Прислушувани разговори – сет 13: Плацовите на премиерот 2

 

Никола Груевски го преслушува Миле Јанакиески до каде стасал со процедурите за плацевите на Груевски, бара да се премести пат за да не биде многу оштетен имотот, како се зема и државна сопственост за тој да си ја приватизира. Зборува и за тоа како го лажел Фијат Цаноски за „Космос“, се потсмева со приватната состојба на инвеститорот, а смислува и план за ново психичко тормозење, но и дава инструкции да се најдат нови проблеми во целата постапка на Цаноски.

 

Првите шест прислушувани разговори кои беа презентирани на оваа прес-конференција се водени меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески. Во првиот Груевски бара информации до каде Јанакиески стасал со тоа „кај ВТ“ и дали нашол уште плацеви за да се докомплетира парцелата што ја планира; како исчекувајќи го донесувањето на новиот ГУП прашува дали Миле завршил работа или ќе треба да се продава – веќе нашол купувач; како бара патот да се помести „одозгора“ за да не биде многу оштетен плацот, како „штрафираното со плаво“, кое е државна сопственост ќе се зема за да се дооформи плацот. Слушаме и како се радува што го земал целото место до границата предвидена до ГУП-от, па не може да се случи некој потоа да го земе местото погоре за да гради, што значи плацот на Груевски ќе биде највисоко; слушаме потоа како го предупредува Јанакиески да не заборави на плацот „кај ВТ“, оти ГУП-от наскоро ќе оди на јавна анкета, па да се земе и тој дел за да не се случи да заврши во други раце; па пак слушаме како бара поместување нагоре…

 

ПОДБИВАЊЕ СО ФИЈАТ ЦАНОСКИ

Потоа следуваат уште три разговора на Јанакиески и Груевски, посветени на манипулациите и шашмите што му ги прават на Фијат Цаноски. Груевски првин раскажува како Цановски со документи објаснувал дека е во право во врска со „Космос“, а Груевски му велел дека не знае оти работата се завлечкува. Потоа со потсмев зборува за состојбата на Цаноски и за приватните работи што ги изнел… и на Јанакиески му вели да измисли некое оправдување зошто го влечкаат – а веќе во текот на разговорот веќе се оформува лагата што треба да му се сервира на несреќниот инвеститор. Груевски на крајот на првиот разговор појаснува дека сето тоа се прави оти „ги нападнал“ и сакал да ги „решета“, а Груевски му „покажал“ дека поединците знаат да му речат стоп.

 

ПЕКОЛНИОТ ПЛАН ПРОДОЛЖУВА

Во вториот разговор за Цаноски Груевски со голема злоба кажува дека ќе го остави Цаноски „да размишља до вечер“, односно ќе му се јави во 23.30 часот. Притоа ќе му каже дека ситуацијата е компллицирана, дека има проблем со Катастар… и му кажува на Јанакиески да потпише во среда попладне оти претпладнето ќе има гласање, па Цаноски би можел да ги извиси…

Во последниот разговор Груевски му кажува на Јанакиески дека пак се видел со Цаноски, при што му кажал дека му помагаат, ама направил некои грешки, па затоа работите се комплицирале. Цаноски рекол дека ќе ги тужи градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, ќе им бара отштета. Груевски дава инструкции да се бара нов кабает на Цаноски, за да не излезе дека виновни се Тони и Коце, кои биле вознемирени поради таквата закана.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје, 23.03.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Слушај сега…
МЈ: Да.
НГ: Што направи ова, за кај ВТ, знаеш ова што зборевме, што требаше да бараш ново?
МЈ: Имам. Имам, утре можам да Ви го презентирам.
НГ: Над линијата или под линијата?
МЈ: Десно од него.
НГ: Десно од него?
МЈ: Да, многу добра локација.
НГ: А си ја видел на лице место?
МЈ: Да, да бев.
НГ: На, на…мммм, на врв е или на надоле е?
МЈ: Значи, на таа линија на десно, кај што е каналот. Таму има еден канал, тука завршува каналот, и после него нагоре.
НГ: Кога ќе застанеш таму, десно, така?
МЈ: Кога одиш на улицата нагоре…
НГ: Аха.
МЈ: Значи вртиш лево накај ова, па одозгора ова, од десна страна. Утре, накај попладне ако сакате да поминам.
НГ: Чекај, чекај. Вака објасни ми сега. Кога ќе одиш по таа што се вози, така?
МЈ: Да.
НГ: Главната.
МЈ: Добро.
НГ: Нели за ваму се врти по едно десно уличе, така? Малечко.
МЈ: Продолжуваш право, па лево, одиш…
НГ: Каде тоа право, по која продолжувам право? По големата?
МЈ: По големата, главнава што е.
НГ: По големата продолжувам право, па лево.
МЈ: Има еден лак тука и вртиш лево и горе накај ова претходново, така?
НГ: Да.
МЈ: Ова не вртиш лево, туку има едно малецко тесно уличе, десно, право продолжуваш уствари. Тука каналот завршува, и таму над каналот има…
НГ: Над каналот?
МЈ: Да.
НГ: Не го знам тој канал ја, ама добро.
МЈ: Бев таму на лице место, добро е.
НГ: Аха.
МЈ: Не смета ништо.
НГ: Колку е? Вкупно?
МЈ: Е сега таму се 10 предвидени. Наводно 2-3 се државни, ќе имам утре точни податоци. И после можеме да го менаџираме како претходното. Само помали се, по 600, по 700, такви се.
НГ: Аха. Ама тоа после, тоа е тешко сега да се изведе во онаа смисла, знаеш.
МЈ: Знам.
НГ: Да не се јави никој.
МЈ: А горе, горе има, има горе, ама и утре исто така ќе имам уште повеќе податоци утре. Така утре, или вторник може Влада, за време на Влада, на пауза, да Ви презентирам се.
НГ: Океј. У вторник за време на Влада, викни ме да искочиме. Ја би, приквечер негде ќе патувам, значи кога ќе влезам негде тој период, дај ми сигнал да ми кажеш.
МЈ: Важи, готово, вторник се гледаме.
НГ: Ајде чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Види, со обзир дека ГУП-от се наближува.
МЈ: Добро.
НГ: Ако не најдеме купец за ова, знаеш, горе кај ВТ.
МЈ: Добро.
НГ: Да го претвориме во онакво како што ти кажав, знаеш.
МЈ: Да, да, ама така е направено.
НГ: Тогаш одма го продавам. Имам више заинтересиран.
МЈ: Така е направено, општо, Ви кажав. Општо е ставено таму.
НГ: А направено е општо, добро.
МЈ: Да, Ви го кажав тоа и направено е веќе.
НГ: Оти овој се откажа, друг нема, а ја знам проект на дугачко негде имаше
МЈ: Да, да, да. Ви го кажав тоа, и веќе е направено.
НГ: Направено е веќе тоа, значи.
МЈ: Да, да, да.
НГ: Општо е ставено, па после со ДУП се уредува.
МЈ: Да, да, да.
НГ: Добро, добро. Ајде.
МЈ: Океј. Поздрав.
НГ: Чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Молам?
НГ: Ало, што правиш Миле?
МЈ: Добро, бев Прилеп, нешто на кратко, приватно и се враќам назад.
НГ: Во Прилеп?
МЈ: Да. Не, не, бев Прилеп, се враќам, веќе сум Велес.
НГ: Ааа, така. Можеш да збориш или со луѓе си?
МЈ: Да, да, можам.
НГ: Ова го гледам што си ми пратил, стара и нова варијанта.
МЈ: Добро.
НГ: Океј е сега. Патот гледам е пак тука-некаде.
МЈ: Искорегиран е максимум што можеше да биди.
НГ: Максимум, а?
МЈ: Да. Значи од таа цела површина, 1.000 би се зеле метри. Пишува таму колку е вкупно, а колку би се зеле.
НГ: Аха.
МЈ: Зошто па треба да се поврзи со друга површина. Значи, макскимум што можеше да се земе е направено.
НГ: Така, така.
МЈ: А разликата, ако видовте тој, еден исенчан простор има…
НГ: Мхм.
МЈ: Тоа е разликата меѓу приватната сопственост и максималната линија на ГУП-от. И тоа сега во Катастар е…пишува таму РМ, и корисник има.
НГ: А не може ли одозгора да иде патот, кај што сега има уличка и некаде застанува таа, до некаде? Ме сфаќаш? Горе, тоа е доле, тој проектираниот. Мислам…да доле, тоа така му доаѓа. А одозгора има еден, кој што сега постои и на едно место завршува. И треба, по мене уште 50 метри за да се стигне до границата на оваа, парцелата.
МЈ: Тој што е сега земјен, така?
НГ: Тој што е сега земјен, да.
МЈ: Е па ова што Ви пишав…
НГ: Или ова е подобро, новото?
МЈ: Ова што Ви пишав е значи да се направи земјениот, да се прошири да биди 5 метри, плус од двете страни као пешачки патеки и плус би се поврзал со таа новата…новиот, со новата улица, што го има во сегашниот предлог. Оти сега…сегашниот предлог се уште не е ставен во план, и не може да се реализира. Значи, ме разбирате, така?
НГ: Да.
МЈ: Значи, тоа што би се правело сега, би било до границата и кога би се направил планот само би се проширило и таа малку, колку ќе биде незнам, не знам, 100-тина метри максимум, може и помалку. Таа на среднина што поминува.
НГ: Мхм. Океј. Значи, сега ќе се иде на тој постоечкиот, кривината да се направи и да се прошири уште малку, односно да…подолг да стане, до границата на парцелата да дојде.
МЈ: Да, 5 метри би била. Значи, нормална улица, градска улица.
НГ: Е ќе се стигне ли да се прави до април?
МЈ: Е па, значи ставено е во програма, годишната, ставено е тоа. Е сега треба да се даде налог за проект. Јас ќе зборам со овој, да даде налог за проектирање. Проектирањето толку трае, оти рамковни договори се и потоа, на пролет да почни да се гради, кога ќе има можности.
НГ: Да му речам јас? Ја у понеделник, не сега, у понеделник ќе се видам со него. Роденден му е, па ме кани таму, па ќе се видам.
МЈ: Па, спомнете му.
НГ: Мада можам и да му се јавам, вака, не мора да се гледам.
МЈ: Спомнете му.
НГ: Да му речам, Миле за тој што ќе ти ургира, види ако можеш.
МЈ: Е така може.
НГ: За еден наш пријател е.
МЈ: Ете така, океј.
НГ: А ти почесто јавувај му се, и така.
МЈ: Важи. Е сега, единствена дилема е тоа што е штрафираното, дали да го ставиме или да не го чепкаме воопшто?
НГ: Штрафирано со плаво?
МЈ: Да.
НГ: Е тоа, што е тоа сега, чие е тоа? Тоа пишува државно.
МЈ: Тоа е РМ. Да. РМ, корисничко право општина Центар.
НГ: А у која смисла да го ставите?
МЈ: Во планот, во опфатот. Потоа би се правело дооформување.
НГ: А во ГУП ли е тоа?
МЈ: Во ГУП е, да. Значи тоа штрафираното е…
НГ: Ставете го, ако може да се дооформи, ставете го.
МЈ: Може. Добро.
НГ: Тоа е височко, веројатно, така?
МЈ: Да.
НГ: Оти ми беше таму на границата е највисоко.
МЈ: Да, да.
НГ: Колку е тоа по површина?
МЈ: Пишува таму, сега не знам точно колку е, пишува…
НГ: Пишува многу, не верувам да е толку. Најверојатно тоа е некој поширок, 35.000 пишува. А па да у квадрати метри е, да, да. Тоа…па да, многу е тоа 35.000.
МЈ: Е тогаш да не го ставаме?
НГ: Не, не, ама не. Некоја грешка е, тоа сакам да ти кажам.
МЈ: Да проверам, сега го немам пред мене, да проверам и ќе Ви пишам за кратко. Или…
НГ: Ова ми изгледа мал дел од тоа што е сега, сфаќаш?
МЈ: Да, да.
НГ: А овдека на хартија изгледа како да е многу пати повеќе. На цртеж е мал дел од тоа што е сега, а на бројки неколку пати повеќе од тоа што е сега. Затоа викам нешто…
МЈ: Назад, назад има имотен лист. Таму точно пишува колку е. Три листа, три листа има.
НГ: Го гледам, ама…Пишува прво…има неколку такви, 34.786, па има едно 3, па 234, па 205, па
365, и вкупно 35.593
МЈ: Ама тоа се повеќе…ќе проверам…
НГ: А?
МЈ: Ќе проверам колку е точно….
НГ: Не тоа се метри квадратни.
МЈ: Ќе проверам колку е точно и ќе Ви пишам.
НГ: Да, треба да се провери точно колку е. Вака, од ова не е јасно.
МЈ: Добро. Важи, океј.
НГ: У секој случај да. Да го дооформиме.
МЈ: Така. И добро е, знаете зошто е добро? Оти утре во иднина се може да се случи, некој горе да гради. Вака нема, бетон е, не може никој да гради после горе.
НГ: Да, да тоа ми е и мене. Тоа ми е и мене.
МЈ: Океј.
НГ: Ајде чао.
МЈ: Чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Ало?
НГ: Миле, Миле?
МЈ: Да.
НГ: А да те прашам. Ова што е со плавата линија и плавите коцки, значи тоа што е за дооформување…
МЈ: Добро.
НГ: Таа линија, кај што сега завршува, тука завршува ГУП-от?
МЈ: Да, инаку е 2.000.
НГ: 2.000? Така и мислев, да.
МЈ: Молам?
НГ: Така и си помислив, викам. Вака, по моја проценка, така беше. У глава што ми се вртеше бројка.
МЈ: Да, да, да.
НГ: Ааа, добро, значи тука е линијата на ГУП-от и не може некој над него да прави, така?
МЈ: Да.
НГ: Е па тоа ми е битно, иначе 100% ќе го купи некој.
МЈ: Да, да, да.
НГ: 100%, прашање е на време.
МЈ: Така. Таман ќе си дојди со 2.000 ова, таман.
НГ: Океј. Значи, дефинитивно тоа организирај го со кого треба све.
МЈ: Важи.
НГ: Ајде.
МЈ: Готово, и ќе Ви дадам финален предлог.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Молам.
НГ: Ало?
МЈ: Да?
НГ: Ааа, да не го заборавиш ова другото кај ВТ.
МЈ: Да, да, да, знам, океј.
НГ: Оти ја на тоа се надевам да затворам тука, знаеш.
МЈ: Да, да, да. Знам, знам, знам.
НГ: Се ми е виртуелно. Се…и рачунам на тоа.
МЈ: Да, да знам, океј. И едната, и другата…
НГ: Ако таа не биде, оваа…
МЈ: И едната и другата опција, знам. Јасно.
НГ: И ја мислам сега со оваа новава варијанта што е, со овакво, знаеш, високото
МЈ: Да, да.
НГ: Може и повисока цена ќе му постигнам.
МЈ: Океј. Значи до 1-ви февруари треба да оди на јавна анкета, таков е планот.
НГ: Океј.
МЈ: Ќе го имам тоа у план.
НГ: Оти јас на тоа се надам. Тоа кога ќе го затворам, овде покривам огромен дел, најголем дел покривам.
МЈ: Се ми е јасно.
НГ: Иначе тоа ако го заборавиме, ова друг ќе го земе понатаму.
МЈ: Океј, јасно, јасно ми е.
НГ: Ајде, чао.
МЈ: Чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Еј, уште нешто ми текна. Сега, таа парцелата ќе се подигне нагоре? Пошто со дооформувањево….
МЈ: Да, да, да.
НГ: …највисоката точка ќе биде на друго место, не на тоа.
МЈ: Истото, истото си важи, да. На највисока точка да биди тоа, да. Горе…
НГ: Истото, ама у суштина ќе фаќа дел и надвор од сегашната парцела, така?
МЈ: Па потоа има као мал пат, малку повисоко ќе биде тоа, да. Пак врз база на податоците од Катастар знам, тоа ми го..ми текна и мене.
НГ: Да, ќе треба да се помести нагоре, вон сегашната линија на парцелата, или тука некаде, за да биде на највисоката точка.
МЈ: Така, така, така, знам, знам.
НГ: Тоа ми текна. Пошто кога ќе се дооформи, највисоката нема да биде кај што е сега.
МЈ: Така, така да. Ми текна и мене тоа истото. Го имав тоа во предвид.
НГ: Океј, ајде.
МЈ: Ќе имам во среда, и за едното и за другото ќе Ви дадам предлози, како би изгледале.
НГ: Важи. Ајде.
МЈ: Ајде, поздрав, чао.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле?
МЈ: Молам.
НГ: Што правиш?
МЈ: Комисија водам уште.
НГ: Кај си ти, у кој дел на зградата?
МЈ: Долу, Влада, баш Влада кај што има.
НГ: Ааа долу, а? Беше овој сега.
МЈ: Добро.
НГ: Бааѓи исплашен. Бааѓи. Значи не сум го видел ваков досега, никад.
МЈ: Аха, овој…добро.
НГ: Фијат.
МЈ: Да, ми текна, да.
НГ: Го оставив, се испука. Се… разни документи ми извади дека се у право, да не знаеш вика зошто вака. Еве пред месец дена ти си потпишал нешто, па некоја поправка требало, па сега за поправката чекаме месец дена. Не знам викам не сум во тек, целосно, ќе провериме сигруно – викам – има нешто. Ама нема, ја прашав таму вработените, ова-она. И од прилика од околу-од околу му кажав културно што се забелешките за него. Дека го нема жив таму да се појави, и викам знаеш, другото сега да не ти зборам, што овака се збори. Ама, викам тоа не значи дека човеков ради тоа не ти дал, него сигурно има некоја техничка…проблем некој, викам… И почна да се правда за тие две работи. И на крај му реков, ај викам ќе поразговарам со Миле, да видам што се проблемите, па ќе ти јавам вечер. Мооолим те вечер да ми јавиш, утре ми е Рамазан, мирно да спијам вечер. Не можам више да спијам, хахахаха. Ми се виде стварно многу исплашен, дури жал ме фати у еден момент, да ти кажам.
МЈ: Заглавен е.
НГ: А? Аууу, вака го неам видено никогаш до сега, а и ретко кој вака исплашен ми дошол. Молим те што сакаш да правам, тоа. Ако сакаш Велија да го довлечам еве, дај да ви организирам средба, ја стварно немам со него, ни бизнис, ни сакам да имам бизнис. Децава ни се сега заедно, утре може нема да бидат, нон-стоп се караат. Хахахаха. Молим те, хахахахаха.
МЈ: Барем да ни го смета како услуга.
НГ: А?
МЈ: Да ни го смета како услуга.
НГ: Ќе ни го смета како услуга, да, да, да. Е сега ти треба да смислиш причина зошто си го држел. Нешто…појма немам, не мора во детали да му кажувам, до вечер, ја му реков –вечер ќе ти се јавам.
МЈ: Не, одма ќе Ви кажам. Значи, демек, згрешиле службите, правеле анекс, јас сум го пуштил во Катастар, да го проверат до крај. И Катастар демек до утре ќе ми одговори.
НГ: Мхм.
МЈ: Дека така сум Ви рекол.
НГ: Згрешиле службите и си го пратил во Катастар?
МЈ: Види, да. Хаха. Значи, официјално нема ништо. А неофицијално…
НГ: Не, не, ама добро. Си го пратил ти во Катастар, така?
МЈ: Неофицијално во Катастар да го проверат, зошто ми биле чудни онакво, и сум чекал од Катастар…
НГ: Од Катастар си чекал, одговор. Добро.
МЈ: Неофицијално.
НГ: Неофицијално, да де да. Неофицијално си го пратил, аха.
МЈ: Да.
НГ: Добро да, тоа е добар изговор, океј.
МЈ: Зошто ги згрешиле квадратурите, сум сакал да ги проверам квадратурите, и така натаму, и така натаму, и така.
НГ: Он сакаше сега средба да прави со Велија. Ја му реков ќе размислам за тоа. Мислам дека сега Велија реда-ради сака да направи средба. И нејќам да ми рачуна дека заради Велија се завршила работата. Нека си го рачуна од нас, еве завршено.
МЈ: Услуга. Добро, добро излезе овака.
НГ: Добро излезе. Значи, не да е посран, му тече и низ панталони.
МЈ: Добро е што знае дека, дека не смее да се зафркава.
НГ: Не смее и не може како сирење да не решета, знаеш. Ај овие кој ги ебе, ама ја ќе си најдам поединци, и на ваков или онаков начин ќе си ја завршам работата. Да види дека сме компактна целина.
МЈ: Така да.
НГ: И дека кога ќе ја нападне целината, поединците знаат да се повлечат два чекора назад и да му речат стоп. А ништо не му бараме.
МЈ: Да де да.
НГ: Ништо не му бараме. Само за ова, за Парламент ми се правдаше, молим те да не доаѓам, молим те не можам да издржам тоа. Хахаха.
МЈ: Хахаха.
НГ: Молим те у бизнис сум, не знам главата кај ми е. Еве следните избори нема, еве ако сакаш следните избори да ти потпишам кај сакаш нема да се кандидирам, на друг ќе ја дадам партијата, на кој сакаш…хахахахахахаха…Дај ако треба да потпишам негде, ама мртов озбилен. Хахахахаха

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

МЈ: Сега како да одиме сега понатаму? Да…
НГ: Ја вечер ќе му се јавам, малку нека размишља до вечер. И тоа ќе му се јавам покасно. Хахахаха. Накај единаесет и пол ќе му се јавам. Хахахаха. И ќе речам – зборев со Миле – комплицирана е ситуацијата, сеуште нема одговор од таму, пратил во Катастар, неформално, ама не му даваат нешто одговор. Вртев и таму – ќе речам – таму нешто сакаат нешто по архиви да најдат, нешто ова-она, ама ќе убрзаме, Миле ќе ризикува ќе го потпише у понеделник, ууу среда, до крајот на денот у среда.
МЈ: Добро.
НГ: А у среда ти при крај на денот ќе му го потпишеш, пошто од сабајле е гласањево. Да не случајно го фати стомак.
МЈ: Добро. Готово, готово.
НГ: Ако те бара денес, не му се јавувај, за да бидеш константен.
МЈ: Готово, готово.
НГ: А после откако ќе потпишеш, јави му се и речи – не, тоа без везе си се љутел ти, си чекав јас – речи – потврда, ама еве запна Премиерот – речи – и, да ти учиниме, ризикував малце.
МЈ: Добро.
НГ: Е така, ќе го направам дека и ти си се стаил у ризик.
МЈ: Така. Океј, готово.
НГ: Без одговорот од оваму идеш, ризикуваш.
МЈ: Добро. Ок.
НГ: Ајде.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Ало Миле, што правиш?
МЈ: Добро, кај Владо сум, на состанок.
НГ: Ааа, така. Сега беше Фијат.
МЈ: Добро.
НГ: Му кажав дека детално сме го разгледале неговиот предмет. И дека ќе бараме начини да му помогнеме. Те спомав и тебе дека сме разговарале, дека и ти бараш начини да му се помогне. Му кажав дека има грешки и не е случајно така постапено. Ииии добро – вика – признавам има, ама не се намерни, не знаев, не знам што, ова-она. Така да малце порадосен го пуштив. И сега он вика – ако сакате да ми помогнете, треба Миле да ми одговори на жалбата, да ја врати кај овој и да се реши. Така ли е?
МЈ: Не, има поедноставен начин има.
НГ: Знаеш зошто вака постапив? Не знам дали сум ти кажал. Ќе го тужи Коце и овој, Тони. На тоа ќе се сведе. Ќе им земе оштета и ќе ги брка лично.
МЈ: А да тераме или да му најдеме негова маана?
НГ: Како?
МЈ: Негова маана да му најдеме?
НГ: Негова ако имаме да му најдеме, добро е да ја имаме, па да видиме понатаму како ќе оди.
МЈ: Добро.
НГ: Значи, ти размисли како да го решиш, ама на начин…
МЈ: Знам како, знам, знам.
НГ:…да може и пак, ако треба. Ама не да… да не биде вака по вина на Тони и на Коце. Оти ова испаѓа по вина на Тони и Коце, он ќе си ги земе парите назад на суд, со камата. Тони и Коце ќе го јадат, и со кривични и со…можда и со пари, не знам. Они се вознемирени до даска, нон стоп ми пуштаат пораки и двајцата. Претпоставувам и тебе. И не е решение.
МЈ: Океј. Ќе го средам само на тој начин што ќе му речам да си ја повлече тој жалбата, а Тони ќе го затвори таму. Мислам имавме со Тони, 2-3 состанока, така го знам во детали овој предмет.
НГ: И размисли пак ако затреба, како.
МЈ: Да де да. И тоа паралелно ќе си го обезбедам. Океј.
НГ: Да.
МЈ: Океј, важи.
НГ: Океј, ајде.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *