Прислушувани разговори – сет 15: Опрема од Израел

Провизијата за Мијалков и на рати била „мрсна'. Фото: Скриншот од видеобимот.

 

 

Преку тајни „дејанија“ се набавувала опремата за прислушување од Израел, што и не е проблем доколку за тоа не решавале само Сашо Мијалков, кој како што слушнавме, барал Собранието да може под многу тешки услови да направи контрола на користењето на народните пари, но и негови луѓе од доверба. Уште пострашно, во овие разговори слушаме и за провизии….

 

 

Разговорите од овој сет ја расветлуваат набавката на опрема за УБК од Израел, за што провизија еднаш од 540.000 евра, вторпат од 840.000 евра, ќе земе тогашниот директор Сашо Мијалков, како што рече Заев на прес-конференција на која ги презентираше снимките. Притоа станува јасно и дека со деталите на операцијата е запознат Никола Груевски. Договарањата се одвиваат преку Светлана Костова, соработничката на Мијалков, за која од „бомбата“ 12, за корупцијата во судството дознавме дека, преку партиските канали, е наградена од својот дотогашен шеф со судиско место.

Во првиот разговор таа и Мијалков се договараат дека опремата нема да се плати докрај сѐ додека не стаса провизијата, односно „оние, последните пола милион“, а Костова секој ден добива повици од луѓе задолжени за плаќањето од македонска страна, кои ѝ телефонираат за да прашуваат дали може да се плаќаат преостанатите пари.

 

ИЗРАЕЛЦИТЕ ПРАШУВААТ КАДЕ ОДИ ПРОВИЗИЈАТА

Во вториот разговор, Костова со Хаим Хакејни од Израел разговара за плаќањето и дознаваме дека за провизијата Израелците чекаат инструкции на која локација да биде исплатена.

Потоа е разговорот презентиран и во 12-тата бомба, во која Мијалков ја известува Костова дека е завршена работата и таа ќе биде избрана за судија, а потоа Мијалков се интересира кога ќе доаѓаат луѓе од израелското министерство и дали ќе доаѓа некој од МОСАД. Костова пак кажува дека пред заминувањето во Франција ги дала потребните инструкции како да се врши плаќањето за опремата.

Следува разговор на Костова со Хакејни, кој ја известува дека се сретнале „со директорот“ и се договориле, а исплатата на провизијата наместо во една банка во Будимпешта, ќе биде во друга – директорот им дал друга банкарска сметка.

 

ФИРМАТА ЌЕ ЈА ПЛАТИ ПРОВИЗИЈАТА, ПА ЌЕ ЧЕКА

Разговорот што следи е меѓу Костова и Влатко Стајковиќ. Таа се интересира дали има новости за плаќањето, а Стајковиќ ја известува дека фали „уште 100-че“ за да се плати провизијата. Тој изразува подготвеност да ја доисплати провизијата од свои пари, а потоа, како што се надева, Израелците ќе ги платат сите пари. Од разговорот на Костова со сопственикот на фирмата преку која се одвива исплатата на провизијата, дознаваме и под која дознака ќе биде таа: „донација, која вклучува трошоци и провизија“.

Потоа слушаме инсистирање за плаќање, но и договарање посета на Израел.

Разговорот на Мијалков и Костова што следува се случува во време кога Хакејни е во Скопје, а од него се дознава дека Мијалков чека уште 200.000 евра од провизијата. Исто така, тој размислува како да се донесат тие пари – дали преку банка или инаку. Во следниот разговор Мијалков се интересира дали се стасани пари за да им се плати на Израелците, а потоа договараат како да се пријави опремата во Царина.

Следува извадок на разговор на Јанкулоска и Ставрески презентиран и во 6-тата „бомба“,  од кој дознаваме дека и Груевски наложил при ребаланс на буџетот ни под разно да не се скрати од тие „850 милиони денари на една ставка“, за кои од последниот разговор на Јанкулоска со Мијалков се разјаснува дека се за опремата. Мијалков кажува дека тука „нема пипање“, а тој тоа ќе го среди со премиерот.

 

СЕ ДОГОВАРАЛЕ И ПРЕКУ ПОРАКИ

Покрај аудиоснимките, на прес-конференцијата беа презентирани и СМС пораки. Од една се дознава дека Израелецот му пуштил на Мијалков 540.000 евра. Еве што му пишува Костова на Мијалков:

„Директоре, денеска пријателот испрати 540.000 евра. Хаим, како што беше договорено со вас, ќе дојде повторно на 12-ти мај. Директоре, би сакала да ве потсетам дека вие треба да се видите со Хаим. Тој ми се јави сабајлево за да праша кога ќе има средба со вас“.

Од следната група пораки се гледа дека 10 дена по средбата на Израелецот со Мијалков во Скопје, по очигледно утврдениот договор, Хаим Хакејни му префрлил на Мијалков, според договореното, уште 840.000 евра!

С: „Директорот даде дозвола за следната исплата“; Х: „Добар ден. Ти благодарам. Ќе информирам утре“. По неколку часа Израелецот потврдува: „Здраво. Испратив сега 840.000. Поздрав“, по што добива одговор од Костова: „Ок. Ќе го информирам директорот“.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје, 01.04.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Сашо Мијалков

СМ: Ало?
СК: Да.
СМ: Светле, што правиш?
СК: Еве, тука сум горе.
СМ: Тука си? Кажи ми сега овие, нели тербаше да пуштаат, ја ти реков 3 пати по…колку да пуштат?
СК: Да, меѓутоа рековте додека не се платат оние да не пуштаат ништо.
СМ: А ти реков додека не ги добиеме тие последните пола милион да не се пуштаат.
СК: Да, така не пуштаат додека…они ме чекаат секој ден ми се јавуваат. А?
СМ: Е па држи затоа што еве јас сега…они секој ден те бараат за да се пуштат пари, така?
СК: Ме бараат и прашуваат: Светле може да пуштиме?
СМ: Речи затоа што ги немаме добиено последните пола милион…
СК: Да, да, да.
СМ: Нека не пуштаат. Кога ќе ги добиеме последниот милион….
СК: Да му кажувам додека не стигне последната паричка нема плаќање…
СМ: А бе Светле сега јас зборам и ти збориш, слушај ме ја додека зборам.
СК: Добро.
СК: Добро.
СМ: Значи ќе им кажеш: додека не ги добиеме последните пари, тоа се пола милион, да не пуштаат. Следното пуштање нека биде одеднашка, како што рековме, така?
СК: Да. На три пати рекоа и Вие рековте така и јас…
СМ: Три пати, по колку беше?
СК: По 900, некаде 1000 излегува.
СМ: Три пати по 900 и нешто, така?
СК: Да, така. И така му е кажано, и они се јавуваат секојдневно за да биде тоа…
СМ: Ништо нека не пуштаат ништо додека не ги добиеме овие пари.
СК: Да. Со тоа што јас на Влатко му реков во моментот кога ќе биде готово се да ми каже, за да знам јас на време.
СМ: Ама нема Влатко. Влатко само чека пари и он треба да ги префрли…
СК: Не, не Влатко да ми каже дека парите стигнале до него.
СМ: Према добављачот.
СК: Да.
СМ: Океј. Друго што има?
СК: Е па директоре нели јас во понеделник одам. Дали сакав тоа да Ве прашам…
СМ: Кај одиш Светле?
СК: Нели за Франција, тоа што се договаравме.
СМ: Колку време рече ќе бидеш таму?
СК: Неколку…четири недели.
СМ: Леле, четири недели!!! И како ќе ја тераме работава овдека?
СК: Е па не, затоа сакав да се договориме. Значи они повторно нека ми праќаат пораки на мобилен, според мене така е најдобро. Јас ќе контактирам со Вас на порака, ако има каков и да било…
СМ: По телефон тогаш.
СК: Молам? Да, да, да и на message секогаш ќе Ве информирам, они секогаш мене ќе ми се јават. Мислам дека е најдобро така.
СМ: Добро, океј.
СК: Е така. Ајде пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Haim Hakeyny (Хаим)

СК: Ало.
Хаим: Светлана!
СК: Да Хаим
Хаим: Добар Ви ден. Како сте?
СК: Добро, добро, благодарам.
Хаим: Долго време не сме чуле…
СК: Да, но сакав да Ви кажам…
Хаим: Дали се сите добро?
СК: Да, тие се добро. Сакав да Ви пратам порака, баш пред малку, но имав средба и затоа не Ви пратив порака.
Хаим: Да.
СК: До сега немам никакви новости за остатокот од парите.
Хаим: Аха. Да.
СК: но зборував со директорот…
Хаим: да.
СК: И рековме дека штом парите ќе…штом ги добиеме остатокот од парите, Вие ќе започнете со следната исплата.
Хаим: Во ред. Значи јас ќе чекам откако парите ќе пристигнат.
СК: Да. И…
Хаим: Во ред е.
СК:…уште една работа. Во понеделник, знаете одам за Франција.
Хаим: Во Франција?
СК: Да. Но, цело време ќе бидам достапна на телефон.
Хаим: Во ред, во ред, ќе бидеме во контакт.
СК: Да. Директорот знае за ова и јас ќе бидам во контакт со него, и со Вас, секако.
Хаим: Во ред. Колку долго ќе бидете во Франција? Неколку недели?
СК: Четири недели.
Хаим: Ооо, многу долго, како е времето таму. Хахаха
СК: Се надевам дека времето е добро.
Хаим: Да, да во март и април ќе биде во ред, да, да.
СК: Ќе одам на училиште, се надевам дека ќе биде многу добро.
Хаим: Следниот пат кога ќе се сретнеме ќе зборуваме на француски.
СК: Секако, треба да го вежбам јазикот.
Хаим: Во ред, во ред.
СК: Во ред? Јас ќе бидам достапна цело време.
Хаим: Ќе бидеме во контакт со вас, за да ми кажете кога да почнеме.
СК: Да, да. Веднаш штом имам некаква информација во врска со тоа, ќе Ви пратам порака.
Хаим: Во ред, во ред. Бидејќи верувам дека Алекс зборуваше со компанијата, бидејќи малку е несигурно, но во ред ќе му кажам дека се е во ред, да не се грижи, и така натаму. Но тој е под притисок.
СК: Да го знам тоа, ја добив вашата порака.
Хаим: Во ред.
СК: И денес се обидов да зборувам со директорот, да му објаснам дека прашувате…
Хаим: Бидејќи ако тој ни даде локација да ги пратиме сите пари, во тој случај тоа е придвижување, ме разбирате?
Да. И знаете ние се согласивме да го платиме остатокот од парите, три…
Хаим: Да, да се сеќавам на тоа.
СК: Во ред, директорот се согласува со тоа.
Хаим: Во ред тогаш. Имајте многу убав викенд и многу добар претстој во Франција и ќе бидеме во контакт.
СК: Ви благодарам.
Хаим: Поздравете ги сите таму.
СК: Во ред.
Хаим: Пријатно.
СК: Пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Сашо Мијалков

СМ: Ало.
СК: Ало.
СМ: Светле, што правиш?
СК: Еве се спремам директоре.
СМ: Се спремаш, а?
СК: Да.
СМ: Е па, сакав да ти кажам една работа. Сега ќе те бираме за судија или не те бираме?
СК: Како нема да ме бирате?
СМ: А?
СК: Јас би сакала да ме бирате.
СМ: Е па добро, јас средив работа да бидеш избрана.
СК: Да?
СМ: Да. Што значи дека ќе треба да ме частиш.
СК: Ееее, цел живот ќе Ви бидам должна.
СМ: Една работа, втора работа: ти кога одиш, кога се враќаш?
СК: Денеска одам, преку Прага.
СМ: И се враќаш?
СК: А се враќам на 15-ти парил.
СМ: Уууу.
СК: Ало?
СМ: Да, да.
СК: Ме слушате, не?
СМ: А работиве, што правиме со работиве?
СК: Со работите се сум договорена директоре. Значи јас се видов и со Влатко во петокот….
СМ: Ќе доаѓа ли некој од нивното министерство сега бе?
СК: Нема да доаѓаат, се договорив и со нив. Значи и они преку телефон ќе кажат…
СМ: А некој од МОСАД ќе доаѓа?
СК: Не знам тоа. Може и да доаѓаат меѓутоа овие од министерството нема додека сум отсутна.
СМ: Додека си отсутна?
СК: Да, нема да дојдат, меѓутоа цела комуникација ќе си оди преку телефон, остави мејлови, се оставив. И сите ќе треба да ме известат, па да му кажам, кога ќе се заврши првата, да почнат со вториот дел.
СМ: Мхм. Океј.
СК: Мислам, сите ги имаат моите телефони, се се договориме како би функционирало.
СМ: Добро.
СК: Многу Ви благодарам, не знам што да кажам.
СМ: Е така…кога ќе се вратиш.
СК: Фала многу.
СМ: Ајде чао.
СК: Пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Haim Hakeyny (Хаим)

Хаим: Ало, Светлана.
СК: Да, Хаим.
Хаим: Добра вечер.
СК: Добра вечер.
Хаим: Добра вечер госпоѓо.
СК: Добро вечер господине. Како сте?
Хаим: Како сте Светлана? Дали е се во ред?
СК: Да, се е во ред. Само што се вратив од суд.
Хаим: Вие, што?
СК: Бевме на суд денеска, на едно сослушување.
Хаим: И веќе имате домашна?
СК: Да.
Хаим: Аха, значи сериозно е ова. Хаха.
СК: Вие како сте.
Хаим: Добро. Дали вчера ја добивте мојата порака ?
СК: Да, да и го очекував вашиот повик.
Хаим: Се сретнавме со директорот, и состанокот беше многу добар, како и секогаш. И работите стојат вака: ние сега ја променивме банката, на друго место, друга банка.
СК: Во Македонија?
Хаим: Не, не. Во Будимпешта.
СК: Во Будимпешта, во ред.
Хаим: затоа што беше многу, многу, многу бавно и тоа е проблем.
СК: Мхм.
Хаим: И директорот ни даде детали од друга банкарска сметка на која ќе ги уплатиме парите. Но, во понеделник компанијата конечно ќе го плати остатокот од парите за авансот
СК: Во ред.
Хаим: Бидејќи тие ги добија парите од Будимпешта, мислам дека вчера или денес, така некако. И тие ќе го направат тоа во понеделник. Ние ги разлгледавме бројките и слично, нема никакви проблеми и тоа е тоа. Јас ќе останам во конаткт со Вас, затоа што е многу важно за мене и за проектот Вие да бидете запознаени со нови информации.
СК: Секако. Јас се враќам следниот петок.
Хаим: Вие си заминувате за 8 дена од денес.
СК: Да, следниот петок ќе бидам во Македонија, не е проблем.
Хаим: Аха, во ред тогаш. Јас сега нема да Ви дадам детали, Вие ќе ги видите лично.
СК: Да.
Хаим: Во ред штом е така, јас ќе останам во контакт со вас со цел да Ве известувам, или со смс или со телефонски повик, но е многу важно Вие да бидете информирани и јас ќе се погрижам за тоа.
СК: Во ред, Ви благодарам многу.
Хаим: Во ред. Ви благодарам Светлана.
СК: Во ред Хаим, имајте убав ден.
Хаим: Ви благодарам.
СК: Пријатно.
Хаим: Пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Влатко Стојковиќ

В: Ало?
СК: Ало Влатче?
В: Еј, повели.
СК: Заборавив вчера да те прашам…
В: Ајде.
СК: Да не има нешто ново во однос на плаќањето?
В: Е па денеска ќе провериме, мислам дека ќе, би требало да стигне имаме најава и да видиме ако може утре или задутре да исплатиме.
СК: Сето да го завршите. Добро оти…
В: Ама мислам дека….
СК: Ние имаме состанок со директорот, затоа.
В:…далеку е од све. Мислам дека уште 100-че фали.
СК: Пак ќе фали, а?
В: Не, не уште 100-ка фали, не се стигнати или 90…
СК: Овие, овие што ќе стигнат пак ќе фали?
В: Е не, ја ги очекувам тие даливсе стигнати. Значи уште тие 90 последните.
СК: Ако стигнат тие може да се затвори авансот конечно.
В: Да, да, да. Ако не е стигнат исто ја ќе пробам евентуално со мои нешто да убацам некои динар, за да затворам. Ваљда они ќе ги пуштат сите.
СК: Не јас ќе се видам денеска секако со директорот, значи така е договорено…
В: Кажи му така, молим те. И она поразговарај го конечно зошто јас се чув со него…
СК: Да де да, еве го јас правам нешто, не ставам и тука нешто, знаеш како нешто измислив, ама…ќе ти кажам, само првин директорот да го види.
В: Види ако може, можеш и да ме викнеш, не е проблем никаков.
СК: Не, не овде ставив amount of the donation will be толку и толку which is include или така нешто, кое е вклучено expenses and provision for the NVSP така нешто ќе биде.
В: Може, може.
СК: Така нешто, ќе го прашам само директорот и така ќе го ставиме.
В: Мора да стои за да знаеме…
СК: Мене ми е уште го немам видено да знаеш.
В: Ако, ако.
СК: Само ми прати порака дека денеска ќе се видиме..
В: И мене вчера ми рече дека ќе ме викне, ама
СК: Не, не денеска мора да ме види, имаме состанок…
В: Важи. Здравје
СК: Мислам дека ќе се видиме.
В: Важи. Ако Ви требам, свртите, иако јас ќе бидам денеска со некои гости ама…
СК: Не е страшно. Сакав да бидам сигурна што имаме до крај.
В: Важи. Супер се гледаме, чао.
СК: Важи, чао.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова со соговорник 2

С2: Ало.
СК: Молам.
С2: Светлана?
СК: Да.
С2: Здраво—-е на телефон. Како сте?
СК: Добро, благодарам. Како сте Вие?
С2: Добро сум, добро. Имате неколку минути?
СК: Да, секако, секако.
С2: Во ред. Најпрво да зборуваме за нашиот бизнис. Дали имате некои информации за транферот?
СК: Во ред.
С2: Знаете нешто? Дали е пристигнато или?
СК: Не, затоа што не го видов директорот денес, но мислам дека утре ќе се видам со него.
С2: Во ред. Затоа што ни е важно да знаеме, бидејќи сакаме да продолжиме како што се договоривме.
СК: Во ред.
С2: И втората работа е во врска со посетата.
СК: Да.
С2: Јас проверив и видов дека празникот е на 7ми и на 8ми. Затоа втората седмица не е во ред.
СК: Во ред.
С2: Затоа ако сакате да дојдете, ќе треба да одберете една, две или три седмици подоцна, како што сакате.
СК: Не, три седмици е малку доцна и ќе биде невозможно.
С2: Затоа ќе треба да одлучиме, дали седмицата што започнува на 13-ти или 20-ти?
СК: Ќе мора да проверам со директорот, во врска со ова. Утре ќе го прашам за трансферот и за датумите, и ако е прифатливо за 13-ти, оваа седмица
С2: Во ред. Дали сакате да Ве побарам утре ова време?
СК: Да, ако имате време.
С2: Да секако. Значи околу 4-5 часот да Ве побарам?
СК: Ве молам пред 5, затоа што имам час по француски јазик, имам тест, затоа.
С2: Во ред значи пред 5 часот.
СК: Да.
С2: Во ред, ова време значи.
СК: Да.
С2: Во ред, и ќе ми кажете дали оваа седмица е во ред и ќе одллучиме за точниот датум, но да знам која седмица.
СК: Во ред. Јас само сакам да го прашам дали е прифатливо за него, сакам да бидам сигурна дека ќе се согласи со датумот.
С2: Во ред, во ред. Значи ќе зборуваме утре и ќе се договориме. Ви благодарам многу Светлана. Пријатно.
СК: Пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и соговорник 2

СК: Ало.
С2: Здраво Светлана.—- е на телефон, како сте?
СК: Добро, благодарам. Бев на состанок и затоа не можев да се јавам.
С2: Во ред. Ве барав и вчера вечерта.
СК: Вчера имав тест по француски јазик и телефонот ми беше исклучен, а потоа заборавив да го уклучам.
С2: Во ред, не е проблем. Значи дали имаме новости или сеуште не?
СК: Тој рече дека ќе провери, а за датумите е во ред.
С2: Седмицата што започнува на 13-ти?
СК: Да, таа. Но за трансферот тој рече дека ќе провери и ќе ми даде дозвола да…но се до сега тој не ми дал дозвола да пратам уште еден трансфер.
С2: Не Ви даде?
СК: Не, не.
С2: Значи ние чекаме?
СК: Сеуште чекаме тој да ми се јави.
С2: Во ред, не е проблем. Јас ќе го информирам Хаим, најверојатно тој ќе Ве контактира утре или задутре, и можете да му пратите смс ако сакате.
СК: Да.
С2: Во ред, ќе чекаме.
СК: Денес му пратив смс порака повторно, затоа што е болен и не е на работа и се надевам дека ќе одговори.
С2: Во ред. Значи ќе почекаме со вториот трансфер
СК: Да. Бидејќи тој рече дека ќе ми даде дозвола за…
С2: Во ред, ќе му кажам на Хаим и ќе чекаме. Во врска со Вашата посета. Мислам дека треба да дојдете во недела, ако тоа е во ред со Вас.
СК: Во ред.
С2: Можете да пристигнете во недела доцна навечер и да почнеме во понеделник наутро.
СК: Тоа е 12-ти јуни.
С2: Да, на 12-ти јуни е летот за Израел. А аз летот назад сеуште не знам, но ќе биде или четврток или петок.
СК: Во ред, тоа зависи од вас.
С2: И ќе имаме најмалку три дена. Дали е во ред за вас да се вратите четврток или петок?
СК: Да во ред е, но зависи од Вас, како ќе успеете се да организирате. Од вас зависи, но јас ќе бидам слободна таа седмица.
С2: Во ред. Значи, се договоривме дека ќе дојдете во сабота на 12-ти и ќе видиме кога ќе се вратите. Во ред, ќе Ве известам.
СК: Во ред. Ви благодарам.
С2: Ви благодарам Светлана. Пријатно.
СК:Пријатно.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Сашо Мијалков

СК: Молам.
СМ: Светле што правиш?
СК: Еве читам директоре.
СМ: Читаш а?
СК: Да, на работа сум.
СМ: Кажи ми кој е сега дојден?
СК: Хаим е дојден.
СМ: Кој Хаим?
СК: Хаим од Министерство за одбрана, овие што се…
СМ: Аха.
СК: Нели луѓето отидоа во инспекција, во….
СМ: Добро.
СК: …во Русија, и они се овде да се договориме за последните детали.
СМ: Добро, види вака сега. Памтиш што требаше да се договориме или не?
СК: Да да памтам.
СМ: Што?
СК: Треба да има, да видиме тие 200 илјади за провизијата како да ги донесат, што да направат, да ги пренесат преку банка или не? Да видиме кога ќе заврши како стоката ќе стигне кај нас и тие детали.
СМ: Добро. Океј. Види вака сега, јас сум, ја ќе го примам накај 2-3 саат кажи му. Јас сум сега на помен, не знам кога ќе завршам, ама кажи му во 2 или пред 2 ќе го побараме и ќе му кажеме и ќе го примам. Ајде
СК: Добро, добро, они се во хотелот, не е проблем.
СМ: У кој хотел се?
СК: Во Бест Вестерн.
СМ: Добро.
СК: Секогаш се таму.
СМ: Ајде.
СК: Во ред.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Сашо Мијалков

СК: Ало
СМ: Еј Софија?
СК: Директоре, повелете.
СМ: Си ме барала нешто? СК: Молам?
СМ: Си ме барала, викам.
СК: Па да, ве барав, во недела нели одам во Тел Авив.
СМ: Што?
СК: Во недела нели заминувам.
СМ: Кој?
СК: Јас, во Тел Авив одам, нели.
СМ: Ааа да, одиш, да.
СК: Да, е…
СМ: Кога се враќаш?
СК: Во недела на ручек.
СМ: Кога се враќаш?
СК: Аа, кога се враќам, на 17-ти.
СМ: Тоа значи за…
СК: Во петок се враќам одма.
СМ: Во петок, добро.
СК: Да.
СМ: Ок, и?
СК: Вака значи, проверив кај Влатче, од второто, од оние 840 илјади новите, веќе има стигнато повеќе од 100 илјади.
СМ: Повеќе од колку?
СК: Сто илјади, така нешто.
СМ: Тоа е малце.
СК: Тоа беше во петокот. Меѓутоа сега денеска не знам, затоа што стигаат, вика, псотојано стигнуваат пари.
СМ: Имам ја пропуштен позив од сабајле од нив, сега ќе ги барам да видам до каде е таа работа.
СК: Кажете ми, они прашуваат, дали веќе и третиот да го пратат или не?
СМ: Ај нека почекаат денеска и утре, важи?
СК: Добро, ама вие да ми кажете пред да одам за да знам што да му кажам.
СМ: Ќе ти кажам обавезно, ќе се слушнеме на телефон. Ајде.
СК: Добро. Во ред, благодарам.

 

Разговор помеѓу Светлана Костова и Сашо Мијалков

СК: Молам.Ало.
СМ: Ало?
СК: Да.
СМ: Што правиш Светле?
СК: Еве на работа директоре.
СМ: Подработуваш?
СК: Да. Повелете
СМ: Кажи ми сега овој договорот што е за донацијата,
СК: Добро
СМ: Готов е?
СК: Да. Со тоа што да договориме дали во прилогот ќе оди опремата цела.
СМ: Ммм…
СК: Како прилог 1 на договорот мора да оди спецификација на опремата, да не биде во договорот.
СМ: Ама треба да се видиме за таа работа.
СК: Да.
СМ: Кога треба договорот да се потпише, утре?
СК: Еве кажете кога. Кажете директоре.
СМ: Светле, ај утре у 11 саат биди кај мене на работа, добро?
СК: Нема проблем, ќе дојдам.
СМ: И да се договориме за царината.
СК: Да, да ќе дојдам, во ред.
СМ: А кажи ми со царината како стојат работите?
СК: Молам?
СМ: Со царината како стојат работите?
СК: Се сретнавме ние со Влатече тогаш, му ги дадов, му укажав кои документи треба и сега треба да видиме како ќе го регулираме тоа. Се надевам дека му се спремни документите.
СМ: На Влатко му се спремни, но кој треба даа одлучи за таа работа?
СК: Како кој треба да одлучи за таа работа?
СМ: Па околу царината?
СК: Ако одиме преку МВР, можеме и преку МВР да одиме. Нашите…
СМ: Нели може да има и ослободување?
СК: Да де да, меѓутоа тој што ја внесува робата, тој ќе треба, мора да побара.
СМ: Да побара?
СК: Да, да побара, барање да има, има образец за барање за ослободување од…
СМ: Кога треба тоа да се случи?
СК: Во моментот кога стоката ќе стигне на граница. Или претходно…
СМ: Тогаш. Ама претходно мора да биде договорено тоа
СК: Да. Со Царина мора да се договори. Ако како МВР настапуваме за опремата…
СМ: Светле,
СК: Молам.
СМ: А да се видиш ти сега со Влатко ако можеш? Да не оставаме ние утре, утре е последен ден, задутре стига робата.
СК: Ќе се видам меѓутоа директоре дали ќе настапуваме како МВР во однос на опремата со Царина?
СМ: Како МВР како другачие?
СК: Па тогаш имаме ние служба, од кај Ѓоко, имаме човек што е одговорен за царина и што ги знае сите луѓе таму.
СМ: Кој
СК: Од кај Ѓоко има луѓе што се надлежни за тоа, можеме со нив да, да направиме договор и со Царина.
СМ: Е па не е лошо сега ти да се сретнеш и со Влатко и со луѓето од кај Ѓоко и да ја договорите работата.
СК: Добро.
СМ: Океј? Да не ја оставаме за утре.
СК: Океј. Добро.
СМ: Може?
СК: Може.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески

ЗС: Ааа, за буџетот…
ГЈ: Е, да.
ЗС: Сте дале буџетско 188 милиони кратење само.
ГЈ: Да.
ЗС: А вие треба 600 и кусур да скратите.
ГЈ: Аа Зоки, ја неам од кај да скратам 600. Значи немам толку…
ЗС: Јас не можам да го затворам буџетот.
ГЈ: Еве, да збориме со премиерот.
ЗС: Значи, треба оставка да дадам како министер за финансии, ако не можам да затворам буџет.
ГЈ: Јас те разбирам тебе, ама ако не смеам да ги скратам тие кај што има пари, 850 милиони на една ставка.
ЗС: А, зошто да не смееш да ги скратиш?
ГЈ: Епа зошто, нели со премиерот е така договорено.
ЗС: Нема врска, ќе си скратиш, ја ќе му кажам на премиерот скратено е и ова, шо ми е гајле, не можам ја да одам у затвор за некого.
ГЈ: Ја значи, па затоа сакам да направиме и муабет. Ја, значи, сите ставки кај што имаше пари, на нула ги симнав.
ЗС: Да не треба ….скратено, како цела држава што пати таму, нема шо мислам, и ја ќе си разговарам со кој треба, шо треба, нема шо тука да…
ГЈ: Добро, значи, тоа е причината, од сите други места, колку и да кратиш, нели плати не кратиме…
ЗС: Ама треба да дадете буџет, со се тоа скратено, не вака.
ГЈ: Значи, ама сеа, нели и со него зборевме кога го правевме буџетот, сто пати ми рекол таму не пипкајте ни еден денар.
ЗС: Кој ти рекол?
ГЈ: Премиерот.
ЗС: Не е така.
ГЈ: Значи, не у контекст на ребалансов, претходно ми има сто пати речено, прајте шо ќе праите, таму денар да не фали.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков

ГЈ: Имавме влада и меѓудругото треба да се прави ребаланс.
СМ: Аха
ГЈ: Со тоа што линеарно сите министерства да скратат по 30 посто од капитални расходи, ама кај нас знаеш, само на една ставка има пари, оваа шо ни е големава.
СМ: Аааа, не може вака да ти мине тоа…
ГЈ: И ние ако скратиме, мислам, не знам шо да кажам…уште поише ќе заглавиме.
СМ: Не, тоа е договорено, и тука нема кратење, као другите…
ГЈ: Да, да тоа сакав да ти кажам, сега знаеш…
СМ: Не, кратење нема…
ГЈ: Јас ќе..потскратиме негде на друго место, мислам малку ќе шкрбнеме, ама нас уствари ваму ни е фактички единствено каде што има пари нешто реално, со усул да видиш и ти со премиерот, да не биде после МВР шо не сте пратиле…
СМ: Да тоа да го расчистиме оваа година, јуни јули да биде расчистено и више да не го збориме и мислиме тоа…
ГЈ: Не, па затоа сега, да не дојдеме у ситуација сега, ја на Влада да објаснувам, пошто не е знаеш за пред сите. Ако имаш ти ситуација да му кажеш на премиерот таму да не чепкаме..
СМ: Ќе му кажам, ќе му кажам, да…
ГЈ: Мислам од други…
СМ: Не, зпнае он, нема да чепнеме таму…
ГЈ: Абе добро, ама знаеш да не…хехех.. јас пред време да си реагирам, да не се расправаме таму знаеш пред сите…Чисто да ти кажам и ти да знаеш…Таму нели стаивме околу 850 милиони мислам дека беше, евентуално ако сами ние може да предложиме кратење, ама ако знаеме дека нешто е поефтино, или вишок пари имаме, пошто јас се сомневам дека имаме вишок пари …ама..
СМ: Не, не, таму не пипаме, ќе зборам јас и со премиерот, таму нема пипање, тоа треба да се расчисти ..и да го договараме тоа…
ГЈ: Нее, добро, затоа викам, хипотетички ако ти кажеш овде има вишок, нема проблем , иначе да си стои таа ставка…
СМ: Не не, таму има мањак, каков вишок, тоа треба да го затвориме, и готово тука нема кратење..
ГЈ: Затоа ти кажувам, од сегде друго ќе кратиме, ќе пустиме, ќе праиме, толку колку што има…ама главно кај нас масата е таму си знаеме ние…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција