Пругата Битола – Кременица стаса само до првиот километар

Пругата што се финансира со 20 милиони евра од европските фондови, требаше да биде завршена на 30 јули 2016 г. (според рокот наведен во тендерот) Фото: Скриншот

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛНИЦАТА БИТОЛА-КРЕМЕНИЦА КАКО ДЕЛ ОД КРАКОТ 10 Д ОД КОРИДОРОТ 10 И ИЗГРАДБА СО КРАК КОН ИНДУСТРИСКА ЗОНА ЖАБЕНИ

Со овој проект се предвидува пругата од Битола до Кременица (граница со Република Грција) во должина од 16 километри да се направи оперативна со што ќе се придонесе за подобрување на можностите за транспорт и превоз помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со реализацијата на овој проект се овозможува и железничко поврзување на индустриската зона Жабени, во близина на Меџитлија, Битола. Со изградба на крак од околу 1,5 километри ќе се овозможи поврзување на зоната со останатата железничка инфраструктура во државата, а по реализација на проектот Битола-Кременица и железничко поврзување на зоната Жабени со северниот дел на Република Грција. Со тоа ќе се направи Коридорот 10д да биде оперативен Пан-европски коридор, а не национална железничка линија која завршува во Битола, туку продолжува и се поврзува понатаму на кракот на Пан-европскиот Коридор 4 кој ги поврзува Грција и Турција и завршува на пристаништето Игуменица. Проектот ќе се финансира со ИПА средства. (Буџет: проценета вредност 20 милиони евра, РОК: 2015-2017 ГОДИНА)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма со која на парламентарните избори во 2014 година ја освојуваше довербата на граѓаните, владејачката ВМРО-ДПМНЕ вети и решавање на проблемот кој се протега повеќе децении, а беше актуелизиран и во претходни изборни циклуси – реконструкција и изградба на пругата од Битола до Кременица, односно до македонско-грчката граница. Како краен рок е наведена 2017 година, но имајќи предвид дека изградбата се одвива со многу застои и досега има поставено прагови и шини само на еден километар (од вкупно 17 километри), извесно е дека пругата нема да биде завршена во проектираниот рок, па ветувањето го оценуваме како неисполнето.
Првата најава за актуелниот проект за реконструкција и изградба на пругата од Битола до границата со Грција, ја среќаваме на 31 март 2014 година, кога тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески наведува дека првите градежни активности се очекува да почнат во втората половина на таа година.

Во текот на оваа година ќе започнат градежните работи. Постапката за надзор е објавена, целокупната тендерска документација за градежни работи е одобрена од страна на Европската делегација, очекуваме во текот на април да биде објавена. Периодот за пријавување на компаниите е 90 дена. Оваа година ќе случиме договори и ќе започнеме со градежните работи, изјави Јанакиески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Бутел.

Следното што го дознаваме е на 15 април истата година е дека е објавен тендерот, кој е отворен до 15 јули таа година, а европските пари, односно средства од ИПА се обезбедени. На 20 декември 2014 година дознаваме дека е завршен тендерот и како изведувач е избран конзорциум од бугарски фирми, кој работите треба да ги почне на почетокот на 2015 година и тие да завршат до крајот на јули годинава.
На 21 март 2015 година, пак, на партиски митинг во Битола, тогашниот премиер Никола Груевски кажува оти се  очекува во април или мај таа година да почнат градежните активности и дека во вкупниот проект македонската влада ќе учествува со околу 15 отсто од вредноста. Сепак, првите прагови и шини се поставуваат дури во јуни годинава, при што се информира дека изградбата би завршила до почетокот на декември годинава.
Но, работите се комплицираат. Веќе на 22 август годинава, телевизијата Орбис известува дека работите се прекинати, оти фирмите подизведувачи кои работеле за една од четирите фирми од бугарскиот конзорциум што треба да ја гради пругата, не ги добиле ветените пари за дотогаш извршените работи. Во тој момент веќе е пробиен рокот зададен во тендерот за реконструкцијата на пругата во должина од 17 километри и дополнителни зафати, односно крајот на јули 2016 година.
tablata-za-prugata
Дека 30 јули 2016 година како рок ќе биде запазен, инаку, вели и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, на 4 ноември 2015 година.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на битолското село Новаци истакна дека железничката пруга од Битола до Кременица интензивно се реконструира. Според неговите зборови, реконструктивниот зафат треба да се комплетира навреме, поради тоа што на самата траса се работело ефективно. Во изминативе девет месеци, изведувачот ја отстрани досегашната нефункционална пруга во должина од 17 километри, но започна и со рехабилитација на дел од мостовите и реализира дел од земјените работи за изведба на долниот строј од новата едноколосечна пруга. Инфраструктурниот проект вреден 19,9 милиони евра треба да се комплетира најдоцна до 30 јули 2016 година.

На 31 август годинава, телевизијата Алсат М известува дека не се работи на трасата, а од вкупната должина од 17 километри, прагови и шини има само на првиот километар од битолската Железничка станица во правец кон Кременица. Тампонирана со крупен чакал, пак, идната пруга е само во должина од еден километар од прекинот на шините а потоа завршува „трагата“.

На пробивањето на рокот од тендерот укажува и Благој Бочварски на партиска прес-конференција на СДСМ на 27 септември годинава, на која потенцира дека рокот е истечен, работите се во прекин, а дотогашната реализација изнесува 30 отсто.

Имајќи предвид дека работите на пругата прилично се пролонгираат – досега е направен само еден километар, како и тоа дека рокот за нејзиното завршување даден во тендерот кој се реализира од ИПА фондовите е истечен (30.07.2016), шансите да се заврши целиот проектот во рокот (2017) наведен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, се речиси исклучени, ветувањето го сметаме за неисполнето.

 

 ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција