Просторот пред ТЦ Буњаковец не е урбано уреден и хуманизиран

LDPlogo-1

Проект:

Ново урбано уредување и хуманизирање на површината пред трговскиот центар Буњаковец по целата негова должина

ОБЕАЗЛОЖЕНИЕ:

Во својата изборна програма, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во делот наречен „Инфраструктурни зафати за подигање на квалитетот на живеењето“(стр.5), меѓу другото, најави и дека ќе биде уреден просторот пред трговскиот центар Буњаковец така што тој ќе добие ново „урбано уредување и хуманизирање“. Во програмата нема појаснување што точно се подразбира под хуманизирање на овој дел, но  како што можевме да забележиме при нашата проверка на лице место (06.07.2017),  просторот пред трговскиот центар Буњаковец има нов тротоар,  а поради поставените метални столбчиња на работ од тротоарот на него повеќе нема паркирани возила. Сепак,  во интерес на коректно информирање, треба да се каже дека тоа е направено во рамките на проектот на Град Скопје реконструкција на тротоарите и велосипедските патеки на булеварот „Партизански одреди“. Од друга страна, освен новиот тротоар и столпчињата, како што може да се види ништо не е сторено за уредување на зелениот појас и за разубавување на просторот пред самиот трговски центар Буњаковец. Трева речиси и да нема, а неуредно делуваат и остатоците од некогашните огради на тревниците. Поради ваквата состојба ова предизборно ветување на Жерновски го оценуваме како неисполнето.

Така што, ако се спореди состојбата во која се наоѓа просторот пред трговскиот центар Буњаковец на почетокот и на крајот од мандатот на градоначалникот Андреј Жерновски,  се забележува подобрување на изгледот на просторот – место некогашните паркирани автомобили, искршени тротоари, дупки и нерамнини, денес на ова место просторот е асфалтиран и заштитен од непрописно паркирање.

bunjakovec 1
Фото: Вистиномер

 

bunjakovec
Фото: Вистиномер

Но, овој нов изглед на површината пред трговскиот центар Буњаковец се должи на минатогодишната реконструкција на тротоарите и велосипедските патеки што ја спроведе град Скопје. Според Законот за град Скопје, во негова надлежност е

изградба, користење, заштита и одржување на магистрални и собирни улици и други инфраструктурни објекти.

Според  тоа, реконструкцијата на тротоарот на булеварот Партизански одреди се одвивала во склад со ингеренциите на град Скопје и нема никаква врска со ветувањето на Жерновски за уредување на овој дел од центарот на градот.

Дополнително, во Отчетот за сработеното  во изминатите четири години „Центар 2013-2017“, кој Жерновски им го подели на граѓаните на Центар, и каде што се детално наведени сите реализирани проекти, градоначалникот на Општина Центар никаде не го споменува уредувањето на делот пред трговскиот центар „Буњаковец“.

Од сето ова произлегува дека, барем засега, граѓаните добија поуреден простор за движење во овој дел од градот, но не и она што беше ветено во изборната програма на  Жерновски. Поради ова,  неговото ветување за „ново урбано уредување и хуманизирање на површината пред трговскиот центар Буњаковец по целата негова должина“, го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *