Прислушувани разговори – сет 18: Индијанци во Собрание

Во Собранието тешко одело исполнувањето на нарачката од Груевски. Фото: Вистиномер

 

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пазареле за законите за амнестија за Хашките случаи, за употребата на албанскиот јазик и за албанското знаме, ама со скриени мотиви да се „намести“ ситуацијата за да излезат ем невини ем подготвени за соработка. Од „зделките“ пак се незадоволни дури и најблиските министри на Груевски. Во овој сет разговори слушаме и дека други од ВМРО-ДПМНЕ не биле среќни поради договореното, а гледаме и какви перипетии имал Груевски да ја „протне“ намерата, па морал да ги вика и министрите на собраниски комисии, за да му помине „дилот“. Слушаме и за „Индијанци“…

 

Овој сет прислушкувани разговори е посветен на преговорите зад затворени врати на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и спроведувањето на договореното – во Собранието. Во првиот разговор Никола Груевски во вечерно време ја известува Силвана Бонева дека со Али Ахмети се договорил (како што кажа Заев на прес-конференцијата: за амнестија за Хашките случаи, за употребата на албанскиот јазик и за албанското знаме) и дека од утредента треба да почне постапката во Собранието. Груевски кажува „мој избор е да биде веднаш“, да не се чека до септември – октомври, односно како што вели „Тоа што сме превзеле негативно да го истуркаме сега“, односно постапката итно да почне во Законодавно – правната комисија на Собранието.

Во вториот разговор Бонева го известува дека за Хашките случаи ќе мора Трајко Вељаноски да побара мислење од Владата, а Груевски вели дека тоа мислење ќе биде „ни да, ни не“, него нешто колку да пратиме“. Бонева вели дека ќе нагрнат новинари, а Груевски предупредува „добро е да не се летаат нашите со изјави додека не добиете инструкции како да го терате“. Кажува и дека на медиуми со кои „имаат соработка“ ќе им каже кои делови да се истакнат, „тие делови каде што ние сме добиле“.

 

МИНИСТРИТЕ БЕГААТ ОД  „СТАПИЦАТА“

Со „зделката“ се незадоволни Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, како што може да чуеме во следниот разговор, при што таа вели дека „поише отколку што требаше им попуштивме“.

Следува разговор на Јанкулоска со Трајко Вељаноски, при што дознаваме дека тогашниот министер за правда Михајло Маневски не сакал да даде позитивно мислење, а Јанкулоска го напишала автентичното толкување, па бара собраниските служби да го поправат пред да им се даде на пратениците да го потпишат..

Заменичката во Министерството за правда, Билјана Бришковска – Бошковска, ѝ укажува на Јанкулоска дека тоа што е дадено како мислење нема врска со Законот за амнестија, дека случаите судовите ќе ги враќаат на обвинителот, а тој ќе мора да ги враќа во Хаг… Таа кажува и дека препораките од Комитетот на ОН за тортура ја исклучуваат амнестијата. Јанкулоска бара да се напише нешто неразбирливо како мислење од Владата, колку да има некаков текст… „и ајт со здравје!“

Колку е целата работа заплеткана, дознаваме од разговорот на Гордана Јанкулоска со Кирил Божиновски, генерален секретар на владата. Никој не сака да го потпише мислењето, па тоа ќе мора „да оди“ како мислење од Владата.

 

РАБОТИТЕ СЕ ДОЗАПЛЕТКУВААТ, ИНДИЈАНЦИ НА БОЈНОТО ПОЛЕ…

Во разговорот потоа Бришковска ја известува Јанкулоска дека мислењето од Правда ќе биде со напомена до пратениците да се имаат предвид препораките на Комитетот за тортура. Јанкулоска констатира дека проблемот е што покрај Маневски, уште еден „нивни“ мора да го потпише, па двајца луѓе се изложуваат на ризик, на удар на критики…

Потоа разговараат Јанкулоска и Вељаноски и притоа слушаме дека за нив и албанските и македонските пратеници се индијанци. Јанкулоска вели дека ѝ е мака што „им се дава“ нешто што не сака да им го дадат (на Албанците), а од друга страна, токму поради тоа е изложена на критики критикуваат. Јанкулоска обелоденува и дека го пратила „Мартин“ да ги „обработи нивни пратеници.

 

ГНЕВОТ НА СТАВРЕСКИ И ЈАНКУЛОСКА

Потоа може да слушнеме од два разговора како Ставрески и Јанкулоска не сакаат да бидат „наместени“ и сакаат да ја избегнат ситуацијата да гласаат, а Груевски притиска и министрите-пратеници да отидат во Собранието за да се обезбеди кворум за да помине законот. Од разговорот слушаме дека „Игор, од кај мене“ на Ставрески му рекол дека покрај „мрежата на фамилијата“, нова „мрежа“ во земјата си прави Владимир Пешевски, а Јанкулоска се согласува дека е така. Покажуваат фрустрација поради пробојот на Пешевски, односно што тој е избран за министер, при што Ставрески вели дека кај него има златни деца кои работат како магариња, ама нив никој не ги зема предвид за напредување оти се од кај него. „Прават мрежи, а луѓево умреа од работа кај мене. Пет години го носам цело, цела економија ја носам у Македонија на грб“, вели Ставрески и се нервира што никој не го прашал за неговиот кадар и вели дека нема да оди во Собрание да гласа. „Нека им трчаат тие што се…се некои фраери се…“, вели Ставрески.

 

МИНИСТРИ СО ПО ДВЕ „РАБОТНИ МЕСТА“

Двајцата соговорници се прашуваат каде е отидена работата кога не може да се соберат пратениците, па мора да повикуваат министри за да се изгласа законот. На крај слушаме дека Пешевски нема да дојде, оти сигурно е на плажа во Грција, а Јанкулоска вели „Шефот исто“.

Потоа го слушаме разговорот во кој Груевски наредува на неговата секретарка итно да им наложи на пратениците и министрите – пратеници, да се појават на седницата, оти нема кворум.

Во последните презентирани разговори се гледа паниката и упорните ѕвонења за да дојдат луѓето на седницата да гласаат. Јанкулоска повторно се нервира: „Ќотекот е ќотек и да стиснеш и да не стиснеш копче, пак критиката е таа е, за сите е иста, знаеш…“ Ставрески е нервозен што го бараат да оди, а „фраерите нема да бидат таму“.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес-конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје, 06.04.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Силвана Бонева и Никола Груевски

СБ: Ало.
НГ: Ало.
СБ:Претседателе, добра вечер.
НГ: Ало, Силвана што правиш?
СБ: Читам нешто весниците, два дена не сум видела, па ги собрав сите, да видам да не испуштам нешто..
НГ: Еј Силвана, вечерва со ДУИ завршивме.
СБ: Конечно.
НГ: Конечно.
СБ: Е браво.
НГ: Е сега од утре почнува маката. Имплементација.
СБ: Имплементацијата, а!?
НГ: Да, така да наредни 7-8 дена ќе бидат тешки за нас многу. Мој избор е тоа да бидат веднаш, а не да чекаме после септември-октомври. Тоа што сме превзеле негативно да го истуркаме сега.
СБ: Веднага да биде. И најубаво, летото сега…
НГ: Веднаш, и да сме на раат после цел мандат. А?
СБ: Летото сега и после цел мандат да бидеме на раат.
НГ: Не летото, до следната недела да се заврши. После кога ќе дојде владата да се бира, тоа да е више завршена работа.
СБ: Ааа, Аха.
НГ: Владата околу 25-ти ќе се бира у Парламент. А ова да речеме од утре ќе почне, задутре да речеме. Утре ќе се поднесат, задутре ќе се дискутира.
СБ: За јазиците ќе оди?
НГ: До кај понеделник, најкасно вторник другата недела да се заврши приказната. Гласање-масање и …
СБ: Во вторник веќе имаме седница, мислам.
НГ: Да има, ама ова е сега приоритет. Ќе се поместува, ќе се прави, за да ова завршат овие.
СБ: Да де да.
НГ: Значи три закони има многу…
СБ: Да.
НГ: што се вака за нас да речеме проблематични. Односно два закони и едно толкување.
НГ: Толкувањето е за хашките…
СБ: Мхм.
НГ: …да бидат амнестирани…
СБ: Да, да ги опфати Законот за амнестија, така ли?
НГ: Да ги опфати Законот за амнестија.

 

Разговор помеѓу Силвана Бонева и Никола Груевски

НГ: За Хашките ќе мора мислење да побара од Влада, Трајко, таков бил деловникот.
СБ: Епа да. Мора.
НГ: И мора да дадеме мислење. Значи не може ако не го дадеме он да го пројде.
СБ: Да де да.
НГ: Нашето мислење ќе биде округло па на ќоше или ќе биде цитат на тој Закон или нешто така.
СБ: Како закон за амнестија.
НГ: Значи ни да ни не него нешто колку да пратиме, нешто ќе биде.
СБ: Да де да. Комисијата за…Законодавно-правна, да си го донесе толкувањето.
НГ: Да.
СБ: Да не биде ни не ни да.
НГ: Да. Да. Не. Нашето ќе биде ни не ни да. А комисијата треба да си го протолкува и да го донесе, да.
СБ: Да де да. А Законодавно-правна изрично да си каже. Епа претседателе има, до вторник мислите се тоа да го избутаме?
НГ: Да. Му кажав на Протоѓер, сега нешто, сабајле да го свика пи-ар тимот, Илија Димовски, како на партија нели, Александар…
СБ: Илија Димовски во Брисел иде треба под итно да си дојде.
НГ: Суле оној на кабинетот, Мартин Мартиновски на Владата и Гордана, која што е најзапознаена, да направат стратегија за пи-ар утре.
СБ: Мхм.
НГ: И не е лошо у тек на денот да се чуеш со нив и да ти кажат како ќе ја тераме.
СБ: Да може да менаџираме. Да, оти сега ќе нагрнат новинари и сите.
НГ: Добро е да не се летаат нашите со изјави додека во текот на денот не добиете инструкции за пи-ар како да го терате
СБ: Јасно јасно. Бидејќи Илија Димовски не е там ќе треба…
НГ: Ќе контактирам и со медиуми со коишто имаме подобра соработка, да ни помогнат.
СБ: Мхм.
НГ: Да ги истакнат тие делови каде што ние сме добиле. Да не кажат сме добиле 15 институции туку не им го дадоа тоа, не им го дадоа оноа, сваќаш?
СБ: Да де да
НГ: Ништо не лажеш само поинаку го кажуваш.
СБ: Да де да. Гулемите работи да се кажат оти не са дадени и… а другото не е битно, да се редат 15-те.
НГ: Да.
СБ: Тогај треба сериозно од утре натаму веќе. Значи ја ќе им кажам, и без тоа ќе дојдат нели на ова како го викат…на седница. Да им кажам да си седнат и да почнат многу сериозно во собранието, ќе треба серизони координации со нив. За закон за јазик е многу сериозно, закон за знаме, да не се истрчуваат, да не кажат нешто што не треба.
НГ: Ахмети констатираше дека после 108 години Албанците го имаат Одбрана.
СБ: Одбрана
НГ: После Крушевската република.
СБ: Ааа после Крушевската република имат одбрана, ха ха.
НГ: Да, прв пат после Крушевската република Албанци го добиваат одбрана. Ха ха ха.
СБ: Ииии таа му е јака. За пи-ар кај неговите му е јака.
НГ: Да да да. Ха ха ха ха.
СБ: Еееј. Богами големо кажано после Крушевската република….
НГ: Епа во Крушевската република на Албанец била доверена одбраната.
СБ: Да да.
НГ: А на Влав финансии.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ГЈ: Ова што беше со функционерите да зборуваат, именувани во Собрание, тоа отиде. Значи тоа ќе се смени. И уште една вака голема работа по мене, амаљ тука немаше каде, ќе се врати стариот закон за симболите. Мислам мене тоа ич не ми се допаѓа, ама сега нивното е знаеш, демек тоа ни е стекнато право, де факто се прави сега да се носи закон со помалку права, малку тешко.
ЗС: Мхм.
ГЈ: И у политичкиов дел на тоа се сведе. Нели претходно Хашките ги имавме договорено, и тоа е тоа. У другиот дел… ЗС: Хашките како ќе идат? Со…
ГЈ: Со автентично, да. И тоа се планира фактички се…сите овие работи да се изработат во текот на утрешниот ден. Значи дека ептен е…
ЗС: Мхм.
ГЈ: Сега земав маку да одморам, да каснам нешто, пошто фактички јас треба да ги напишам тексотвите.
ЗС: Тоа знам. Тоа вака и без да ми кажеш знаев дека на тоа ќе се сведе.
ГЈ: Тоа ти е познато, ама морам малку да земам воздух. Знаеш, да не згрешам, многу е одговорно и да ги напишам ноќеска. Не е тоа многу текст, ама е многу одсговорна работа.
ЗС: Мхм.
ГЈ: И доста работи по мене, поише отколку што требаше им попуштивме.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски

ТВ: Значи, за автентичново го имаме тоа, така?
ГЈ: Го имаш. Со тоа што знаеш, јас и на Михајло му се јавив, пошто фактички он треба да даде мислење, он да потпише.
ТВ: Ама нега го даде он. Јас барањето да ми е поднесено.
ГЈ: Да де да. Тебе двете ти ги пуштив. И Михајло вика: а бе не можам вика позиитвно да дадам. А бе Михајло, па сега…
ТВ: Ако не ја што ќе дадам, што ќе дадам?
ГЈ: Не, не. Ама викам – знаеш што е работава, не сме мали деца, сега све што им дадовме вака со песна да им даваме. ТВ: Да де да.
ГЈ: Ја тоа…баш вчера му викам на Премиерот: а бе два дена не сум спиела од мака.
ТВ: Мхм.
ГЈ: Оти стварно…тоа е тоа. Ама ајде, ќе ја пегламе.
ТВ: Ама…Слушај, ова е напишано.
ГЈ: Да бе да.
ТВ: Ова само пратениците да го потпишат.
ГЈ: Да, ама да го видите. Оти јас до сега не сум видела знаеш текст на барање за автентично, дали е океј…
ТВ: Не, ова е обично е тоа, ќе го видат ова сега.
ГЈ: Добро, ама знаеш да го видат службиве кај тебе, да не има нешто што после…
ТВ: Добро, добро.
ГЈ: …на цела мака што ќе си ја имаме со другиве работи, и со тоа. Океј, ајде, поздрав.
ТВ: Важи, важи, договорено. Ајде, чао.
ГЈ: Ајде, чао, чао.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Билјана Бришковска Бошковски

ГЈ: Ало?
БББ: Ало.
ГЈ: Еј Билјана кажи.
БББ: Може да зборуваме отворено на телефонов?
ГЈ: Да бре да.
БББ: Добро. Вака сега: Значи ова што е дадено како мислење нема врска со Законот за амнестија.
ГЈ: Мхм.
БББ: Овие 4 случаи, значи овака како што е напишано не можат да бидат амнестирани.
ГЈ: Мхм.
БББ: Значи, во овој случај само ќе се случи да домашните судови, сега не знам што е интенцијата, ама јас морам да си кажам, нели…
ГЈ: Да де да, да, да.
БББ: Ааа, значи сега само ќе дојде до запирање на постапките, ако го прифата судовите автентичното толчкување, нели нормално…
ГЈ: Така, така.
БББ: Ќе дојде до запирање на постапките пред судовите, и со тоа што се префрла цела топка во Јавно обвинителство. Бидејќи, вака викаат они: ќе се запрат, не се надлежни домашните судови, бидејќи тие предмети се во надлежност на Меѓународниот трибунал.
ГЈ: Мхм.
БББ: Меѓународниот трибунал…
ГЈ: …Ги врати…
БББ: ….ама не се прогласи за ненадлежен.
ГЈ: Да де да.
БББ: И сега, може да ни се случи: Јавниот обвинител да ќе треба да ги враќа. Нели сега треба да се најде кој е надлежен суд, така?
ГЈ: Да де да.
БББ: После сево ова ако се случи. Ќе треба да ги враќа пред Меѓународниот суд, сега Меѓународниот суд ќе рече: ало, јас вас ви реков дека таму продолжете си, така?
ГЈ: Па така му доаѓа.
БББ: Така му доаѓа. Или некои да се толку моќни, па да излобираат таму, па да рече Меѓународниот суд: ние не сме надлежни, и во тој случај…
ГЈ: Па, не верувам тоа, едино може…нели тоа со крајна дата, па да се затвори и никому ништо.
БББ: Е или…
ГЈ: Нели му го продолжија рокот?
БББ: …да се затаи…мислам онака буквално да биде ни на небо, ни на земја.
ГЈ: Да де да. Ништо ние..ние некако од Влада да пуштиме округло…
БББ: Мхм.
ГЈ: Ништо што не значи, па што сакаат нека прават у Собрание.
БББ: Е сега ова што го ставаме дека при утврдување на автентичното толкување да се имаат во предвид констатациите и препораките на Комитетот за Обединети нации и Комитетот за тортура, е фактички тоа: да се завршат предметите пред домашните судови. Тие се тие препораки.
ГЈ: Ништо, види така неразбирливо да е, и ајт со здравје.
БББ: Да де да.
ГЈ: Ќе изгласаат у Собрание, и тоа е тоа.
БББ: Значи, ова да го оставиме дека Законот го сиклучува постапувањето на домашните судови.
ГЈ: Па што знам, не знам што да кажам.
БББ: Ако го тргнеме враќањето, ако го тргнеме враќањето…значи како да не постои, така излегува.
ГЈ: Мхм.
БББ: Ако го тргнеме.
ГЈ: А бе некако неразбирливо напишете и ајт со здравје.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски

КБ: Ало?
ГЈ: Ало, секретаре шо праиш?
КБ: Еве шефице работно, ти?
ГЈ: Еве јас се прибрав у МВР малку, да ти кажам, за промена. Ха ха ха.
КБ: Ха ха ха.
ГЈ: Да видам и овде што се праи.
КБ: Да, да.
ГЈ: Ништо бе сакав да те препрашам за она сега, Билјана ќе ти го пушти директно на тебе или како ќе направи со….
КБ: Рече ќе го пушти на мене, паралелно и на тебе…
ГЈ: Важи, јас ќе го видам на мејл, па нешто ако
КБ: … да дадеш зелено светло, ако нешто треба да искорегира, па финално ќе му го однесам на шефот.
ГЈ: Да бе да, и он да го види обавезно, пошто знаеш многу е политички осетлива оваа тема.
КБ: Сензитивна е, сензитивна.
ГЈ: Да, да.
КБ: Јас 100 пати и нагласив максимално округло па на ќош, знаеш со цитати на закони.
ГЈ: Па јас и реков: пиши нешто, ништо да не значи. Мислам зборев и со шефот на телефон, и викам, вика: да знаете, буквало употребив термин, Билјана пиши нешто, никој да не го разбере.
КБ: Е тоа е, тоа е, тоа.
ГЈ: Тоа е.
КБ: Да не знаат што да прават со него, тоа е.
ГЈ: Види, они нека прават. Они знаат што треба да праат, ама нека праат они.
КБ: Да де, од нашево да не произлегува.
ГЈ: Да, да. Оти пак, некој знаеш, треба да го потпише.
КБ: Е сега тоа. Мене Васко ми вика: те молам да не овакво…дај му го на Адеми.
ГЈ: Па ако де, нека си го потпише Адеми.
КБ: Ама ако го направиме ние такво целото мутаво, он нема да го потпише. Ќе рече: што е ова бе…Така да, да не се зафркнеме. Зборев и со шефот, вика – ептен ако е такво, да го убедиме некако Васко. Ќе видам ја некако…
ГЈ: Ајде види ти таму.
КБ: Ха ха ха.
ГЈ: Оти знам, мислам многу е целиов процес мачен, тежок, напорен…ама се тоа се заборава, на крај остсанува кој го пуштил писмото.
КБ: Е да.
ГЈ: Знаеш, мислам ја цело време еве збориме ми се свиѓа-не ми се свиѓа нешто, тоа си е више мој личен проблем, ама утре-задутре писмото се гледа.
КБ: Мхм.
ГЈ: Знаеш…јас целосно го разбирам Васко, и секого што би се нашол во таа улога.
КБ: Да.
ГЈ: Ајде, нешто ќе правиме…ќе правиме притисоци…ха ха ха ха.
КБ:Добро, ај да го добиеме прво, па ќе пресечеме.
ГЈ: Важи, важи Кире да го добиеме, па пак ќе се консултираме.
КБ: Важи, важи.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Билјана Бришковска Бошковски

ГЈ: Ало.
БББ: Извинете сега, меѓутоа морав…
ГЈ: Нема проблем, кажи Билјана.
БББ: Вака сега…ќе го потпише, меѓутоа само со една реченица, значи да стои дополнително тука, дека: Владата на Република Македонија треба да ги има во предвид, значи јас ќе гледам тоа Владата исто да го тргнам. Значи да се имаат во предвид препорактие на Комитетот за тортура во делот на овие случаи.
ГЈ: Е па добро бе. Јас затоа ти реков, сега знаеш не можеме, да го видите вие текстот
БББ: Да.
ГЈ: Утре-задутре тоа мислење на Собрание ќе го извадат,
БББ: Јасно, јасно.
ГЈ: Ќе го читаат, ќе го цитираат…Мислам јас зборев и со Михајло…
БББ: Мхм.
ГЈ: …човекот у право е сега, вика: а бе знаеш ептен се тие проблематични, оти 100 пати сме го збореле, знаеш, не е прв пат со прашањево да се соочуваме.
БББ: Мхм.
ГЈ: Ако може да направите…да речам таков, неутрален текст…
БББ: Мхм, мхм…иначе ова само законот е, ништо, значи само го имаат она…
ГЈ: Не, не, добро. Затоа вика, ако може нешто неутрално да се направи…
БББ: Нешто ќе гледам онака да направиме „Киша околу Крагуевца“ таа реченица за да се потпише. Затоа што…
ГЈ: Оти тоа пак, знаеш…едно е што Михајло треба да го потпише, второ е што треба и од Влада некој да го потпише. Значи…
БББ: Е па и тоа е…
ГЈ: ….фактички двајца наши луѓе….
БББ: …ги ставаме…
ГЈ: ….ги изложуваме на лош ризик.
БББ: Како?
ГЈ: Не, не на ризик, него ги ставаме така, на критика.
БББ: Мхм. Ајде ќе ставиме ние нешто во однос на тоа, затоа што тие препораки се од 2008 година, дека државата треба да превземе се во врска со тие предмети да дојдат до некој завршеток и нели, да прознесат некои работи…
ГЈ: Да де да.
БББ: Ги знаете сигруно.
ГЈ: Да де да.
БББ: Сето ова, сите тие препораки прво ја исклучуваат амнестијата, како начин на решавање и да видиме нешто, значи да се направи така, да не се, да не се обрне премногу внимание.
ГЈ: Да де да. А бе тоа ќе се обрне у Парламент, ама сега, тоа е.
БББ: Ама ќе помине.
ГЈ: Тоа е ризикот…
БББ: Тоа е, тоа е.
ГЈ: …нема поинаку…
БББ: Добро, океј.
ГЈ: Добро Билјана.
БББ: Тоа сакав само…
ГЈ: Океј, фала ти.
БББ: Поздрав, чао.
ГЈ: Поздрав, чао.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски

ТВ: Еј, кажи Горде.
ГЈ: Ало, здраво, како си Претседателе?
ТВ: А бе во гужви, знаеш како ти е, со индијанци…
ГЈ: Денес узбуна ти направивме.
ТВ: Да бе.
ГЈ: А бе јас баш ради тоа и ти се јавувам. Адеми ми рече дека овој за јазиците го потпишале и го доставиле закон.
ТВ: Да, да, да. Па им го направивме, го потпишаа, го доставија. Сега им го дадов и за знамињата, и тој го потпишаа, и автентичното тоа.
ГЈ: Така. И значи све е у нашиот дел формално…
ТВ: Со индијанциве све е во ред. Е сега со македонскиве…
ГЈ: Ха ха, со нашиве…
ТВ: … македонскиве индијанци утре што ќе правам, ха ха.
ГЈ: Ха ха ха. Сега со нашиве, ние…нивнава работа…
ТВ: Со нашиве македонски индијанци…
ГЈ: А бе што ти е проклетство, вака…Ај што им даваш нешто што нејќеш да им дадеш, мака ти е за тоа, ај што те критикуваат, а те критикуваат за нешто што и ти лично не се согласуваш со него, па уште треба и да им го сработиш…ко казнети да сме од Господ. Ха ха ха.
ТВ: И затоа јас им реков, барем тие да се испопотпишат…
ГЈ: Да, да, да. Значи фактички со нив се е расчистено.
ТВ: А? Со индијанциве расчистено е.
ГЈ: Да, да. Со овие главниве индијанци.
ТВ: А?
ГЈ: Викам со главниве индијанци расчистено, сега со нашиве.
ТВ: Со нашиве…
ГЈ: Преѓе да ти кажам, на Мартин му реков: а бе викни ги пратенициве или појди во Собрание, знаеш, многу нови има. И сега кој знае како си го замислувале Собранието. Мислам они се сите наши, ама да не почнат со непријатно чувство, прва работа што треба да ја сработат е.
ТВ: Е да, да.
ГЈ: Знаеш, малку да ги искоординира. Оти Премиерот не знае глава кај му е сега, со коалициони, ова-она, го гази времево. Мартин преѓе се качив кај него и му викам: види барем ти викни ги луѓево. Оти стварно, сега знаеш некој прв пат станува пратеник и има очекувања. Мислам они се сите наши и се ќе направат, ама добро е некој да ги истретира.
ТВ: Добро, нема проблем.
ГЈ: Па ќе видиме што ќе направи.
ТВ: Ќе видам утре како ќе биде.
ГЈ: Ајде, држиме среќа.
ТВ: Ха ха ха.
ГЈ: Ха ха ха. Океј јас само тоа сакав да те чујам…
ТВ: Добро од страна сега…сега кај нас тука е фрлена топката…
ГЈ: Сега кај тебе се жешките костени
ТВ: Ја кога им кажав на овие, дека вака и вака Премиерот предвидува за 2-3 дена, е викаат што го лажеш, тоа може и да трае 2-3 недели.
ГЈ: А бе може, ама ти не можеш да го контролираш тој процес.
ТВ: Така е, да, да, да.
ГЈ: Во делот кај што можеш ти се направи.
ТВ: Во делот кај што можам, јасс ќе го јадам утре стапот зошто сега поручек им закажувам за утре.
ГЈ: За утре е, плус во делот кај што можеш
ТВ: Тоа тука, ама во она кај што ќе зборат комисии, колку време ќе зборат…
ГЈ: Тоа Господ знае.
ТВ: ….и како таму ќе се…тоа Господ знае, да. Не можеш тука ништо да планираш.
ГЈ: Ништо, сега ние од оваа страна ќе држиме среќа. Тоа можеме.
ТВ: Така де така, да. Ха ха ха.
ГЈ: Ха ха ха. Океј. Ако треба нешто…
ТВ: А бе чим се зафтивме, ќе го средиме.
ГЈ: Да, да, да. Еее што не сме завршиле, па ова.
ТВ: Важи, важи Горде.
ГЈ: Океј, ајде.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Илија Димоски

ГЈ: Ало?
ИД: Горде, Иле е.
ГЈ: Кај си бе Иле, те снема.
ИД: Еве у Собрание, на седница.
ГЈ: Што правите?
ИД: Еве ништо, збираме кворум. Можеш ли да дојдеш? Ако си тука.
ГЈ: А бе јас у Скопје сум, ама да се облечам, оти сум…така.
ИД: Што можеш побрзо дојди.
ГЈ: Па за пола саат, јас далеку живеам Иле.
ИД: Знам, знам во секој случај пошто ептен сме на кнап. Ако нешто се измени ќе ти се јавам, ама please.
ГЈ: Не бе, ќе се облечам и ќе дојдам, нема проблем.
ИД: Добро.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски

ГЈ: Ало.
ЗС: Ало.
ГЈ: Е.
ЗС: Да бе, ме бараше Силвана и ја откачив.
ГЈ: Ја па не знаев, мене Иле ми се јави. Викам – добро, тука сум ама не можам одма да дојдам.
ЗС: Јас измислив дека сум со детето на Нора, дека го чувам. Ха ха.
ГЈ: Ти добро си се снашол, па што не ми кажа, јас наивна…
ЗС: Ама знаеш како ми текна…у секунда, немав време да ти кажам. Одма вртев, ама ти беше овакво…busy.
ГЈ: А бе јас, да ме бараше таа немаше да и кренам. Ама Иле Димовски ми сврте и јас, со него имам коректен однос. И ми вика: Горде у Скопје ли си? Да бе да, викам, дома, гледам телевизија. Ха ха. И вика: молим те, немаме кворум ова-она, а јас заборавив и дека сум пратеник…
ЗС: Мхм.
ГЈ: И сега ќе се влечкам…не за друго, нејќам да гласам за тој закон.
ЗС: И ја нејќам. Затоа и не отидов. Не ми беше тешко друго. Мене немаше да ми текне, ама Антоанета е стварно отидена кај Нора, и го чува детето, пошто они нешто на роденден биле и мене ми текна тоа, оп реков, како се сетив. Ха ха.
ГЈ: Па ти си се снајде. Ништо, ја ќе се влечкам, барем…а дома немам собраниски канал, да видам што има, до кај се…
ЗС: Има, зборат уште?
ГЈ: А има пријавено за збор?
ЗС: Па овој збори од кај Руфи сега. Не знам колку има, јас до сега не го гледав. Сега кога се јави она го уклучив да видам што се случува.
ГЈ: Мене ми…
ЗС: Јас си сурфам за одмор, знаеш…
ГЈ: Мене ми е идејата, ем ептен, пошто знам сега, пошто му реков на Иле тука сум, оваона…
ЗС: Што бе, знаеш кај се пратенициве, ало? Кај се? Нек си ебат матер, нека го викнат Пешевски.
ГЈ: И тоа што викаш. Да бе да.
ЗС: Некаа го викнат Пешевски нека оди.
ГЈ: И тоа што викаш.
ЗС: А бе оди, све амали ние, за све сме амали, другите се курчат и си прават мрежа у државава. Што вика овој Игор од кај мене кога му пишав, сега не е една мрежа на..на овие, на фамилијава знаеш…
ГЈ: Ааа…
ЗС:…сега вика втора мрежа Пешевски рпави низ државава.
ГЈ: Па и така е.
ЗС: Така е, и луѓево го знаат тоа, знаат кој е-што е дечково, не може…
ГЈ: Да, да.
ЗС: Ја му реков на шефот кога ми го спомна него, а бе овие кај мене, Наташа и Игор се….они се…ни до нив не е стасано, сфаќаш?
ГЈ: Не бе, баш сега со…
ЗС: Зошто бе да биде он министер? Ми е криво, јас имам златни деца никој, никогаш не ме прашал за нив.
ГЈ: Ееее, а јас што да кажам?
ЗС: Само затоа што се мои? Затоа што јас сум тој што сум и затоа што му пречиме со тебе, му е страв да не сме прејаки? Тоа е…
ГЈ: Да, да.
ЗС: Ебате беља.
ГЈ: Па и овие бе кај мене, како магариња работат.
ЗС: Прават мрежи, а луѓево умреа од работа кај мене. Пет години го носам цело, цела економија ја носам у Македонија на грб,
ГЈ: Да, да.
ЗС: Никој не ме праша бе дали имаш некој кадар, никој не ме праша. И до тука ми е зовриено. И ја ќе трчам сега за у Собрание!? Нека им трчаат тие што се…се некои фраери се…Денеска состаноци гледам бе Горде, кој со кого држи состаноци, не сум идиот.
ГЈ: Е па све ти е јасно.
ЗС: Све ми е јасно.
ГЈ: Се ти е јасно.
ЗС: Да не ми е јасно, нема да се нервирам. Од што ми е јасно се нервирам.
ГЈ: Не ја ќе гледам и кога ќе дадат пауза, намерно ќе отидам откако ќе заврши цела работа.
ЗС: Ма ич, маткај се наваму-натаму.
ГЈ: А не…
ЗС: Речи: колата ја чекам, немам кола.
ГЈ: Да бе да, така ќе речам.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски

ГЈ: Ало.
ЗС: Ало, што правиш?
ГЈ: Па еве на работа, ти што правиш?
ЗС: Еве и јас сум на работа, сега дојдов пред 20 минути. Ти се јавуваа овие од Собрание?
ГЈ: Да бе да, јас баш ќе те барав…Ја да ти кажам не им се јавив и гледам ми пратиле пораки сите, немаме кворум, ова-она и баш ќе те барав да ти кажам.
ЗС: Па и јас исто, не им дигнав слушалка. Па Ѓорчев ми пуштил порака. Силвана ме бараше, а Ѓорчев порака ми пуштил.
ГЈ: Мене двајцата ми вртеле, он ми пуштил порака и уште некој ми пуштил порака ама не знам чив е бројот: „ Дојди во Собрание, ни требаат министрите, немаме кворум за гласање“.
ЗС: Па кај им е кворумот?
ГЈ: Е па не знам бе Зоки, кај им се пратенициве-пратеници, да му се сневиди. Дојде до тројца министри. Јас да ти кажам, пошто знам за што е гласањево, се мислев да му пуштам порака на Ѓорчев дека не сум во Скопје. Ама баш сакав да те чујам и тебе, да видам ти што мислиш?
ЗС: Па што да мислам, не сум воодушевен. Па од друга страна да не испадне брука пак, не знам што да правиме. Не знам кај се другите, да можам да дознаам кај се и зашто ги нема…
ГЈ: Не, ама немам кого да прашам…
ЗС: И дали ќе се пополни е полесно, ама нема со кого да се збори.
ГЈ: Немам кого да прашам, ако се јавам…
ЗС: Да де да.
ГЈ: Знаеш, ако се јавиш првото прашање е: тука си или не си тука, па после се друго.
ЗС: Не сум, у Крушево сум, сега ќе тргнам. Така да им стегнеме една. Мора да се збори со некој за да знаеме дали…па ако се збори, они ќе притискаат…ќе…ќе речат нема кворум, тоа ќе биде одговорот.
ГЈ: Да де да. И мислам дека никој нема искрено да каже. Дури и да има…
ЗС: Оти они да имало, до 11 ќе се собереле, не…кај и да си во Македонија ќе дојдеш.
ГЈ: Мене сега ми ѕвонеа…мислам, нема 10 минути нема. Баш сега непосредно пред ти да се јавиш, и јас ќе ти вртев, пошто претпоставував дека и тебе те бараат.
ЗС: А кои се други од вакво…Нино…
ГЈ: Нино, Пешевски, јас, ти и Антонио.
ЗС: Тие сме а? На листа што бевме…
ГЈ: И шефот.
ЗС: Пешевски сигурно нема да дојде, тој е 100% негде на плажа у Грција.
ГЈ: Шефот исто.

 

Разговор помеѓу Ленче Самарџиевска и Никола Груевски

ЛС: Ало.
НГ: Ало, Ленче.
ЛС: Е Претседателе.
НГ: Ааа, да се јавиш. Ги нема на седница овие од нашиве, многу од нашиве. Да се јавиш хитно да одат у 12.30 е продолжеток. Пошто нема кворум и ја одложил Трајко за 12.30.
ЛС: Пратениците? Ало?
НГ: Пратениците.
ЛС: Добро. Ало?
НГ: Прашај, прашај кај Трајко кои фалат и јави им се одма да одат.
ЛС: Добро, добро. Добро, важи.
НГ: Хитно. Оти нема кворум, хитно да одат.
ЛС: Важи, важи Претседателе.
НГ: Да баталат се друго, да одат таму. Ако ти речат министриве имаме нешто друго, Не, одите. Пошто има министри-пратеници.
ЛС: Добро, сега одма.
НГ: Ајде.
ЛС: важи, важи. Чао.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски

ЗС: Да.
ГЈ: Што правиш?
ЗС: Еве, еден состанок имав интерен.
ГЈ: А бе гледам Лена ми врти, непрекинато. Не знам тебе дали те бараше? И сега ми пратила порака…
ЗС: Сигурно, еве Тања ѕвони.
ГЈ: Да. „Претседателот рече итно да одиш во Собрание“. Значи… што да ти кажам.
ЗС: Да, да, он од некоја плажа.
ГЈ: Да. А јас знам зашто ме бара и 3-4 пати ми ѕвонеше на мобилен и не и дигам, и добивам порака „Претседателот рече итно да одиш во Собрание“, мислам…Гласањево у 12.30, сега е 12.20.
ЗС: Добро. Добро ајде. Не е толку темата битна, колку односот што е.
ГЈ: Не бе, мене ме нервира односот, иначе мислам, тоа е. Ќотекот е ќотек и да стиснеш и да не стиснеш копче, пак критиката е таа е, за сите е иста, знаеш.
ЗС: Мхм
ГЈ: Ама, односов е…чекај бе па јас сегде може да сум, така?
ЗС: Мхм.
ГЈ: Може човек на лекар да е, така? Сé се случува…у 20…10 минути пред овакво, ми вика итно да одиш у Собрание.
ЗС: Да де да, ама ќе видиш кој ќе биде таму. Пак…
ГЈ: Ја и ти.
ЗС: Фраерите нема да бидат таму.
ГЈ: Градските дечки.
ЗС: Да. Океј Горде, ајде.
ГЈ: Ќе видиш…
ЗС: Ај ќе дојдам и ја, да не си само ти.
ГЈ: …ќе отидам, да не биде…
ЗС: И онака сигурно и кај мене вртат, пошто
ГЈ: Да, да, да. Да не биде дека сега мене и тебе не барале под дрво и под камен, ќе отидам…
ЗС: Да не биде, пошто ќе испадне негде сме…у некоја афера, нешто праиме.
ГЈ: Да, да, да. Пошто двајцата…
ЗС: Чим неможе да не најдат двајцата, тоа е тоа. Не треба поише да се мисли,
ГЈ: Посебно, што тие другите што исто нема да се таму, ќе треба да имаат оправдување.
ЗС: Да.
ГЈ: Ајде, ќе тргнам сега, ако не.
ЗС: Ајде, се гледаме, чао.
ГЈ: Ајде, се гледаме, чао.
ЗС: Чао.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски

ГЈ: Ало?
ЗС: Еве идам. Па ли…?
ГЈ: Еве сега ќе му кажам на Претседателот, еден фали.
ЗС: А? Пак ја ви правам кворум, а?
ГЈ: Да, да, да. Ајде.
ЗС: Аман те више. Не можам да…
ГЈ: Иде Зоки иде.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција