Прислушувани разговори – сет 36: Станбеното прашање на министерката

Нема потреба од полицаец пред зградата на Јанкулоска - МВР е карши. Фото: Адора

 

Власта е вносен бизнис – носи крупни печалби и овозможува брзо збогатување, купување станови скришум, и тоа во вмровска зграда, веднаш спротив МВР, дознаваме од разговорите од 36-от сет, презентирани во Кампот на слободата пред Владата. Во овој сет разговори слушаме како Ставрески со Јанкулоска пријателски разменува информации и бара совети за купување стан во зградата во која ќе бидат соседи.

 

Во првиот разговор од овој кус сет, воден помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, слушаме дека министерката за внатрешни работи и нејзиниот сопруг купиле два стана – а идејата за тоа ѝ ја дал Ставрески. Како што појасни портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов при емитувањето на снимките од овој сет, становите на Јанкулоска се на поткровјето на зградата спроти МВР, за што СДСМ одржа посебна прес-конференција. За стан во фамозната зграда на улицата Димче Мирчев број 20 во која се вдомиле голем број функционери и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, се интересира и Зоран Ставрески. Веќе ги направил првите чекори, отишол во фирмата за да види какви станови се останати. Но тој е исплашен некој да не го види, па Јанкулоска го советува дека со автомобил директно се влегува во зградата. Таа му кажува и кога да дојде – на стемнување, а тогаш може да биде останат само некој мајстор… Но потоа решава да договори со директорката на фирмата што ја гради зградата, во моментот кога Ставрески ќе разгледува, сите мајстори да ги напуштат погорните катови на зградата, каде што ќе оди Ставрески.

 

ОП, ПРОБЛЕМ – ШТО ДА СЕ ПРИЈАВИ НА АНТИКОРУПЦИСКА?

Откако тоа се разрешува, останува уште еден проблем за Ставрески. Загрижен е како неговото купување нов стан ќе биде пречекано во јавноста, посебно поради тоа што ќе мора да го пријави во анкетен лист за Антикорупциската комисија. И Јанкулоска вели дека многу размислувала за тоа – и до моментот на разговорот, не ги пријавила двата стана.

 

ПРАКТИЧНИ ЛУЃЕ ВО „ВМРОВСКА“ ЗГРАДА

Во следните три разговора, Јанкулоска му кажува на нејзиниот помошник Иво Котевски како таа и нејзиниот сопруг зеле кредит за становите, а и како ги опремуваат, оти се „многу практични луѓе“. Потоа, во разговор кој се случува откако СДСМ ја објави информацијата за двата стана на Јанкулоска во „вмровската“ зграда, Котевски вели дека без разлика какви одговори ќе се даваат, може да се претпостави што ќе пишуваат медиумите. Вели дека медиумите ќе обвинуваат дека Јанкулоска купила два стана во време кога има многу сиромашни. Потоа Јанкулоска во третиот разговор се прашува: Е кој ќе им го пренесе бе Иво?!“, и изразува уверување дека со нејзините станови критичките медиуми ќе се занимаваат еднаш, двапати, петпати – а потоа „ќе издише тоа“. Таа како олеснителна околност го наведува тоа што работата е од 2011 година, а оттогаш до моментот на разговорот две години се поминати… Во третиот разговор на Котевски конечно му се разјаснува во која зграда се становите на неговата шефица – во зградата „од прозор што ти се гледа“. Тој според шпекулации од пријател првин мислел дека становите се во зградата спроти дворот на Министерство за култура. Потоа почнуваат со шегување. Котевски се прашува кај ќе биде сместен полицаецот што треба да ја чува Јанкулоска, а таа му одговара „На пријавница овдека“, а тој се шегува дека полицаецот ќе си доаѓа на работното место – пријавница на МВР, заедно со обезбедувањето.

Во последниот разговор ја наоѓаме потврдата дека Ставрески сепак станал сосед на Јанкулоска. А за тоа како таа ги опремува становите и како изгледаат, како и какви се идеите на сопругата на вицепремиерот за нивниот стан, слушаме во последниот – и најдолг разговор од овој сет.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, во Скопје, 31.05.2015


 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

ЗС: Горде.
ГЈ: Е.
ЗС: Она што…ако се сеќаваш, кога бевте во Виетнам ти побарав една web адреса.
ГЈ: Да.
ЗС: Е. Па…што…така ми текна мене у некој, некој момент на инспирација, си викам ја ај добро совет што и давам на Горде, него и ја што не си направам исто така. Ха, ха.
ГЈ: Па да ти кажам паметно ти текнало. Некад имаш добри идеи. Ха, ха.
ЗС: И почна онака, црвот да ме јаде. И викам – чекај бе – што јас не си направам нешто лично, и онака стојат вака безвезе, без ништо.
ГЈ: Да де да.
ЗС: И ај викам, не мора одлука да донесеме, ќе разговарам дома, да видам што-како. Спомнав дома, немаше нешто реакција негативна или позитивна посебно.
ГЈ: Да де да.
ЗС: Вика – ај да видиме, демек што-како. И отидовме у…му се јавив на овој мојов…
ГЈ: Аха.
ЗС: Отидовме до кај него на работа, се сретнавме со таткото и со ќерката…
ГЈ: Аха.
ЗС: Ко за беља баш тогаш влезе директорот, на….главниот што е, на банката…
ГЈ: Ахааа.
ЗС: Не виде, ама тоа е сега.
ГЈ: Е па добро сега.
ЗС: Како и да е, они ни го дадоа тоа да го погледнеме каталогот и требаше баш беше дента пред да тргнеме на одмор.
ГЈ: Аха.
ЗС: И немавме време ние наредниот ден, пошто беше последен ден пред одмор да одиме, да видиме. Пошто они одма, нема проблем, одберете, што-како…
ГЈ: Не, ама ептен се…
ЗС: Одма да прекинеме со праење, во друга насока ако сакате…
ГЈ: Да, да, ептен се.
ЗС: Е сега ние не можевме тогаш, па сега треба…поради ова…да не беше со Кети и до сега ќе го покреневме тоа. Па…
ГЈ: Супер идеја.
ЗС: Сакав чисто вака да знаеш…
ГЈ: Да бе да, супер идеја. Добро ти текнало.
ЗС: Ааа…ај нејќам друго по телефон. Сакав тоа да те барам…пошто она…девојчето ни кажа тогаш, неколку што се вака available и рече: видете, што – кои, па сакав само да те прашам вашиот кај беше и на која страна од тие што се таму, ама…
ГЈ: Знаеш како е…према Водно и према Шар Планина. Практично накај вас, мислам дека натаму му доаѓа, у тој правец.
ЗС: Добро. Мхм.
ГЈ: Али јас сум да ти кажам…
ЗС: 89 беше или колку?
ГЈ: А бе ние 2 нели, ти си заборавил!
ЗС: Ама едниот. Не, не, не сум заборавил.
ГЈ: Едниот…ха, ха, ха. Ти ме убеди и заборави. Delete стисна.
ЗС: Не, не. Ама како сега, едниот беше 89, другиот 50 или?
ГЈ: Не, не. Вака беше Зоки. Едниот, едниот беше 89, ама нас ни требаше уште едно мало просторче за точаците. Пошто знаеш ние имаме проблем. Па земавме од другиот и го направивме 92, а другиот беше околу 70 остана, така некако мислам.
ЗС: Аха.
ГЈ: Или 60 и неколку дојде,
ЗС: Ооо, па вие сте се претерале бе. Ха, ха, ха.
ГЈ: Е па ти, ти што ми кажа сега…Ааа не заебавај. Ха, ха, ха.
ЗС: Добар, добар совет. Тоа е најдобар што си го у живот добила.
ГЈ: Така да супер испадна. И тоа после тоа бевме ние, пошто ние нели апла на време ја фативме работава. И ставрно како го имаат направено, значи едно е кога ја гледаш скицава, кога ќе отидеш таму, преубаво изгледа.
ЗС: Е ај ја ако договориме нешто…како да се отиде до таму, а да не биде забележано? Тоа ми е, да не биде…
ГЈ: Има како.
ЗС: Има?
ГЈ: Знаеш како. Со кола се влегува скроз во објектот, доле. Ќе се договориме…
ЗС: Добро. И нема таму вработени други?
ГЈ: Може некој мајстор да има…
ЗС: Навечер?
ГЈ: Не бе, преку ден. Ама ќе и речеме на Драгана подискретно да се тргнат мајсторите, нагоре да нема никој.
ЗС: Не бе, или приквечер, навечер. Не мора…зашто да се…
ГЈ: А бе нема светло навечер…
ЗС: А нема ич.
ГЈ: Пошто тоа е објект во градба и…
ЗС: Е па приквечер, добро кога нема …
ГЈ: Приквечер дур има уште малку дневна светлина, иначе супер е. Влатко и вртеше на Драгана мислам, вчера-завчера, за да довршиме, нели треба договор да потпишеме, сите тие работи. Ама не му се јави, па не го препрашав дали ја добил во меѓувреме. Иначе многу е фина.
ЗС: Знам, знам.
ГЈ: Мислам мене ептен добар впечаток ми остави…
ЗС: Добро.
ГЈ: И многу се одговорни. На пример ќе им кажеш тоа и тоа, и еднаш ќе им спомнеш, не треба два пати.
ЗС: Да.
ГЈ: Само ќе ти јави, завршено е, што мене ми се допаѓа, пошто јас така функционирам.
ЗС: Да де да. Добро.
ГЈ: А има за дискретност…
ЗС: Ама имам уште еден проблем ја, во размислувањето сега. Кога више фатив да го размислувам тоа. Ха, ха. После ми текна за ова другово и викам чекај сега да го видам, како да го, како да го…во реализацијата…
ГЈ: Аха…
ЗС: Значи не е спорно од аспект на идејата дали, поише од аспект на реализација. Како да идам со тоа, дали да идеме на друго некое вака, суштество или…
ГЈ: Да де да, те разбирам. А бе јас мислев…
ЗС: Пошто, не е за ова што зборат, што би рекол овој…
ГЈ: Ха, ха. Да, да, да.
ЗС: …нашиов што зборат…него поише од друг аспект. Од аспект на, на… антикорупциска, тие што се, треба да се пријавува…
ГЈ: А бе знам. Јас го мислев, ама…
ЗС: Да се прави целата таа работа.
ГЈ: Ние уште не…
ЗС: Од тој апсект, не ова другово. Другово, па и другово ќе си се појави по некое време. Ааа, ќе рече види, види…
ГЈ: Комшии. Први комшии.
ЗС: Ааа, тоа е тоа.
ГЈ: Таман до нас, не знам дали има. Ха, ха, ха. И супер.
ЗС: И тоа више оди докажи после дека не е смислено…
ГЈ: А бе нека пукнат, нека зборат, што сакаат нека прават, нека кршат глава.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котевски

ГЈ: Со тоа што јас сум кредитобарател на целиот кредит а он е ко-кредитобарател, тоа му доаѓа како двајцата да сме зеле заедно кредит…
ИК: Така де така…А ќе ставате по еден фрижидер во едно, друг у друг? хахаха
ГЈ: Па више купивме за двата стана фрижидери, телевизори уште неаме два ама два ќе се купат, све по два, нема кај нас тоа…
ИК: Чиста работа
ГЈ: Ние сме си многу практични луѓе
ИК: Така бе така…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котевски

ГЈ: Кредитот е еден кредит со двајца кредитобаратели значи ко-кредитобаратели двајца…
ИК: Да де да…
ГЈ: Од истата банка под истите услови
ИК: Добро…
ГЈ: И се однесува тој кредит на отплаќање на целата сума пошто тоа е и еден договор
ИК: Така де така
ГЈ: Само што се вака два простори. Ете ќе речат овие изгледа ќе се разведуваат чим поделиле све
ИК: Ако де ќе глеаме сеир… ќе видиме што ќе пишуваат ја мислам дека нешо многу многу нема да им мењаат одговориве
ГЈ: Не ама и не им врши работа ваков одговор. Да речеш не е пријавено, нешо така, нема ништо
ИК: Ама добро они нема да идат на таа варијанта, они ќе идат на патетика. Луѓе немаат леб да јадат оваа купила стан сеа купила уште два стана… тоа е тоа, они би сакале да се сите на питачки стап и на улица леб да немаат
ГЈ: Мислам тоа е нивниот главен аргумент, пријавил, непријавил од кај ти се парите и паѓа у вода…мислам ја тоа свесно сум го направила така.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котевски

ГЈ: Абе кај, кој ќе им го пренесе бе Иво, кај на Плусинфо?
ИК: Не бе шо… Плусинго, Бриф и она како им се вика а1он
ГЈ: Да, шо сакаат да праат… не знаеш шо, мислам они ќе го кажат еднаш, двапати, петпати колку шо ќе го кажат и ќе издише тоа
ИК: Толку бе толку…
ГЈ: Башка не е тоа нешо шо е сеа, од 2011 е
ИК: Да, да…
ГЈ: Значи две години поминале, не е као ја нешо кријам, праам шема.. тоае ќе ги видиме шо ќе пишат
ИК: А бе јас не сум прашал. Мислам дека знам која зграда е. Мене карши…
ГЈ: Оваа бе до нас, овде што е.
ИК: Која бе до нас што е?
ГЈ: Од прозор што ти се гледа.
ИК: Во оваа тука?
ГЈ: Да.
ИК: Ха. Леле значи што муабети вадат по град. Ја па друга мислев дека е.
ГЈ: Која бре. Дај да чујам.
ИК: Еден пријател, Ико, оној што го држеше Броз кафе…
ГЈ: Аха.
ИК: Жена ми е старосватица на жена му, не е битно, се знаат од времето. Сега има кафич не знам како му се викаше, Кино Култура ли, не знам како точно. Не ми текнува, нов е кафичот, забутан е, одма таму зад Буњаковец…
ГЈ: Аха.
ИК: Е таму у тие згради, нови што се градат, уште не се мислам дека ни вселени, таа карши него што се гледа, он ми тврдеше, вика – а бе министерката твоја земала стан.
ГЈ: Не. За жал не. Не бе овдека, оваа зграда до нас што е. Низ прозор што се гледа.
ИК: Многу далеку.
ГЈ: Мислам јас не кријам, тоа сама си кажувам.
ИК: А кај ќе биде сместен полицаецот сега?
ГЈ: На пријавница овдека.
ИК: Ха, ха. Со обезбедување ќе доаѓа на работа.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески (се вклучува сопругата на Ставрески)

ГЈ: Ало
ЗС: Горде шо праиш?
ГЈ: Ништо еве, по дома. Ти шо праиш?
ЗС: Еве со Антоанета нешо збориме за ова, за зградата па нешо мене ме прашува она, па место мене да ме гњави, ај тебе нека те гњави малце
ГЈ: Аајде
АС: Каков ми е уводот од конекторот
ГЈ: Мислам вака мислиш кој знае со каква тортура ќе се соочам
АС: Сеа ќе вииш колку е едноставно, брзо. Прво прашање, каква боја на внатрешни врати одбравте?
ГЈ: Бели.
АС: Белии?
ГЈ: Да
АС: Значи ти ко шо се во другите…
ГЈ: Па да, мислам практично таа е основната боја они шо ја нудат ама нас ни одговара.
АС: Аха. А имате идеја што намештај ќе ставате во станот?
ГЈ: Да, да, ние више и нарачавме дел…
АС: Која?
ГЈ: У дневната ни е бела кожна гарнитура…
АС: Бела кожна гарнитура, мхм…
ГЈ: Масата е нешто бордо стакло е горе и како алуминиум така нешо метално ногарки… столчињата се ми се чини пластични ама таа некоја пластика сеа као модерни биле, не знам и ја каква…
АС: Добро..
ГЈ: А кујната ни е бордо пошо нели отворено ни е таму, тука тој дел и ќе се гледа, значи бордо и
бела е комбинацијата, тоа за сега што имаме определено со метални елементи
АС: Значи ти си ја протна твојата бордо боја
ГЈ: Е па нема, ја коа ќе запнам нешто…
АС: Коа ќе запнеш… се сеќавам коа беше со точките дека таа боја нешто ти се допаѓаше…
ГЈ: Да, да, да… е па имаме така дел и од плочките, некои такви детали со бордо се знаеш, ние ги земавме тие мозаик малите и има во дел од мозаикот на бордо…
АС: На таа боја. Океј а денеска колку што ѕирнав коа поминав значи не влегов, немате вие паркет ставено…
ГЈ: Не знам ние не сме отишле би требало да стават…
АС: Значи вие сепак одите со паркет во станот не одите со плочки затоа што ја тоа што го видов немаше наредено
ГЈ: Не ние у дневната значи… дневната тој дел е паркет а ходниците, оставите тие работи, не се сеќавам за спалната дали нарачавме… еве Влатко ми довикува…
АС: Со плочки ќе одите?
ГЈ: … не паркет и таму сме нарачале
АС: Добро затоа што ако е плочка може затоа не сум видела, не видов паркет значи треба одма да видам паркет како почнува од вратата… значи за паркет…
ГЈ: Ако сте за паркет мене ми пратија две парчиња од паркетот
АС: Добро…
ГЈ: Мислам чисто знаеш за да видам како изгледа налакирано, оти има и посветла и малку по така
АС: Да, јас ги видов денеска тие две парчиња со мат и сјајно
ГЈ: Е да…
АС: И не гледам некоја голема разлика помеѓу тие две парчиња, мене скоро слично ми изгледаа
ГЈ: Па и мене, едино едното малку ко посветло ми се виде
АС: И за што се решивте, за таа големина?
ГЈ: Па за посветлото… да да, таа што беше, претпоставувам ти ги покажале истите парчиња мене што ми ги покажаа, тоа што беше по мат и посветлото парче пошо нели на бела боја посветло одговара, другото беше по на дрво по така…
АС: Да, да… и големината таа они што ја нудат…
ГЈ: Па да….
АС:…се распрашав, во куќава имаме ставено и поширок и подолг паркет, таков повеќе ми се допаѓа и ми покажаа и такви парчиња дека има само се од втора класа ама не се гледа воопшто никаква разлика со ова што е од прва класа…
ГЈ: Е па ние не ни знаевме дека има таква опција и нарачавме од другиве
АС: Добро ,е па тоа ми беа прашањата, долга бев? Изгњавив?
ГЈ: Не бе, ти остај… остав воведот батали го. Абе ние можно е во недела или да видиме Драгана коа ќе биде слободна викендов и зависи со ова у Собрание каква обврска ќе имам, може а одиме
оти она рече дека ќе… до крај на работнава недела ќе ги завршат целосно купатилата
АС: Тоа може, тоа да…
ГЈ: И со се елементи со се све, може да се види оти ние прошлиот пат коа бевме мсилам океј доста е направено ама нема нешто овака немаше нешо многу да видиш…
АС: Е па немаше многу оти кај нас посопоро оди на нашиот кат работава…
ГЈ: И последни ги прават….
АС: И последни ги прават… а доле побрзо оди работата и јас веќе а вративе коа влегов, финиширани се од први и втори неколку реда од станови…
ГЈ: И не знам дали кај вас го завршиле тоа со скалите што се внатре за на тераса, кај нас мене многу ми се допадна како ги направија…
АС: Нее, кај нас нема да може како кај вас да биде, затоа што одма е коа ќе влезеш ќе треба да удриш на скалите, така кај нас ќе биде како монтажно решение
ГЈ: Аха.. они што се извлекуваат…
АС: Што се извлекуваат да… иначе не би можело да стои, ќе одам ќе поминам следниот пат да видам како го направиле кај вас…
ГЈ: Кај нас имаше доволно простор и така не е многу стрмно нагоре како полукружно некако сеа ама фино е испаднато и терасата горе, терасата мене…
АС: Терасата е убава…терасата е убава и таа е завршена скоро. Не ми се допаѓа што не не консултирале барем нас, она што е како прикриено како собичка, многу ми е метално тоа што се рамките за стаклата на прозорите ама сега тоа е тоа…
ГЈ: Абе ние првично мислевме дека таму нема да има такви прозори знаеш…
АС: И јас не знаев дека ќе има…
ГЈ: Таков впечаток имав. И коа отидовме гледаме фактички тоа е 12 квадрати не е баш малечко
АС: Да, не е мало и јас не знаев дека ќе има соба…
ГЈ: И глеам уше едно собче плус и викам супер…
АС: Све е супер само требале да стават од тие белите исти она пластика што е за стакло прозори за да биде усогласено, така али океј
ГЈ: Да деда, више го напраиле али терасите се фантазија мислам ептен ми се допаднаа..

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција