Прислушувани разговори – сет 21: Охридските криминали

 

Содржините од разговорите подолу се однесуваат на Охрид и тоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ го правела во Охрид, спроведувајќи ја својата генерална политика, со многу злоупотреби. Слушаме како една фотографија „се пумпа“ за да се дискредитира директор, како се подготвува уништување на дел од Студенчишкото Блато, како се манипулирало со гласачи и како се вршеле заплашувања и убедувања гласот да се даде за ВМРО-ДПМНЕ со цел да се освои локалната власт. Слушаме дека притоа се упатувале „предупредувања“ и за бизнисмени.

 

 

Во првиот дел од денешниот сет снимки од прислушувањето, односно од првите два разговора – на Мартин Протуѓер и Драган Павловиќ – Латас, слушаме за создавањето скандал од една фотографија, за која подоцна ќе се дознае комплетната вистина, која е спротивност на тоа што ВМРО-ДПМНЕ го филува. Налогот од Протугер како шеф на кабинетот на Груевски до провладините медиуми е фотографијата да се пласира како доказ за педофилија. Дрско и без проверка на фактите се прави обид да се уништи угледот на директор, само затоа што е поставен од сдсмовски градоначалник. Вешто режираат незадоволство кај родителите, па „од тие родители еден ќе му ја учука на улица“, ќе се организираат и партиски протести.

 

ХАЦИЕНДА НА СТУДЕНЧИШКОТО БЛАТО

Следува сет од три разговори помеѓу Мартин Протугер и Миле Јанакиески. Од нив се дознава зошто градската власт под Бакрачески не е заинтересирана за заштита на Студенчишкото блато, зошто е драстично намален појасот од Блатото што треба да биде заштитен.

Јанакиески му сугерира на Протугер да ја регулира сопственоста на земјиштето кај Рача, во близина на остатокот на Студенчишкото блато, а Протугер бара од Јанакиески со странска компанија во Македонија, да договори купување на земјиштето во сопственост на Протугер и негови блиски роднини. Притоа се договара вцртување на имотот, промена на планови, урбанизација и можна продажба на земјиштето, иако на тоа место било планирана туристичка развојна зона и заштитена зона за Студенчишко блато.

 

„КОМУЊАРИТЕ“ НЕ СМЕЕ ДА ПОБЕДАТ

Следува поголем сет од 11 разговори кои разоткриваат изборните злоупотреби, изборниот криминал на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, за да не се дозволи да победат „комуњарите“. Првиот разговор е помеѓу Јанкулоска и Ставрески. Двајцата велат дека им се смачило од она што се случува, особено во Охрид.

Во вториот разговор Протугер бара ангажман на 5-6 луѓе од војската или полицијата, кои за цело време на изборната кампања би биле во Охрид и би дејствувале под негова команда. Во следниот разговор, Протугер го запознава Љупчо Тодоровски – Радникот, тогаш директор на Бирото за јавна безбедност, дека во договор со директорот на УБК, Сашо Мијалков, се формирани параполициски структури кои ќе бидат под негова контрола до денот на гласањето. Протугер бара, а Тодоровски се согласува, овие луѓе да бидат ослободени од нивните редовни полициски обврски. И Гордана Јанкулоска е запознаена со формирањето на оваа параполициска структура. За неа ова се група на „бандити“, но и покрај тоа вели дека никој нема да им прави проблеми.

Потоа слушаме како Протугер бара од Миле Јанакиески да се закани на сопственикот на приватната компанија „Илинден“ веднаш да ги запре сите градежни активности во Охрид, да го запре асфалтирањето на улиците во градот. Слушаме и интервенција од Јанакиески кај Владимир Тодоровиќ да вработи членови на ВМРО-ДПМНЕ во „Тинекс“ во Охрид.

 

ПОЛИЦИЈАТА НА ПАРТИСКИ ПОВИК

Во шестиот и седмиот разговор од овој сет, слушаме како Протугер бара ангажман на високи полициски функционери во предизборните активности во Лескоец. Тие потоа одат од врата до врата со кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и ги убедуваат граѓаните да гласаат за Бакрачески – и Албанци и Турци и Роми. Притоа посебен акцент се става на убедување на Ромите, односно како што вели Протуѓер, „кај циганиве“.

Се даваат и налози за засилени активности на полицијата, да се запираат возила, да се вршат претреси, за СДСМ да не победи на локалните избори.

Во последните два разговора од овој дел, слушаме како Јанкулоска, иако констатира дека Протугер ги зел, како што вели, „најголемите багабонти у МВР“ ништо не превзема за сопирање на нивното насилство во Охрид. Напротив,под превезот„напад на овластено лице“ се кријат вистинските насилници од внатрешната контрола во МВР.

 

АЦЕТА ДА ГО УАПСАТ!

На крајот се два разговора во кои може да се разгатне напорот на власта да го затвори поранешниот градоначалник на Охрид. Во првиот разговор Јанакиески бара да биде уапсен Аце Петрески. Во вториот и последен разговор, Протугер ја прашува Јанкулоска дали „ќе има нешто“ за Ацо. Јанкулоска вели дека ќе има но за тоа и требало „малце време“ за, како што вели „да не биде без врска работата“.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Томислав Тунтев, претседател на ОО СДСМ – Охрид и пратеник, Охрид, 16.04.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Мартин Протогер и Драган Павловиќ Латас

ДПЛ: Кај си бе директоре?
МП: Ало?
ДПЛ: Кај си директоре?
МП: Е извини, добро бе добро еве у Охрид нешто, слушај…
ДПЛ: А…
МП: Ќе ти даам ексклузивно, му јавив и на Горан…една фотографија шо на Сител ќе иде, на директор на школо во Охрид, на средно школ,о со средношколку у џакузи и со шампањ…
ДПЛ: Хахаха, па дај и во Вечер…
МП: У вечер да ја пукнеш на насловна
ДПЛ: На насловна да
МП: Близок пријател на Ацо Петревски, близок пријател на Ацо Петревски, еве ги вредностите на С…
ДПЛ: А он го поставил?
МП: Он го поставил, да…да
ДПЛ: Аоо…
МП: И невидено со шампањ, со ученички чоече малолетни пијат шампањ и овој директоров … значи ќе видиш у Банско е тоа… у Банско…
ДПЛ: Па и добро ги однел у странска држава, нема кривично дело…
МП: Хахаххаха
ДПЛ: Хахахах…добро му текнало
МП: Не ова е скандал, ние вечерва ќе му правиме протести чуда, чудо ќе биде…ова топ тема треба да го напраиме…

 

Разговор помеѓу Мартин Протогер и Драган Павловиќ Латас

МП: Види сеа што праиме…Денеска тоа утре поврзуваме тоа како начин и стил на владеење на ес де ес, знаеш?
ДПЛ: Види, таму е тоа рецимо битно да се формилира како лоша препорака за родителите кого го гласаат на овие избори…
МП: Да да да…
ДПЛ: Од тие родители еден ќе му ја учука на улица па што сака нека биде
МП: Да да даа… Не бе ја протести му праам на него, ќе видиш… лом ќе биде лом…

 

Разговор помеѓу Мартин Протуѓер и Миле Јанакиевски

МП: Да?
МЈ: Мартин не знам Љупче што ти кажа ама ги извадов сите документи… Ало…
МП: Да, да.
МЈ: Имаш право на користење,треба да поднесеш барање до финансии и треба да направиш привид. Знајш за тоа?
МП: А што треба да напраам?
МЈ: Приватизација, тоа се вика приватизација на поранешен сопственик, без надомест се врши приватизацијата.
МП: Да, да ми кажа Љупче, ми кажа тоа.
МЈ: Добро.
МП: А може да се заврши? А Миле?
МЈ: Да. Само треба да напраиме еден елаборат за нумерички податоци. Дојди че напраиме и че поднесиме до финансии барање. Приватизација од поранешен сопственик, не се плаќа надоместок ништо само решение треба да се донеси да го спроведиме до катастар.
МП: Да. Може да се заврши, така?
МЈ: Па за една недела се завршува да.
МП: Добро Мики, добро. Ќе биде се во ред така?
МЈ: Да сега јас… денеска во Охрид се мојне, че појда со овој да пра муабет. Не е во ГУП, не е во ништо, да видеме дали можи да се урбанизира и со Липиткова да се видиме. Денеска си иди Липиткова, че ја барам Липиткова денес.
МП: Еј супер, супер. Многу, многу голема работа ќе завршиме, незнаеш, вака, незнам што да ти кажам.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Мартин Протогер

МП: Слушај… Ти викаш како бе една градежна парцела, а ја како ќе се… како да се оттарасам од овие.
МЈ: Мартин, треба да направам една анализа. Јас ги зибележав кое е твое, кое е нивно. Да седнам еден ден на маса и че ти кажам ај.
МП: Ќе збориш?
МЈ: Да видам кое време че се вратам вечер ај.
МП: Ќе збориш ли со Ликоил?
МЈ: Ќе зборам бе Мартин ти реков. Само Кина сум од понеделник до четврток.
МП: И шо сакав да ти кажам.
МЈ: Ќе ти купам ладало.
МП: А?
МЈ: Ќе ти купам ладало од Кина.
МП: Шо ќе ми купиш?
МЈ: Ладало.
МП: Ладало?
МЈ: А.
МП: А, хахахаха. Слушај, колку може да иде таму квадрат бе?
МЈ: Леле бе хехехе ебате дено. Не знам од кај да знам, пазар да ги прашам овие. Че ти кажам прво дали се заинтересирани.
МП: Еј мислам дека ќе бидат заинтересирани. Еј кажи колку оди вакво.
МЈ: Хахаха. Два-три милиони евра.
МП: Ај кажи сега не заебавај.
МЈ: Че прам муабет, че ти кажам. Сега не знам озбилно.
МП: Отприлика бе, колку сега знаеш, по колку продавале.
МЈ: Ти кажав. Види испод сто евра не можи да биди. Оди.
МП: Па треба поише од сто.
МЈ: Не бе илјада. Хахаха.
МП: У Аеродром платиле триста евра да ти ебам. Таму двеста нека платат и готово.
МЈ: Мартин на Аеродром знајш таму колкава населба е ?
МП: Ова тутистичко место е. На сред единствена пумпа што води до плажите, единствена.
МЈ: Ајде че прајме муабет. Ај чао.
МП: Ај.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиевски и Мартин Протуѓер

МП: Ало.
МЈ: Е.
МП: Е, еј шо прајш?
МЈ: Абе бензинот почна да течи како си запнат.
МП: А јако, јако. Абе ме знаеш, живот е во прашање, нема врска. Шо праиш?
МЈ: Одам до Долнени.
МП: Да. Ааа види зборев ја со Бакрач и зборев со родниниве и се договоривме ако не се заинтересирани на пример цело да го земат или некој само мојон дел отиде, односно тој што е до патот, до 5-6 илјади квадрати, колку е.
МЈ: Сега зборев со Аце че го исцрта точно, че ти напрам кој чекори треб да се превзема, шо треба да напрај Бакрачот.
МП: Да, а остатокот ти е околу 8-9 илјади, остатокот нека таму може ли да се ставаат, они сакаат као бунгалови некој, као може да стои тој под придружни објекти, приземје + 2.
МЈ: Мартин знајш шо е работата, шо една е постапката ако е една градежна парцела, друга е постапката ако се, ако е цел план. И таму е то заштитно блато и ние сакаме да… Огнен че прајт таму посебна туристичка зона, а оваа да си биди посебна градежна парцела. Разбираш? План само за градежна парцела. Зато е поедноставно да е една градежна парцела. А ако прајш…
МП: Една да биде а?
МЈ: А ако прајш повеќе градежни парцели тогаш е поопширна постапката. А тие шо сакаат таму да прат? Имаат визија шо сакаа да прат?
МП: Оние сакаат онака како населба, како онаа у… има ли заинтересиран некој како онаа у…Бардовци. Не у Бардовци у Ѓорче, како се вика таа?
МЈ: Малку земјиште е тоа за такво. Знајш колкаво е тоа. Шо се пет илјади метри квадратни. То се пет куќи.
МП: Десет илјади се.
МЈ: И десет се малку. Знајш колкава е таа у Бардовци, си бил? Ама езерото толку е.
МП: Добро. Ама ако сакаат тие можеме ли тоа да им го цртаме. Треба да се раздолжам од нив разбираш, да не се врзувам пошо се ненормални.
МЈ: Да видам треба да седнам и со Огнен и со Ацо, оти таму планиравме со тоа да прајме туристичка развојна зона.
МП: Каде туристичка развојна зона?
МЈ: Па кај шо е блатото. Околу блатото.
МП: Аха, аха.
МЈ: И таму…
МП: И шо значи тоа?
МЈ: Ништо не значи. Од ова треба да се види влез излез како че биди. Треба малку да седнам со Аце, неможам вака.
МП: Аха, аха.
МЈ: Треба да видам како се парцелите оти аку напред, ако испрчиш бензинска, тој од кај че влегува?
МП: Зато Бакрач пат ќе напраи бе. Од. Од патот дирекно, овакво… Тоа се зборевме со него.
МЈ: Аха Бакрач.
МП: Тоа е 50 метри, 20 метри.
МЈ: Ај да го изанализирам.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: На нас ни се смачува од…шо сме од ВМРО
ГЈ: Знаеш еве вчера со Кире од кај мене зборам шо ми е шеф на кабинет, он у Центар живее тука и за оваа другава работа нешо збориме, вика да ви кажам вика да не е… пошо на него му дадов некои работи таму да ги брка да сум сигурна дека законски сме покриени, вика да не е вика за вас и да не е за партија, вика немате поима колку ми се гади од целава работа.
ЗС: Па сигурно… све е Охрид и ова.
ЈГ: За Охрид да не праиме муабет мислам Охрид.

 

Разговор помеѓу Мартин Протогер и соговорник(обезбедување на Груевски)

МП: Шо праиш Шах?
С: Еве сега се движам спрема Кисела вода.
МП: А да, добар си?
С: Добар да повели шо треба?
МП: Моеш ли да збориш?
С: Да.
МП: Види аа сакав да те прашам нешто ми треба една екипа да напраиме, едно 5-6 души така здрави, шо ќе дојдет у среда Охрид со мене до крај на кампања.
С: Може да се слушнеме.
МП: Да, да јави ми се. Размисли, полиција, војска, ваму таму па јави ми.
С: Добро, добро, готово.
МП:Па ќе збориме.
С: Ајде, ајде.

 

Разговор меѓу Мартин Протогер и Љупчо Тодоровски (Радник)

ЉТ: Ало.
МП: Љупчо шо праиш Мартин е?
ЉТ: Еј Мартин добро на работа еве.
МП: Добар си?
ЉТ: Повели, шо праиш ти?
МП: Добро бе добро, еве нешо по интернет и така. Абе види ја од утре ќе одам за Охрид, тамо, тамо ме пуштија околу кампањава малце да… и една екипа ќе напрајвме со Сашо се договоривме.
ЉТ: Добро.
МП: Луѓе шо се во МВР, па се договоривме да ти свртам и на тебе за да не им прават проблеми командирите, знаеш…
ЉТ: Добро.
МП: Ако може да им кажеш. Да ти ги пратам ја по СМС луѓето што ќе дојдат.
ЉТ: Пушти ми ги, јас ќе ги ослободам.
МП: Важи, важи, важи.
ЉТ: Нема проблем и се шо ти треба друго јави ми.
МП: Ќе ти вртам за се ако има нешто, да, да.
ЉТ: ОК. Важи, важи.
МП: Е така. ОК важи фала многу Љупчо.

 

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкуловска

МП: Слушај.
ГЈ: Кажи.
МП: Ја ќе одам утре за Охрид и до денот на избори ќе бидам таму.
ГЈ: Мхм.
МП: И договорив една екипа, нема да ти се допадне тебе ова, ама сакав да те замолам вака, да замижиш за ова. Значи, една екипа, 4-5 души од овдека, на Мацко брат му, такви некои, шо ќе бидат со мене таму.
ГЈ: Бараби.
МП: Да. Што ќе бидат со мене таму. Пошто ми требаат, тешки глупости има таму, плус и за нашиве да им го држат стравот, а и така, да бидат тука.
ГЈ: На Мацко брат му ќе ти направи уште потешки глупости, ама штом си го одбрал, чувај си го.
МП: Нека дојде сеа, него го познавам. Ќе го држам ја колку шо можам под вакво. Да ти пратам имиња и презимиња на луѓево шо ќе дојдат?
ГЈ: Не бе, нека шибаат, не е проблем, само нека се јават. Пошто на пример, он не е кај мене, он е у СВР.
МП: Аха.
ГЈ: Нека му каже на тој што му е шеф да не му пишува ништо, нема гајле, не е проблем.
МП: Фала ти многу.
ГЈ: Нема гајле бе. Ајде.
МП: Ајде чао.
ГЈ: Ајде чао.

 

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески

МЈ: Ее?
МП: Миле шо праиш?
МЈ: Добар бе еве, на мал митинг идам
МП: Го барам Владо ако си со него
МЈ: Со него
МП: ее му ѕвонам на телефон види ако.. ај ќе ми го даеш попосле само да ти кажам нешо има една фирма Илинден, градежна фирма од Струга асфалтираат по налог на Ацо низ цел Охрид, нека запре кажи му зашо ќе му е…. мамицата кажи му…
МЈ: Ја ќе му се јавам на Раде бе
МП: Јави му се одма. Кажи му асфалтирате по Охрид, работиш за Ацо, кажи му љути се ќе ти ја е.. мајката
МЈ: Добро
МП: Да, дај ми го Владо
ВТ: Ало.
МП: Владо како си како иде?
Вт: Добро иде некако.
МП: Се борите,добро.
ВТ: Да ,повели.
МП: Владо сакав да те замолам нешто.Значи јас сум во Охрид,сега нели таму и координирам, денеска дојдов.
ВТ: Така
МП: Имаме ли простор во Охрид два тројца да бутнеме кај тебе у Тинексот на еден месен комитет што ни носи многу гласа.У седум години само двајца вработени има.Таму има невиден револт,а многу ќе ни помогне знаеш.Сега секој глас се брои.
ВТ: Види тие сега како да напраиме,да ги примиме после да ги вратиме дома некако нечесно е.Да ги имам на терет цело време некако и тоа не е некаква математика знаеш.
МП: Да,да.
ВТ: Ај ќе помислам сега ја… ќе помислам.
МП: Помисли што може да напраиме,ама ми треба …
ВТ: Ќе зборам со керќа ми…
МП: Да збори ми треба сега денес, утре да им кажам малце да им олесни на луѓето.
ВТ: Ако има одма ќе ти јавам,ќе ти пратам порака.
МП: Важи,важи.
ВТ: Поздрав,пријатно.
МП: Важи,чао.

 

Разговор помеѓу Мартин Протуѓер и Љупчо Тодоровски (Радник)

ЉТ: Ало.
МП: Ало, Љупчо шо праиш?
ЉТ: Добро еве.
МП: Добар си?
ЉТ: Добар супер. Шо праиш ти?
МП: Добро, добро у Охрид исправаме криви дрини. Види двајца ни требаат многу во Охрид на место каде што имаме добар резултат, а со нивна помош ќе напраиме уште подобар и ќе ни покрие некаде каде што послабо може да помине, знаеш.
ЉТ: Добро.
МП: Овој Ламаноски…
ЉТ: Добро.
МП: И Гоце Џуклески.
ЉТ: У одма ќе ги пратам, ама Гоце Џуклески е професор, ќе му кажам за утре и задутре да не биде на школо, да дојде таму.
МП: Да во Лескоец да поминат, они се од таму.
ЉТ: А да ти се јават?
МП: Е да ми се јават дај им го бројот, да.
ЉТ: Кога ќе дојдат утре ќе ти се јават.
МП: Еј да ми се јават на мене ја ќе идам со нив ќе им кажам кај да поминат.

 

Разговор меѓу Љупчо Тодоровски (Радник) и Мартин Протуѓер

ЉТ: Aло
МП: Ало
ЉТ: Еј Мартин
МП:Љупчо се слушнав, овај Добре ми се јави.
ЉТ Сега… утре ќе ти се јават и овие кога ќе пристигнат.
МП :Супер супер,одлично
ЉТ:Џуклески професоров …е сега слушај абе Размовски ми е тамо, да му кажам…
МП: Размоски е веќе тука оди на врата со Бакрач
ЉТ: Готовооо…
МП :Супер е да,да!
ЉТ: Тој,тој ги знае сите таму.Он шипците ќе ги собере,турците и циганите.
МП: Добро,добро готово.
ЉТ:Е така шо треба јавувај ми се
МП:Важи важи,чао.

 

Разговор помеѓу Љупчо Тодоровски (Радник) и Мартин Протогер

ЉТ: Ало.
МП: Еј Љупчо и нема, нема полициско присуство на терен, знаеш. Добро е да има видливо полициско присуство, по закон тоа е дозволено.
ЉТ: Сега…
МП: Овие хараат сега има огромна излезеност кај циганиве. Значи нашиве искачаат и нивни искачаат.
ЉТ: Аха… Види му јавив на овој да бидат присутни барем уште два саати во циганските маала да видиме кој ќе ги поттикнува на излегување.
МП: Да еј, една група ние поттикнуваме да знаеш.
ЉТ: Е ако де. Ама таму си знаат нашиве кој се.
МП: Си знаат кој се да.
ЉТ: Него му кажав за овој од комуналното ако го видат некаде да го легитимираат, да видат кој е внатре, додека не одлучиме дал да го збереме.
МП: Добро. ОК, ОК.
ЉТ: Му јавив.
МП: Супер, супер. Добро фала ти Љупчо.
ЉТ: Пријатно ОК.
МП: Ајде чао, чао.

 

Разговор помеѓу Мартин Протуѓер и Миле Јанакиевски

МП: Му кажав ја на Сашо, сега зборев со него те молам јави им се на овие, овдека на началникот.
МЈ: Добро
МП: Да ги запираат сите коли, сите, претрес, кој се тие, како сте, што сте и да… значи све живо што е од МВР да излезе на улица сега.
МЈ: Аха.
МП: Ќе ни ги земат изборите пак у пет до дванајс.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Мартин Протоѓер

ГЈ: Да. Ало.
МП: Горде, како си?
ГЈ: Кажи Мартин, добро.
МП: Види, вчера имавме ние една мала акција овде у…собрани се тројца коишто за Ацо делеа пари и така. Под ова оградата, напад на овластено лице и така и сеа они имаат претставка до внатрешна контрола пратено.
ГЈ: Добро.
МП: Така да, да си у тек дека е тоа координирано све.
ГЈ: Абе види, ја ти кажав. Мислам, дај Боже да победиме во Охрид, ама со таа банда таму, мислам овие, твојава банда, нема лезет у таа работа. Ништо нема да им се случи, не се секирај, ама кај ги одбра бе Мартин најголемите багабонти у МВР.
МП: Најдобрите дечки се.
ГЈ: Абе ајде, Утка кога ти е соработник, до кое дереџе сме стасале, ама нема проблем за ова.
МП: Ајде. Тоа е.
ГЈ: Пријатно.
МП: Чао.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и соговорник

С: Ало министерке.
ГЈ: Ало. Еј, ми вртеше кажи.
С: Вака за една ситуација. Во Охрид синоќа имавме интервенција со тие едни бандити од СДСМ, тие Цане и сега во моментот ми кажуаваат колегите дошле од внатрешна во Скопје.
ГЈ: Види они нека документираат, ќе си биде се во ред.
С: Е така да ве известам, да знаете, да не се измешаат…
ГЈ: Мислам… да, да знам, ми се јави Мартин за таа работа. Ние да го документираме како што е редот и да напрајме како што треба да напрајме. ОК.
С: ОК. Во ред, да ве известам јас само, да не ни се измешаат работите затоа.
ГЈ: Да, да, да. Така и треба да сме координирани, коа сме координирани не праиме грешка. ОК важи.
С: Е така.
ГЈ:Друго нешто по град? Мирно?
С: Тековно се, тековно нема…
ГЈ: Добро важи се слушаме. За ова немај гајле ќе си биде во ред.
С: ОК
ГЈ: ОК, ајде поздрав.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и соговорник

МЈ: Прво овој да го уапсиме Ацо и тој другио после шо сакаш
С: Ќе ги мафнит како ххахах… Обавезно тие шо немат тука

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протогер

МП: Абе за овој ќе има ли нешо за Ацо Петрески?
ГЈ: Ќе има
МП: Да живее Македонија. Фала
ГЈ: Само имам…таму имам доста работа, малку… треба време малку
МП: Да добро
ГЈ: … за да биде ко шо треба, сеа да не биде знаеш за без врска работа, ама…
МП: Да да да…
ГЈ: … се работи
МП: Добро ајде…
ГЈ: Слушај, на крај ќе му се закачиме нема бегање
МП: Нема да хахаха
ГЈ: Така да биди си спокоен


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *