Професорот Рашковски не може да се одвои од генсекот Рашковски

Фото: скриншот

Премиерот Зоран Заев, запрашан за однесувањето на генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски, на неговата прес конференција во врска со скандалот со тенедерот за опрeмa за М-НАВ, децидно се стави во одбрана на Рашковски, особено во делот дека не гледа арогантно однесување кај него и дека има право да се заканува со тужби до новинари, медиуми и политички партии

 

Премиерот Зоран Заев даде изјава во врска со случајот со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, која ја оценуваме како недоследна:

 

Прво, се работи за лична чест и достоинство. Ние сме транспарентна влада и го сакаме критичкиот осврт на медиумите, но не може некого да правите салата кога сакате и како сакате, како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството. Само така ќе бидеме нормална земја. Кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не.

[Извор: РСЕ – Заев, изјава, датум: 03.07.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев, запрашан за однесувањето на генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски, на неговата прес конференција во врска со скандалот со тенедерот за опрeмa за М-НАВ, децидно се стави во одбрана на Рашковски, особено во делот дека не гледа арогантно однесување кај него и дека има право да се заканува со тужби до новинари, медиуми и политички партии.

Заев тоа го образложи со правото на достоинство што треба да го има секој и споменувајќи го случајот, рече дека „кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не“.

Не навлегувајќи во вистинитоста на снимката на која се слуша Рашковски заедно со други лица како зборуваат да се склучи договор со италијанска фирма добавувач врз основа на резултати од тендер и на целиот случај, спорен е ставот и недоследна е реченицата на премиерот со кои го двои Рашковски како генерален секретар на Влада и Рашковски како приватно лице, индивидуа.:

Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството.

Кога Драги Рашковски се обраќа на јавноста и на прес конференција вели дека ќе покрене правни постапки за заштита на честа и угледот против одредени лица, кои ги именува со име и презиме и против политички организации – партии, Драги Рашковски не ги именува во лично својство лицата што ги споменува, туку ги става во контекст на новинари за кои смета дека со своите написи му ги нарушиле достоинството, честа и угледот.

Но, потполно е исто и со него. Новинарите што ги споменува, не зборуваме тука и за другите споменати, пишувале и пишуваат за Драги Рашковски и неговите постапки не како Драги Рашковски поединец, индивидуа, професор на Правниот факултет во Скопје, туку за Рашковски како за носител на висока функција, именувано лице – генерален секретар на Влада.

Оттука, изјавата на Заев дека Владата нема да тужела новинари, но Драги Рашковски има право тоа да го стори, е само обична флоксула и е недоследна. Зашто ако самиот Заев и други функционери на Владата и на владејачката партија повеќе пати изјавувале дека тие се тука да слушаат, а не да се расправаат со јавноста, дека мора да бидат потолерантни кон кртиките од новинарите и медиумите, тогаш постапката на Рашковски – неговите изјави дека ќе тужи новинари, не се ништо друго туку закани за тужба за новинари од висок владин функционер.

Настрана, пак, што праксата и европските стандарди покажале и препорачуваат дека избраните и именуваните лица и високите функционери треба да имаат поголем праг на толеранција кон јавнатата критика, како дел од вистинската пракса за слободата на говорот и на медиумите, за што реагираа и дел од новинарските здруженија во земјата, како ЗНМ, кое оцени дека Рашковски со своето однесување е пример како не треба да се однесува висок функционер:

Ваквите директни закани за иницирање на судски постапки кон новинари од страна на високи претставници на Владата претставуваат притисок кон новинарите што може да резултира со самоцензура.

Поради погоре наведените аргументи изјавата на Заев, особено делот дека Владата нема да тужи, ама Рашковски има право, ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.