Противпожарната станица во Штип не е преселена

vmro-dpmne-logo

 

Проект: Дислокација на противпожарната станица
Заради зголемен сообраќај на улиците околу сегашниот објект на Територијалната противпожарна единица – Штип, во одредени шпицови е можно е да дојде до продолжување на времето за интервенција. Од тие причини, објектот на ТППЕ – Штип ќе се дислоцира на нова локација, на булевар „Партизанска“, во непосредна близина на бунарите, со што ќе се отстранат овие проблеми. (Извори на финансирање: Донации, Рок: 2014 – 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Објектот на Територијалната противпожарна единица во Штип не е на најсоодветното место, оти поради густиот сообраќај во негова близина противпожарните возила и пожарникарите имаат проблем при тргнувањето на интервенција, поради што ќе мора да се направи нова Противпожарна станица на друга локација, порача Илчо Захариев во својата Изборна програма во 2013 година. Тој, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Штип, на 53-та страница од Изборната програма нагласи дека ако победи на локалните избори, дислокацијата на пожарникарската станица ќе биде направена во периодот 2014 – 2015 година. Со оглед на фактот дека веќе се приближуваме кон крајот на 2016 година, а Противпожарната станица во Штип не е преселена, јасно е  дека ова предизборно ветување на Захариев е неисполнето.

Првата потврда дека Противпожарната станица не е преселена во нов објект ја наоѓаме во Отчетот на градоначалникот на Штип за периодот 2013 – 2015 година, каде меѓу реализираните проекти не наидовме на информација дека станицата е преселена, односно е направен нов објект.

На Фејсбук-профилот на Илчо Захариев има фотографии за одбележувањето на Денот на пожарникарите на 20 мај годинава (2016). Во него, исто така, нема информации дека пожарникарската станица е преселена, а од самите фотографии гледаме дека станува збор за стариот објект. На веб-сајтот на Општина Штип оваа информација не ја пронајдовме.

Захариев проектот не го споменува ниту во интервјуто за „Денешен“ од 4 октомври 2016 година, во кое, инаку, набројува голем број проекти.

Прашавме и жители на Штип, кои ни потврдија дека Противпожарната станица е сè уште на старата локација, на која е со децении.

Според утврденото, а со оглед на фактот дека рокот е одамна истечен, ветувањето на Захариев за дислокација на пожарникарската станица во Штип го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *