Советот, Миле Талевски

Советот донесе Одлука за ослободување од плаќање за градски превоз во автобусите на ЈП за ПУП за сите пензионери, односно за жени со навршени 62 години и мажи со 64 години, и тоа секој работен ден од 9 до 11 часот“, изјави претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

Информацијата е објавена на веб – страницата на Општина Прилеп на 29 јануари.

Одлуката за воведување на бесплатен јавен градски превоз на пензионерите односно лица постари од 62 години за жени односно 64 години за мажи во автобусите на ЈП за ПУП Прилеп за 2018 година и  Заклучокот за нејзино објавување  се објавена во Службениот гласник број 2 од 29 јануари  2018 г. Страна 25 и 26  . Одлуката стапува на сила осум дена по објавувањето во Службениот гласник, а  превозот ќе го субвенционира Општина Прилеп.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција