Прислушувани разговори – сет 37: Бомба што експлодираше тивко

 

На 8 јуни 2015 година, во 37-то продолжение на „Вистината за Македонија“, СДСМ првпат не објави прислушувани снимки ниту транскрипти. Тоа е така оти мора да се почитува достоинството на граѓанското општество, кое е еден од темелите на демократијата, посочи Заев.

 

Во 37-от наврат од циклусот „Вистината за Македонија“ на СДСМ, односно 37-та прес-конференција, инаку четврта по ред одржана во Кампот на слободата пред Владата, Зоран Заев, претседателот на најголемата опозициска партија, не презентираше снимки од прислушувани разговори. Тоа беше така оти тема на ова обраќање до јавноста беше прислушувањето на граѓанскиот сектор, а како што рече Заев, „граѓанскиот, цивилниот сектор е еден од носечките столбови на демократската јавност, или барем така би требало да биде во нормална земја и должност е на сите да го почитуваме тоа“.

Наведувајќи дека материјалите ќе бидат поделени на прислушуваните, лидерот на СДСМ нагласи дека службите на Управата за безбедност и контраразузнавање, „под палките на Груевски и Мијалков во Република Македонија“ ги следеле и прислушувале и Фондацијата „Метаморфозис“, НВО Инфоцентарот, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, „Транспарентност Македонија“, Фондација отворено општество Македонија (ФООМ), „ЦИВИЛ – Центар за слобода“, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Платформата за граѓанска политика – АЈДЕ!, ФОРУМ – Центарот за стратегиски истражувања и документација, Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), „Плоштад Слобода“, како и други граѓански здруженија.

 

СЛЕДЕНИ ГЛАВНИТЕ, НЕКАДЕ И ПОВЕЌЕ ЧЛЕНОВИ НА НЕВЛАДИНАТА

Заев нагласи дека со тоа не се исцрпува бројката на прислушувани, како и дека овие здруженија биле следени со прислушување на првите луѓе на организациите или нивни активни членови. Тоа значи дека има случаи каде што во една организација се следени повеќемина граѓански активисти.

– Доволно е само да се слушнат називите на организациите чии први луѓе се следени, за да стане јасно дека станува збор за едни од најактивните организации – критички опсерватори на општествените процеси, коишто преку своите активности, посветено се борат за унапредување на различни видови човекови права загарантирани со Уставот и законите на Република Македонија – рече Заев.

Тој посочи дека преку следењето и прислушувањето на еден од најчувствителните сектори, граѓанскиот сектор – браник на правата и интересите на граѓаните, на слободната и критичката мисла, Груевски ги загрозил основите граѓански и човекови права.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, во Скопје, 08.06.2015

 

 

После оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *