Принципот на неказнивост и натаму трае

Tërheqja e pjesshme e faljes, padrejtësi e plotë. Foto: Ueb faqja e presidentit

 

 

Деновите пред нас ќе покажат дали оваа нова одлука на Иванов ќе има ефект. Првичните реакции потврдуваат дека ситуацијата ќе остане иста, а тоа значи дека протестите ќе продолжат, а СДСМ ќе бара целосно поништување на аболицијата. Како и да е, како што тврди професорката Гордана Силјановска, да се случеше ова на почетокот немаше дражавата да претрпи толкава штета

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да ја поништи аболицијата само за 22, како што ги нарече политички експонирани лица, за само неколку минути предизвика бура од реакции во јавноста. Веднаш реагираа опозицијата, здружението „Протестирам“, Специјалното јавно обвинителство (СЈО), дури и владејачката партија. Сепак, остана дилемата дали ова е уште едно усложнување на состојбата во Македонија или излез од кризата.

Дека одлуката е противуставна и уште повеќе ја усложнува политичката и правна криза во Македонија тврдат и професорите Гордана Силјановска и Љубомир Фрчковски, според кои единствено решение за излез е целосно повлекување на одлуката за аболиција.

 

ИЗЛЕЗ ВО УСТАВНИОТ СУД

Според Силјановска, Уставниот суд треба да биде излезот од оваа каша која настана со првичната одлука на Иванов да помилува 56 лица од 12 април годинава.

Прво, измената на законот апсолутно не смеше да се случи без согласност на опозицијата, бидејќи со тоа се покажува дека лекцијата не е научена. Второ, апсолутно мислам дека е неможно да додадете член 11-а, а да нема член 11. Уставниот суд не е законодавец. Трето, просторот од 30 дена за поднесување на барања за отповикување на амнестијата не ги затвори дилемите и проблемите на кои ние укажавме дека немаат правен основ. Јас кажав дека решението може да се најде само по повторна реакција на Уставниот суд, врзана за судирот на надлежности, затоа што сметам дека под превезот на помилувања, претседателот направил амнестија, што е надлежност исклучиво на Собранието. Ова сега дополнително значи кршење на законите и на Уставот – вели Силјановска, за „Вистиномер“.

Таа тврди дека постапката на Иванов не може да почне со него, туку според редот на правото. А тоа, вели Силјановска, почнува во министерството за правда, па низ комисии, влада, Собрание… Значи, заклучува таа, Иванов не се движел во рамките на правото.

Дилемата дека Иванов, како и првиот пат, така и сега, не викнал правници да се консултира, ја покажува неговата неумешност да најде излез од состојбата во која сѐ повеќе ескалира Македонија. Тој воопшто не ја послуша меѓуародната заедница, која категорично беше против селективна правда. Напротив, малку инаетливо, како дете, одлуката за поништување на аболицијата за 22 лица, претседателот на државата ја донесе само неколку часа по изјавата на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, откако се сретна со политичките лидери во Македонија. А, тој беше категоричен кога рече дека земја кандидат за влез во ЕУ мора да нуди еднаков третман пред законот за сите, како и одговорност за тие што го прекршиле.

И за професорот Љубомир Фрчковски, единствено решение е целосно повлекување на аболицијата.

Толку е приказната. Никакво ослободување на криминалци на парче. Хорхе е функционер на краток ланец, тој си има газда. Газдата треба да го прашате зошто вака селективно ја поништува аболицијата. Тоа не е доволно. Проблемот тука е принципот на неказнивост, него треба да го урнеме, тој не смее да опстане – вели Фрчковски.

 

УЛИЦАТА НЕМА ДА ЗГАСНЕ

Дека Иванов не направил смирување на состојбата, туку напротив, можеби уште повеќе ја разгоре, потврдува и реакцијата од граѓанското движење „Протестирам“ од каде порачаа дека не прифаќаат половично повлекување на аболицијата и оти ќе продолжат да протестираат на улиците.

Не запираме! Парцијално повлекување на аболицијата не прифаќаме! Половична правда е неправда! Нема да запреме додека не се повлече аболицијата целосно. Не неколку, туку сите треба да бидат предмет на истрага. Чекориме по улицата за сите кои се сомничат за криминал да бидат изведени пред суд“, стои во реакцијата на „Протестирам“, објавена на „Фејсбук“.

Оттаму порачаа дека нема да дозволат никој, вклучувајќи го и Иванов, да си поигрува со правдата.

Претседателот си поигрува со нас, но уште повеќе се поигрува со правдата. #Протестирам за да не го дозволам ова поигрување! #Протестирам затоа што додека Иванов суди кого да аболицира, а кого не, на нашите соборци им се продолжи притворот. Таква „правда“ не е правда! Селективна правда е неправда, стои во реакцијата.

Веднаш по обраќањето на претседателот, се јави и опозициската СДСМ, од каде што тврдат дека лицето Иванов ја продлабочи кризата и се категорични дека само целосно поништување на аболицијата е решение.

Денешната одлука на лицето Ѓорге Иванов е уште едно, ново кршење на Уставот на Република Македонија, што дополнително ја продлабочува и онака длабоката политичка криза во земјава. Аболицијата мора целосно да се поништи и законот да важи подеднакво за сите. Тоа единствено е возможно преку гласање за автентичното толкување на Законот за помилување во Парламентот, со поддршка на сите партии. Само така и Иванов и Груевски ќе покажат дека се за владеење на правото, почитување на Уставот и законите во Република Македонија и само на тој начин може да дадат придонес кон разрешување на кризата, се наведува во партиското соопштение.

Специјалното јавно обвинителство, иако уште од почетокот беше категорично против аболицијата, веднаш излезе со став дека не постои оправдување за селективен пристап кога станува збор за реализација на владеењето на правото и спроведувањето на правдата.

Од СЈО неофицијално велат дека одлуката за поништување на помилувањата треба да се спроведе за сите лица, а не едни да бидат опфатени, а други не.

Оттаму додаваат дека сè уште немаат добиено и чекаат одговорот од кабинетот на Иванов на барањата на СЈО од каде претседателот ги добил податоците на лицата за кои се водат предистражни постапки.

Единствена партија која ја поздрави одлуката на Иванов беше владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ беше прва партија која јавно излезе со став дека одлуката за аболиција не е во согласност со нашите политики. ВМРО ДПМНЕ прва предложи четворицата лидери на најголемите политички партии да упатат писмо до Претседателот Иванов за да ја преиспита претходно донесената одлука.Цениме дека со денешниот чин се дава можност во правниот систем да се докаже целата конструкција на Зоран Заев против партиските членови и активисти на ВМРО ДПМНЕ.

Деновите сепак ќе покажат дали оваа нова одлука на Иванов ќе има ефект. Првичните реакции потврдуваат дека ситуацијата ќе остане иста, а тоа значи дека протестите ќе продолжат, а СДСМ ќе бара целосно поништување на аболицијата. Како и да е, како што тврди професорката Силјановска, да се случеше ова на почетокот немаше дражавата да претрпе толкава штета.

Всушност тој го стори истото што го направи Уставниот суд со што докажа дека згрешиле. Ако Иванов вака размислуваше пред овој акт немаше да има проблем. Ако беа помилувани само граѓаните ќе речевме, во ред, сепак нив треба некој да ги чуе. Но, тој се сети на ова откако направи голема штета по државата – заклучува Силјановска.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција